(ВИДЕО) Турција ја почна изградбата на „најголемиот аеродром во светот“
Објавено во: Балкан 08 Јуни, 2014 11:09
Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган го постави камен-темелникот на новиот, трет аеродром во Истанбул, кој се најавува како „најголем аеродром на светот“.
Со капацитет за 90 милиони патници, паркинг-зона за 500 авиони и површина од 76 милиони квадратни метри, аеродромот е еден од најамбициозните турски градежни проекти за следните години, кој се проценува дека ќе чини околу 22 милијарди евра.
„Ние не градиме само аеродром, ние градиме споменик за победата“, изјави Ердоган на церемонијата за почетокот на градежните работи.
Двата досегашни аеродроми во Истанбул во 2013 година опслужија вкупно 70 милиони патници, но нивниот капацитет е веќе доведен до крајни граници. Проценките се дека за 20 години, сообраќајот само на истанбулските аеродроми ќе надмине еден милион авиони и 118 милиони патници годишно.
Првиот дел од новиот аеродром се очекува да биде пуштен во октомври 2017 година, на турскиот Ден на републиката. Аеродромот ќе биде поврзан со центарот на Истанбул преку нов автопат, нов трет мост преку Босфорот, и железница.
Конзорциумот Ченгиз - Колин - Лимак - Мапа - Калјон, составен од турски компании, го доби тендерот за изградба на третиот истанбулски аеродром во мај 2013 година и вети дека на државата ќе и плати 22.1 милијарди евра плус даноци за да ја добие концесијата за да управува со аеродромот во период од 25 години по 2017 година.
Аеродромот ќе биде и базна станица за турскиот национален авиопревозник Туркиш Ерлајнс, кој е една од најбрзорастечките авиокомпании во светот, која во моментов лета до 208 меѓународни дестинации.
Аеродромското здание се планира да биде голем комплекс со четири терминали, во посебни згради, меѓусебно поврзани со железнички систем, осум контролни кули, ќе може да опслужува секаков тип на авиони, а во негов склоп ќе има и хотели и конгресен центар.
Но, плановите за негова изградба предизвикаа загриженост кај екологистите затоа што аеродромот е предвидено да се гради во пошумена област, во близина на езерото Теркос, кое е еден од шестте главни резервоари што го снабдуваат Истанбул со вода за пиење. Затоа еколошките здруженија организираа и протести, но не успеаја да го спречат почетокот на изградбата на објектот.
„Оние што излегоа на улиците лани не беа свесни дека се искористувани како пиони додека Турција слави историски достигнувања. Исто како што нашите пријатели нè гледаат со гордост, нашите непријатели ја гледаат оваа церемонија со фрустрација затоа што не беа во можност да го запрат овој проект“, рече Ердоган.
Сепак, во трката за титулата „најголем аеродром во светот“, третиот аеродром во Истанбул е конкуренција на Ал Мактум Интернешенал аеродромот во Дубаи, кој беше отворен во октомври лани, а е најавено дека се очекува да достигне 160 милиони патници годишно. http://www.youtube.com/watch?v=Aq82Bi0QZBkМожеби ќе ве интересира
„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација
Во времето на Тито, за некој овие пари беа една плата: Никој не успеал да ја фалсификува „сивата гулабица“, а еве која е мистериозната жена од банкнотата
Голем пожар во Хрватска; На местото на настанот беа повеќе од 60 пожарникари, се слушаа експлозии




