05 Декември, 2025
0.0331

Влатко Сулев: Македонското вино е наш силен туристички адут!

Објавено во: Колумни 22 Јули, 2025 08:47

Добивај вести на Viber

Ако некогаш сте седнале со странци на иста маса и сте им ја понудиле првата чаша македонско вино – знаете што следува. Подигнување веѓи. Одобрување. А потоа едно кратко: што е ова? Дај уште една чаша...каде може да купам за да однесам дома.

И тука е сè кажано!

Македонското вино е злато во шише! Време е да бидеме многу горди на него, да го претвориме во приказна што ќе ја раскажува светот!

Како некој кој секојдневно е во контакт со странски туристи и тур оператори, праксата ми покажува, дека македонското вино претставува наш голем туристички адут, и доколку околу него се развие приказна, и се стави на туристичката мапа од тоа бенефит би имале сите ние.

Не е случајно што винскиот туризам, или уште попознат како „енотуризам“ е меѓу најпопуларните трендови во светот на туризмот моментално, и претставува совршен спој на предизвикувачка активност и хедонизам. А нашата Македонија со својата местоположба, клима и гостопримливост, се наметнува како една од земјите со најголем потенцијал за да го развие енотуризмот како клучен сегмент од туристичката понуда.

Македонија нема проблем да произведе квалитетно вино. Имаме фантастично вино – автентично, богато. Имаме историја долга над 2.000 години, имаме уникатни сорти како вранец, кратошија, станушина, смедеревка.  Имаме одлични црвени, густи вина со специфичен вкус и мирис. Уникатни природни вина како на пример уникатното Розе, добиено од автохтоната сорта на грозје Радовишка (Ж’та) прачка и елегантното Мерло „зачинето“ со радовишки тероар. Имаме семејни винарии кои произведуваат домашно вино, според строги семејни рецептури, кои се постари повеќе од 3-4 генерации, асе чуваат стари дрвени дабови буриња

Имаме вински визби среде лозови полиња, имаме сонце 280 дена во годината. Во повеќето наши винарии веќе има сместувачки капацитети, ресторани, лозја, и тоа само треба да го спакуваме во убава приказна. Во овој сегмент винарниците не се конкуренти меѓу себе, напротив секоја индивидуална инвестиција придонесува кон севкупниот имиџ на мaкедонското вино.

Наместо да се воодушевуваме на Тосканскиот регион и винариите во таа област, ајде да направиме неколку локални македонски вински тури.

Современиот турист не сака само да пие. Тој сака приказна. Сака да ги види лозјата, да го запознае винарот, да влезе во подрумот со буки, да проба вино директно од буре, со сирење од комшиската фарма. Тој сака атмосфера – не само вкус.Во Македонија, такво искуство можеме да понудиме – и тоа на ниво што многу земји го завидуваат.

Ова секако не е поле на кое почнуваме од нула!

На пример имаме развивме концепт и програма за посета на Радовиш што вклучува планинарска тура на Плачковица во (недопрена букова и ) дабова шума, прошетка покрај езерото Мантово, дегустација на вино во винарницата ‘Кукутанов’, со можност да се види како на традиционален начин се произведува вино, да се вкуси природен радовишки мед, сирење, ајвар…Во дворот на винарницата има фурна на дрва каде може да се присуствува на часови по готвење и подготовка на радовишки сомун (пастрмајлија), на традиционална баница и многу повеќе, и сето тоа во придружба на стручни лица од Балкан  Прајм Турс, кои секогаш имаат интересни локални приказни.

За пофалба се активностите на асоцијацијата вина од Mакедонија. Но ни треба многу повеќе, да бидеме поагресивни, присутни во дигиталниот свет континуирано.

Виното не е само пијалок – тоа е доживување.

За win-win ситуација ни треба повеќе од ентузијазам на неколку визби. Ни треба државна визија, тур-оператори, промоција, инфраструктура и образование.

Што (не) правиме?

  • Винарии имаме многу – но само дел од нив се отворени за туристи. Малку од нив имаат капацитет за дегустации, обуки или сместување.
  • Туристичките агенции ретко нудат вински тури како дел од редовните понуди.
  • Виното сè уште не е дел од македонскиот туристички идентитет – а треба да биде.

Франција го гради имиџот врз Бордо, Италија врз Тоскана, Шпанија врз Риоха. Зошто ние да не ја градиме приказната за вина од Тиквешијата, Велешко, Радовишко, Скопска Црна Гора или Гевгелиско?

Да зборуваме повеќе за винските тури.  „Патот на Вранецот“, „Турa низ лозја со автохтони сорти“, „Вино и историја“. Секоја тура да биде со посета на 2–3 визби, во комбинација со локална храна.

Да ги обучиме луѓето што ги пречекуваат гостите – винскиот туризам не се сведува само на чаша. Тоа е гостопримство, знаење, јазик, комуникација. Млади ентузијасти треба да станат водичи, сомелиери, локални амбасадори.

Да ја вклучиме локалната храна – вино со домашен кашкавал, рачно направена пита, стари песни. Да не го заборавиме автентичното – токму тоа е луксузот што странците го бараат.

Дигитална промоција – модерниот турист не оди по флаери, туку по Instagram reels. Ни треба визуелна приказна, винариите да бидат присутни таму каде што туристите ги прават изборите: Google, TripAdvisor, Booking, TikTok.

Зошто винскиот туризам вреди?

Затоа што не е масовен, туку е квалитетен. Туристот што доаѓа за вино останува повеќе, троши повеќе, и се враќа повторно – со пријатели.Винскиот туризам не уништува, туку гради – ја одржува традицијата, ги поддржува малите производители, и ја раскажува приказната на земјата преку нешто што сите разбираат: добар вкус и добра капка.

За авторот

Влатко Сулев е Генерален менаџер на Balkan Prime Tours, Vice President на Spiti World Network  бизнис мрежа натур оператори кои работат дојдовен туризами претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ). Balkan Prime Tours е компанија која организира тури во Македонија и на балканот за странски туристи од 2007 година. Благодарение на оваа компанијаилјадници странски туристи изминативе години ја имаат посетено Македонија, што ги прави вистински промотери и амбасадори на нашата земја и Балканот.Компанијата има своја канцеларија во Скопје, но и во Софија, Подгорица и Тирана, соработува со огромен број на хотели, ресторани и семејни туристички работници од регионот, за да креира автентични туристички понуди според желбите на туристите.

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?