Vip успешна приказна: „Везе Шари“ - компанија која вложува во луѓето, стандардите и во иновациите
Објавено во: Економија, VIP успешни приказни 25 Декември, 2018
Таа е една од најдобрите македонски компании ако растот е критериум. Стартот во 2002 година бил амбициозен, па за неколку години „Везе Шари“ од мала фирма прерасна во голема живинарска фарма. Визијата ги однесе сопствениците кон нова фирма за производство на сувомеснати производи, познатиот „Лекер“, а од пред неколку години во склоп на „Везе Шари“ функционира и биогасната централа „Електро Шари“. Идејата и оптимизот ги гради сопственикот Арбен Абдурахмани, а за Фактор успешната приказна ја раскажа актуелниот директор Абдулезел Догани. Тој е инспиративен оти е искрен кога вели дека на патот имало и пречки, ама дека влогот во луѓето, во почитувањето на стандардите и во иновациите секогаш ги водел кон врвот.
„Везе Шари“ не е целосно македонска инвестиција. Пред да ја отвори фармата во тетовското село Требош, Абдурахмани работел во Германија, па дел од влогот е и на германскиот партнер. Германското искуство сепак се покажа како голема предност подоцна во градењета на компанијата. Во 2002 година Везе Шари е мала фарма, за три години имала 120.000 кокошки, сега 180.000.
Греманска е и пораката за успех. Партнерот од Германија на Абдурахмани на почетокот му порачал никогаш да не изгради ладнилник и платата за вработените секогаш да е на време.
„Ако правиш ладилник тоа значи дека можеш да ги чуваш производите. Ако ги чуваш, тоа значи дека не ги продаваш, а ако не ги продаваш на први немаш плата, раскажува Догани.
Кога зборува за почетоците и за моделот за успех Догани вели дека важно е што компанијата технолошки била напредна, ама и почнала на добро анализиран пазар.
„Во поранешна Југославија, па и во Македонија до тогаш се произведуваа црвени јајца. Сопственикот одлучил да настапи со бели јајца, па визуелниот ефект бил она што прво го привлекол купувачот иако се разбира на светско ниво тоа не е ништо ниво. Секако станува збор за исклучително квалитетни јајца, секогаш свежи и консументите веднаш го препознале тоа, вели Догани.
Друг момент е кога „Везе Шари“ одлучува да прави пакувања од по 10 јајца кои во малопродажбата доста се купувале особено што во тоа време тој концепт станува посоодветен за поголемите маркети каде граѓаните се почесто пазаруваат.
„Везе Шари“ произведува 32 милиони јајца годишно, но моментно во тек е подготовка на амбициозен план со малку поинаков начин на стопанисување со кој оваа бројка ќе се зголеми.
Во меѓувреме, односно во 2006 година во компанијата се наметнало прашањето што со кокошките кои веќе не носат јајца, па сопствениците одлучуваат од нив да се преработуваат сувомеснати производи. Така настанала фабриката „Лекер“, која сега освен пилешко преработува и говедско месо. Таа има мешовит капитал – германски и македонски.
„Кокошките цело време произведуваат ѓубре. Зошто да се фрла и тоа. Во една фаза „Везе Шари“ влезе и во друга инвестиција па со субвенции од државата, почна да функционира биогасната централа „Електро шари’, вели Догани.
Тој сведочи оти со сопствен бизнис план, „Везе Шари“ зел под концесија 650 хектари обработливо земјиште во Прилеп на кое веќе три години се произведуваат примарни производи, зрнеста храна за исхрана на кокошките и силажа за потребите на „Електро шари“.
Сега во компанијата има над 140 вработени, но планот за раст не запира овде. Според проекциите наскоро треба да се отвори и фарма за јунци, па за три до пет години да се стигне до 4.000 јунци годишно.
Догани вели дека во фирмата не помислуваат да се откажат, во ниту еден момент, иако некои проблеми со кои се соочуваат домашните компании не се непознати и за нив.
-Jас не би ги нарекол пречки, но сме се соочувале со проблеми цело време. Влезот на пазарот како нов бренд и странска инвестиција бил тежок во тоа време. Навиките на луѓето, недовербата не им дозволувале на инвеститорите многу брзо да растат. Честите избори и честите промени на регулативата исто така се нескладни со предвидливоста на бизнисот, вели Догани.
Везе Шари е извозна компанија, а извозот во најголем дел е во Хрватска и во Грција. По одобрението од Американската војска, компанијата станала добавувач и на НАТО. За нив јајцата се прават по посебни стандарди, согласно барањата на воената алијанса.
„Извезуваме за НАТО војската во Косово и во базата во Турција. Два пати годишно тимови оттаму доаѓаат на мониторинг кај нас за начинот на производство. Се бараат посебни сигурносни мерки, видео надзор, да нема нешто надвор од производството на јајца и се врши испитување на квалитетот на јајцата согласно тие нивни стандарди. Избрани сме затоа што можеме да ги исполниме барањата. Вие во Турција имате огромна индустрија за производство, но сепак јајцата се купуваат од тука, вели Догани.
Тој е дециден дека компаниајта се развивала и оти постојано е фокусирана на модернизација, на новите технологии.
„Да функционираш без модерната технологија, тоа е невозможна мисија. Во „Везе Шари“ еден човек го контролира комплетното производство на смена, или тројца луѓе ја вршат контролата во текот на 24 часа. А таа технологија не функционира без користење на алатки. Мора да имате фантастичен интернет, за да може цело време да вршите мониторинг на производството. Мора да користите и мобилни телефони бидејќи од тука се врши централната координација на сето тоа што се случува во фирмата. Одржувањето на посебните машини го вршат посебни одржувачи од Австрија и тие се цело време достапни преку технологија. Се разбира не доаѓаат тука туку се вклучуваат на телефон или преку мрежа. Доаѓањето е скапо и чини време, а во бизнисот секоја изгубена минута се изгубени пари. Тоа ни го овозможува брзиот интернет од Вип. Целиот пакет на услугите кои ги добиваме од Вип се нешто без кое немаше да растеме, вели Догани.
Она што е новитет, а без кое сега не можат да го замислат работењето е централната контрола на системот за наводнување на земјиштето во Прилеп.
„Купивме уред со ГПРС од Вип и преку посебен софтвер, преку телефон ги даваме командите за тоа кога треба да се пушти водата, како се движи системот, колку вода пушта. Тоа е врвна технологија, достапна и во Македонија, не е скапа, а е доста корисна, раскажува Догани.
Нивната приказна ќе се раскажува уште долго, оти имаат визија за растот.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.