19 Април, 2024
0.0254

ВМРО-ДПМНЕ ќе слави роденден, па целосно ќе се „проветри“

Објавено во: Колумни 17 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

ВМРО-ДПМНЕ ќе го прослави својот 27 роденден во Музејот на револуционерната борба. Секако, овие денови повеќе внимание ќе биде посветено на тоа што се е направено во изминатиот период, особено во последните години од владеењето на Никола Груевски, како и придонесите на луѓето во врвот на партијата. Сепак, по прославата која ќе пројде со многу куртоазија и честитки ќе следи фаза на целосно провретрување на самото раководство со избор на нови членови на Извршниот комитет, а ќе има големи промени во сите партиски организации. 

Според неформални информации на сцена ќе стапат екс владини функционери кои не се дел од истрагите на СЈО, а јавноста за нив нема формирано поголемо негативно мислење со што треба пред гласачите да се пристапи со една освежена екипа на која главен фокус ќе и биде враќање на довербата во ВМРО-ДПМНЕ како една вредна партија која се грижи за потребите на граѓаните, особено економските приоритети.

Во новиот врв на ВМРО-ДПМНЕ засега единствен „фикс“ е Никола Груевски кој и покрај сите скандали како долгогодишен премиер не би требало да се повлече од претседателската позиција во партијата. Груевски има и највисок рејтинг кај гласачите, се уште постои цврсто верување дека тој може да ја држи ВМРО-ДПМНЕ гранитна и обединета. Затоа пак во преден план повеќе простор ќе им биде даден на кадри како Христијан Мицковски, Кирил Миновски, Владо Мисајловски но, и партиски членови кои немале премногу високи функции во претходната власт па сега ќе биде време да се „докажат“. 

Исто така повеќе шанси ќе им бидат дадени и на членови на младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ, особено на Лука Кржаловски кој има краток мандат како директор на Службен весник и ја имаше таа несреќна задача да ја објави одлуката дека Талат Џафери е нов претседател на Собранието иако самата партија не го признава неговиот легитимет.

Главен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победа на локалните избори во октомври со што ќе ја задржат моќта во општините, а потоа би имале доволно аргументи да извршат притисок врз СДСМ за одржување на брзи предвремени парламентарни избори како повторно би ја добиле и извршната власт. 

Во периодот што ќе следи на ВМРО-ДПМНЕ нема да му биде од пресудно значење подобрување на односите со меѓународните партнери, но веќе се шпекулира дека се прават обиди да се затоплат врските со германската канцеларка Ангела Меркел преку ЦДУ. Тука во преден план е Антонио Милошоски кој има доволно искуство од времето кога беше прв дипломат, па нема да биде изненадување доколку тој покаже нови апетити и за извршната власт, како и во самиот врв на ВМРО-ДПМНЕ па дури и да го замени Никола Груевски ако се покаже дека лидерот повеќе нема никакви шанси да ја продолжи политичката кариера. 

Мотото на роденденската прослава на ВМРО-ДПМНЕ е „Единствени“ што дава доволна симболика од потребата партијата да прикаже внатрешно единство без оглед што кратка авантура направија мала група на „реформатори“ чие востание брзо беше угушено. Какви и да бидат промените, а со тоа и потенцијалните партиски проблеми тоа ќе се прави вон окото на јавноста за и натаму ВМРО-ДПМНЕ да проектира монолитност и одлучност без оглед што сега се во опозиција.

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок