Добивај вести на Viber
Жителите на општина Сопиште остануваат жртви на проектот Сончев град. Поради изградбата на Сончев град, во Сопиште комплетно е уништена инфраструктурата по која секојдневно минуваат неколку илјади граѓани, а засега не се превзема ништо за нејзино целосно санирање, туку со мали зафати се крпи речиси целосно пропаднатиот коловоз од едната страна на патот.
Повеќе од една година, главниот пат што Сопиште го спојува со градот, останува комплетно уништен, поради зафати што се правеа за проектот Сончев град.
[button color="red" size="big" link="http://faktor.mk/2015/08/31/galerija-vo-sopishte-se-vozi-po-patot-na-uzhasot/" ]ГАЛЕРИЈА: Кон Припор и Сопиште по „Патот на ужасот“![/button]
Регионалниот пат, односно улицата Христо Татарчев, на потегот од населбата Кисела Вода до Сопиште, е целосно уништен, и само повремено се крпи. Едната лента од патот е практично надвор од употреба.
Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека доправа ќе се прави план за реконструкција, но не откриваат ниту кога тоа ќе се реализира, ниту дали повторно ќе се крпи само едниот дел од коловозот или пак ќе се постави комплетно нов асфалт на целиот потег.
„За регионалниот пат од Сопиште – Припор (Кисела Вода) во должина од 4,5 км во тек на 2016 година ќе се изработи проектна документација и по комплетирање на истата ќе се пристапи кон реконструкција на тој дел од патот,
велат од Јавното претпријатие за државни патишта, во чија надлежност е патот.
Засега има само најава дека ќе се прави патот од Сопиште кон Говрлево.
„За рехабилитација на делницата од регионалниот пат Сопиште-Говрлево во должина од 7км во тек е евалуација на доставените понуди. По избор на Изведувач и потпишување на Договор во рок од 4 месеци патот ќе биде рехабилитиран. Проценетата вредност на инвестицијата е 650 илјади евра со вкучен ДДВ,
додаваат од ЈП за државни патишта.
Во овој тендер не е вклучен делот од патот на потегот од Кисела Вода до Сопиште, кој е уништен поради изградбата на Сончев град. Во време кога Владата се фали дека се инвестираат историски наголеми суми во инфраструкрата, состојбата на терен покажува дека добар дел од патната инфсраструктура, како што е овој пример со патот во Сопиште, останува надвор од приоритетите на власта, иако повеќе од една година е еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваат жителите на оваа населба.
Дека инвестициите во инфраструктурата слабо се реализираат покажаа и податоците од буџетот за првите четири месеци од годината.
„Капиталните расходи се реализирани помалку од планираното, што покажува дека суфициот во буџетот што се појави во април, се должи токму на таа ставка. Ако се анализира минатата година , може да се забележи дека капиталните расходи, посебно во делот на инвестициите, во делот на градежништвото беа главни, кои го движеа растот на економијата за минатата година, и ако истите не беа реализирани со ова темпо, економскиот раст сигурно ќе беше помал од она што беше реализирано. Затоа штедењето на капиталните инвестиции може да предизвика поголема штета од добиената корист“, вели
Благица Петрески од Финансе Тинк
Од вкупно планираните 412 милиони евра за капитални инвестиции, каде влегува и изгрдбата на инфраструктурата, за четири месеци реализирани се едвај 68 милиони евра, или нешто повеќе од 16 отсто.
С.Н.