Владата соопшти дека се работи за 450 Авганистанци кои ќе пристигнат неделава
Објавено во: Македонија 17 Август, 2021
Владата на Република Северна Македонија продолжува со интензивна координација со сојузничките НАТО сили, со амбасадата на САД во земјава и со меѓународните организации во рамки на меѓународната спасувачка и хуманитарна мисија за прифаќање и спасување на авганистанското цивилно и миротворно население.
„Во овој момент Владата има преземено обврска за прифаќање на 450 граѓани од локално населените од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
Најголем дел од 450-те граѓани кои се очекува да пристигнат до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се координирани и организирани од страна на американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ). Владата донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.
Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, на брз и ефикасен начин да ги завршуваат сите оперативни, безбедносни и административни обврски за прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за нивно спроведување до хотелските капацитети во кои ќе бидат сместени. Владата апелира за внимателно, одговорно и точно информирање во врска со меѓународната хуманитарна мисија за која Северна Македонија презеде иницијатива за вклучување и помагање. Никој нема право да ги плаши граѓаните со неточни, опасни и искривени информации како што се оние дека наводно земјава ќе ја населеле Талибанци екстремисти“, соопштија од Владата.
Граѓаните од Авганистан ќе пристигнат со прецизно организирани авионски летови, истите се вработени или членови на семејства на вработени на локални и меѓународни демократски мисии и воопшто не се нелегални мигранти, тие нема да бидат сместени ниту во прифатниот центар во Гази Баба, ниту во новите превентивни капацитети во Бардовци.
„На Северна Македонија не и се случува никаква мигрантска криза, напротив, Северна Македонија е дел од голема светска хуманитарна акција за спасување на авганистанско мирољубиво население кое е под опасност од екстремистичките талибански структури. Во исто време, македонските граѓани кои беа регистрирани на аеродромот во Кабул се качени на воените летови и трансферирани во Доха (Катар) и Абу Даби (ОАЕ). Сите наши граѓани се на безбедно, а дипломатската мрежа на Министерството за надворешни работи во овие земји е во директен контакт и тие наскоро продолжуваат кон Скопје“, додаваат од Владата.
Според последните информации, 14 наши граѓани сѐ уште се наоѓаат во НАТО базата во Кабул и согласно распоредот за евакуација, дел од нив се очекува до утре да бидат безбедно транспортирани. Тројца остануваат во НАТО базата, согласно нивниот распоред на обврски.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.