Владата во кризата ќе им исплаќа плати на „Германци и Американци“, но не и на добростоечки македонски компании
Објавено во: Економија 29 Октомври, 2020
Собранието синоќа го објави предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза за исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември по скратена постапка, во кој пишува дека сите компании кои имаат збирна добивка од 10 милиони евра во 2017, 2018 и 2019 нема да добијат ништо од 70-те милиони евра предвидени за оваа мерка, дури и ако го исполнуваат условот со опаднат бизнис во 2020.
Од друга страна тоа нема да важи за компаниите кои имаат над 2.000 вработени и тие ќе добијат од 12.500 до 21.776 денари за своите работници за месеците октомври, ноември и декември. Општопознато е дека над 2.000 работници имаат само странските инвеститори од Германија и САД како „Кромберг и Шуберт“, „Дракслмајер“, „Адиент“ и евентуално уште некои други.
„Финансиска поддршка за исплата на плати не може да користи работодавач кој во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година има кумулативно акумулирани добивки поголеми од 600.000.000 денари.
По исклучок од ставот (1) на овој член работодавачот кој има повеќе од 2.000 вработени лица во месецот за кој користи финансиска подршка а во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година има кумулативно акумулирани добивки поголеми од 600.000.000 денари, може да користи финансиска поддршка за исплата плата согласно овој закон“, се вели во законот.
Поднесувањето на барањата за оваа помош до УЈП треба да започне до 7 ноември. За да ги добие овие средства, на работодавачот треба да му е опаднат бизнисот за 30 отсто од април 2020 споредбено со истиот период лани. Бројот на вработени во месецот за кој се бара финансиска поддршка од овој закон да е ист или поголем со бројот на вработени заклучно со месец август 2020 година.
Износот на платите се определува според процентот на намалувањето на приходот искажан, па така за намален приход од 30 до 40 отсто се добива 14.500 денари. од 40 до 50 проценти до 15.955 денари, од 50 до 60 до 17.410 денари, од 60 до 70 следува износ до 18.865, од 70 до 80 отсто е 20.320 денари, а над 80 проценти е 21.776.
Бројот на вработени не смее да се намалува додека трае помошта, а два месеци после завршувањето не смее да се намали за повеќе од:15 проценти во компанија до 50 вработени, 10 отсто за фирма од 51 до 250 вработени и 5 проценти за друштво со над 250 вработени.
Во зависност од неговата големина, глобите се во износ од 500 до 10.000 за претпријатието доколку исплатило пониска плата од износот на примената финансиска поддршка, а има предвидени казни и за одговорното лице.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.