Владата ја одложи гасификацијата на земјата за една година
Објавено во: Економија 09 Декември, 2021 07:25
Владата донесе одлука за одложување на постапка за доделување на договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство за гасификација на земјата за една година. Рокот од 24 месеци, воспоставен пред две години, сега е 36. Тоа значи дека гасификацијата во населените места требаше да започне во наредниот период, но сега на рокот му се додава уште една година.
Ваквата одлука била донесена откако на една од последните владини седници се рразговарало за продолжување на рокот за изборот на тоа која компанија како приватен партнер ќе го донесе гасот во домовите и останатите потрошувачи преку изградба и одржување на гасната мрежа.
Владата една година одбира помеѓу турските компании „Акса Догалгас Дагити А.С.“ и „Палмет Енерџи Аноним Ширкети“ за воспоставување на јавно приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас низ Македонија, откако претходно заврши првата фаза на конкурентен дијалог за доделување на договор
- Во однос на роковите, во првата одлука рокот за завршување на постапката беше 24 месеци, со последната одлука рокот се продолжува на 36 месеци поради негативните последици од Ковид, мерките за ограничување на движењето и прогласените вондредни состојби, гласи објаснувањето кое го добивме од Министерството за економија, под чија надлежност е изборот на приватниот оператор за гасифицирање на земјата.
Инаку одбраната компанија, според условите од договорот, ќе треба да инвестира 300 милиони евра за гасификација на населените места низ земјата.
Оној што ќе го добие 35-годишниот договор ќе има право да менаџира и да остварува приход од системот со обезбедување на загревање на јавните установи, како и на комерцијалниот сектор и домаќинствата. Во најраната фаза ќе треба да ги гасифицира Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Неготино, Прилеп, Свети Николе, Штип, Битола, Гостивар, Тетово, Кратово и повеќе рурални средини во непосредна близина.
Компаниите уште пред една година ја минаа фазата на евалуација на пријави за учество, односно евалуација на нивната економско- финансиска способност, како и техничка способност во согласност со критериумите кои беа наведени во тендерската документација.
Владата во декември 2019 година донесе одлука за започнување на постапка за доделување на договор на приватен партнер кој ќе го изгради и потоа ќе наплаќа од дистрибутивниот систем на природен гас во земјата, додека паралелно државниот НЕР ги гради магистралните гасоводи и интерконективните приклучоци.
Според критериумите, компаниите треба да имаат најмалку 150 милиони евра годишен приход во последните три години. Инвеститорот за четири години треба да изгради најмалку 50 отсто од мрежата во градските општини и најмалку 20 отсто во руралните општини.
Договорот ќе го добие оној кој ќе понуди најмала висината на надоместок за приклучок кај крајните корисници, а критериум ќе биде и висина на надоместок за концесија и времетраењето на изградбата. Според владината одлука, приватниот партнер ќе плаќа за договорот доделен од државата така што ќе издвојува однапред предвиден процент од годишниот приход.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?
Кои европски земји имаат најниски нивоа на БДП по глава на жител?
Ристески објасни како од 1 јануари ќе ја пресметуваат просечната потрошувачка кошничка
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје




