Добивај вести на Viber
Бугарската компанија „Минстрој” и официјално е новиот концесионер на рудниците за олово и цинк Тораница и Злетово. Оваа одлука била изгласана вчера на владина седница, а денеска ќе се објави и во Службен весник. Заменик-министерот за економија
Христијан Делев за Фактор изјави дека на аукцијата за јавно наддавање учествувале три компании бугарската „Минстрој”, руската „Солвеј” преку рудникот „Бучим”, и Градежниот институтот. Делев тврди дека јавното надавање било согласно законските прописи, а елиминираните компании имаат право на жалби.
-Прво да појаснам дека концесијата ја дава Владата на РМ, а Министерството за економија е иснтрумент и ја спроведува аукцијата. На владината седница беше донесена одлуката за доделување на концесијата на бугарската компанија Минстрој. По објавувањето во Службен весник, компаниите ќе бидат и писмено известени за одлуката, и веќе од денес тече рокот за поднесување на жалби кој ќе трае седум дена. Во Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија на рудниците имаше 10 члена од релевантни институции, имаше големо наддавање и сумата која ја понуди бугарската фирма беше пет пати повисока од првичната. Во текот на утрешниот ден ќе имаме прес конференција заедно со новиот концесионер на која ќе присуствуваат и рудари од двата рудника и тогаш ќе се презентира и документацијата, вели за Фактор Делев.
Делев вели дека овој период треба да заврши стечајната постапка и за два месеци рудниците ќе се рестартираат. Вкупните побарувања се осум и пол милиони евра, за двата рудници. Проценката на двата рудници е направена и изнесува 7,5 милиони евра.Според најавите првата фаза ќе почне во јуни и за 3 месеци концесионерот ќе може да ги ангажира поголемиот дел од вработените во овие два рудника, и тогаш треба да се вратат на работа рударите. Бугарската компанија „Минстрој”, ќе стопанисува со рудниците 30 години, a годишно понудила да плаќа по два милиони евра.
Двете елиминирани компании сметаат дека тендерот е незаконски
Во меѓувреме двете елиминарани компании од Србија и Велика Британија поднесоа жалби до Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија на рудниците. Тврдат дека се незаконски елеиминирани, целата тендерска постапка дека е сомителна и треба да се испита по кој основ е направена елиминацијата.Од двете компании српската „Металфер” и британската „Минеко” велат дека имале комплетна тендерска документација, но дека се обесправени. Тие се сомневаат дека на две од трите компании кои не биле дисквалификувани им биле вршени притисоци да не учествуваат во јавното наддавање, што според нив отвора соменж како се спровело јавното наддавање.
Претходно со рудниците стопанисуваше индиската компанија „Индоминерали”, но лани во ноември Министерството за економија еднострано го раскина договорот за концесија за експлоатица на руда со „Индоминерали”, поради неплаќање концесиски надоместок за експлоатација на минерални суровини, а рудницте отидоа во стечај. Рударите неколку пати штрајкуваа поради неисплатени плати и лоши услови за работа. Во давата рудника има околу 1.000 вработени.
Т.С