Влатко Сулев- Македонија може да биде лидер во гастро туризмот
Објавено во: Колумни 25 Август, 2025 08:23
Македонската храна е нешто што не двои од останатите земји, посебно во ера на индустриски производи и fastfood-култура, во услови кога сѐ повеќе светските туристи бараат уникатно и автентично гастро искуство. Македонија може да биде барана дестинација каде се патува со срцето, но преку стомакот!
Во многу земји во светот домашна, органска, сезонска храна е нешто што или го немаат или е многу скапо. Нивните пазари можеби убаво изгледаат, можеби производите се големи и убаво наредени, но не се вкусни! Рестораните можеби се убави и луксузни, но прескапи и недостапни за голем процент на луѓе.
Во нашата земја сѐ уште можеш да отидеш во убав ресторан, да јадеш фантастична храна, а да не те чини премногу. Во нашата Македонија оригинална храна има во изобилство – од струмичките пиперки, ресенските јаболки, беровскиот компир, преку биено сирење во Мариово, до најчистите медови од Радовиш. Храна со исполнет вкус, природна, која кога ќе дојде сезона е вистинско богатство. Специјалитетите како на пример, макало, турлитава, тавче гравче, полнети пиперки, ајвар... итн. се посебна гурманска приказна. Не сме свесни колку оваа наша храна е убава, колку вреди! По неа сме препознаени на Балканот, но тоа недоволно го искористуваме. Да имаше прилика легендарниот готвач Ентони Бордејн да ја посети Македонија, верувам дека ќе направеше убава емисија за нашата земја.
Да бидеме реални, храната е едно од најголемите задоволства кои воопшто постојат, и причина повеќе некаде да се отпатува. Но, потребни се и стандарди, контроли, кој сѐ може и треба да се бави со кулинарство.
Словенската традиција измешана со ориенталното влијание е вткаена во едно гастрономско платно наречено македонска храна, каде тавче-гравчето е подеднакво култно колку што е и мусаката или селската тава. Македонската кујна е жив доказ дека историјата не се чита само во книги, туку се дегустира.
Па, ако ова е навистина така, зошто тоа да не го искористиме како наша предност, и тоа да го претвориме во приказна што ќе се прераскажува.
Во време кога патниците повеќе не бараат само луксузни хотели или скапи сувенири, туку автентични искуства што ќе им го разбудат секое сетило – гастро туризмот стана еден од најбрзорастечките сегменти во светскиот туризам. Македонија, скромна по површина, но со бескрајно богатство во кујната, има сериозен потенцијал да стане лидер на Балканот, а можеби и пошироко, токму во оваа туристичка ниша.
Нема сериозен гастро туризам без добро вино. А ние, иако слабо го комуницираме, сме винска земја со традиција подолга од многу европски држави. Тиквеш, Скопската котлина, Повардарие – региони со микроклима што им конкурираат на најдобрите лозарски подрачја во светот. Ако Грузија успеа да се ребрендира преку своето вино – зошто не и Македонија?
Туристите кои ќе седнат во некое планинско село и ќе добијат ракија, топло лепче и едно искрено „повели“, тоа го помнат повеќе од било кој Michelin ресторан. Гостопримството што македонскиот селанец или домаќин го нуди не се учи на обука – тоа е дел од нашиот карактер. И токму тој фактор гостопримството и пријателски настроениот народ е она што најмногу ги враќа туристите назад.
Но, не е доволно само да имаме добра храна. Потребна е стратегија! Туристички рути базирани на гастро искуства, гастрономски фестивали што ќе бидат повеќе од вашарски кебапи, соработка меѓу млади шефови и локални производители, дигитално мапирање на автентични места за јадење, па дури и кулинарски работилници за странци.
Македонија можеби нема море, но има алтернатива – кујна што спојува светови. Ако тоа го разбереме навреме, нема да бидеме само станица на патот – туку крајна дестинација за оние што патуваат со срцето, преку стомакот.
BestTourismVillages – рамка за рурален и гастро напредок
Иницијативата „BestTourismVillages“ на Светската туристичка организација (UNWTO) препознава и наградува рурални средини што со туризмот го чуваат културното наследство, го поттикнуваат локалното претприемништво и применуваат одржливи практики. Ова е одлична рамка во која нашите гастро приказни стануваат дел од поголема национална стратегија.
Што значи тоа за Македонија? Дека општини со силна гастро и занаетчиска традиција – како Крушево, Кратово, Берово, селата во Мариово, Галичник, Вевчани – можат систематски да ги соберат доказите за квалитет (локални производи со јасно потекло, активности со заедницата, одржливо управување со посетители) и да аплицираат. Дури и ако не се избере село веднаш, процесот на кандидатура создава стандарди, чеклисти и партнерства што остануваат како капитал.
Практичните чекори се јасни:
1. да се изберат 3–5 села со силен гастро идентитет;
2. да се курираат 48–72 часовни рути „од нива до трпеза“ (винарија, млекарница, работилница, маркети);
3. да се воспостави локален „кодекс на автентичност“ – чиста кујна, јасно потекло, фер цени;
4. да се отвори онлајн резервација и календар на настани;
5. заедно со Министерството за култура и туризам да се подготви кандидатура за „BestTourismVillages“ и да се вмрежат селата со претходно наградените примери од регионот.
Со ова, гастро туризмот не останува само инспиративна идеја – станува програма со мерливи резултати и меѓународна видливост.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





