ВЛАСТА СЕ „КОЛНЕШЕ“ НА ШТЕДЕЊЕ, АМА ВРАБОТУВАЊАТА НЕ ГИ СТОПИРА - лани имло 1.500 нови приеми во јавниот сектор
Објавено во: Македонија 08 Април, 2021
И во пандемиска година не престанале вработувањата на државни јасли. Полнењето со нови работници во институциите на државната и во локалната власт си продолжило уредно, иако заради пандемијата еден период биле стопирани постапките.
Дури
1.500 наши сограѓани успеале да добијат вработување во јавниот сектор во
минатата, 2020 година, е заклучокот кој може да се изведе доколку се погледне
ланскиот извештај за работењето на Агенцијата за администрација.
Ова покажува дека власта иако се „колнеше“ на штедење, особено за администрацијата во ланската кризна година, сепак, не била толку штедлива во делот на вработувањата.
Дел од тие вработувања, односно 457, се должат на почнати постапки од претходната 2019 година, додека, пак, постапки за 1.005 вработувања во јавниот сектор имало во 2020 година.
Или, на стартот на ланската година, во Агенцијата за администрација биле затекнати 189 постапки за вработување, кои не биле завршени и требало да продолжат. Од нив, 156 постапки завршиле со објавување одлука за избор, 19 постапки не се спровеле до крај затоа што немало квалификувано кандидати, и 14 постапки биле запрени по барање на институциите за кои биле објавени огласите.
Од тие 156 постапки кои завршиле со одлука за избор, 90биле почнати на барање на државната власт, додека, пак, 66 постапки биле барани од локалната власт.
Притоа, биле избрани за соодветните работни места 457 кандидати, од кои 319 лица всушност се вработени во некоја од државните институции, додека, пак, 138 кандидти нашле свое вработување или во општините, или во од нив основаните јавни претпријатија.
Притоа, интересно е да се спомене дека во државната управа, од тие вкупно 319 пимени, 43 добиле раководни позиции, 229 се вработиле на стручни позиции, додека, пак, 47 се на помошно стручни места. Во општините, пак, и во нивните јавни претпријатија, вработување нашле 15 раководители, 88 се стручни и 35 се за помошно стручни работни места.
Вака всушност изгледа табелата на вработувањата.
Барањата од државните и јавните институции за нови вработувања продолжиле и минатата година. Иако, како што стои и во извештајот, дел од нив биле стопирани поради таков заклучок на владата, со цел да се намалат непродуктивни расходи во пандемиска година, но по тој основ биле стопирани само три барања за објавување на јавен оглас.
„Во 2020 година беа обработени вкупно 379 барања, за кои согласно Законот за административни службеници, беа објавени вкупно 350јавни огласи за вработување. За 29 барања не беше објавен оглас, и тоа: 15 барања беа запрени по барање на институциите кои ги поднеле, пет барања беа запрени бидејќи странката не е заинтересирана за продолжување на постапката, шест барања се одбиени поради недостатоци во самите барања, и три барања се одбиени со Решение заради донесен Заклучок на Владата за намалување на непродуктивните расходи поради справување со здравствено - економската криза, со кој во јавниот сектор времено се забрануваат нови вработувања, нови ангажирања преку агенции за привремени вработувања и нови договори на дело“, се вели во Годишниот извештај на Агенцијата за администрација.
Објавените 350 јавни огласи за вработување биле за 1.005 вработувања, односно извршители. Од нив, пак, 196 огласи биле на барање на државните институции, и тоа за 597 извршители, додека, пак, 154 огласи биле на барање на општинските власти, и тоа за 408 извршители.
Според категориите на работни места, биле објавени 127 места за раководни административни службеници, и тоа 81 работно место за државната власт и 46 работни места за локалната власт.
Потоа, 615 извршители ќе бидат стручни административни службеници, а 263 вработувања ќе има како помошно-стручни административни службеници.
А, Агенцијата за администрација, во својот Годишен извештај за минатата година, дава и податоци за тоа колку од овие 1.005 вработувања во 2020 година на која етничка заедница и припаѓаат, односно според бројот на извршители по припадност на заедница.
Па така, од распошаните огласи за вработување излегува дека 582 распишани огласи се за вработување на Македонци, што е 57,91 отсто.
Додека, пак, интересно е дека имало огласи за прием на 293 Албанци,или 29,15 проценти, што е за над девет процентни поени повеќе од 20 отсто, колку што треба најмалку да бидат вработени во администрацијата според Рамковниот договор, односно правичната застапеност што тој ја гарантира.
Потоа, вработени се и 51 Турци, или 5,07 отсто, 39 Роми или 3,88 отсто, 21 Србин или 2,09 отсто, 7 Бошњаци,или 0,7 проценти и 12 од други етнички заедници или 1,19 отсто.
„Со прогласувањето на пандемијата предизвикана од коронавирусот, со Одлука за мерките со која се забрани одржување на настани, односно собирање на повеќе од две лица на јавни места,постапката за вработување на административни службеници во еден временски период од 2020 година беше во мирување, а подоцна се спроведуваше во изменети услови, со редуцирање на капацитетите за полагање на испит за административен службеник и однапред дефиниран протокол за спроведување на проверката на веродостојност на докази и интервју“, се објаснува меѓу другото, во Извештајот на Агенцијата за администрација.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.