Добивај вести на Viber
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со нови обвинувања на адреса на поранешната вицепремиерка за евроинтеграции Радмила Шеќеринска, според кои и кога не била на функција таа била заслужна што пари од Секретаријатот за европски прашања завршувале кај нејзини блиски роднини.
„Граѓанските здруженија ’Плоштад Слобода’, ’Распеани скопјани’ или пак ’Паркобрани’, кои секогаш се појавуваат да ги спроведат партиските агенди на СДСМ, покрај очигледната голема поддршка од СОРОС, имаат и друга заднина. Еден од најгласните водачи на сите три таканаречени граѓански здруженија е Никола Наумоски, прв братучед на Радмила Шекеринска“, тврди Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, името на Наумоски се појавува како прв запишан сопственик на фирмата „Софикс ДОО“ во 2011 година. „Фирмата ’Софикс’ е сопственик на фирмата ’БТ Македонија’, која директно се појавува како фирма која добива бизниси од СЕП, а доделени од меѓународниот секретар на СДСМ, Јован Деспотовски“, појаснува Ѓорчев.
За Шеќеринска ваквите обвинувања се зачудувачки, со оглед на тоа што таа веќе осум години не е на никаква функција во Владата. „Повеќе од седум и пол години не сум влегла во ниту една канцеларија во Владата, а ВМРО-ДПМНЕ плука по мене“, вели Шеќеринска, која смета дека ова е „валкана“ кампања против неа.
„Со месеци ја чешлаат истата архива за да најдат едно ливче со мој потпис кој би зборувал за криминал или корупција. Еден денар или едно евро не најдоа. Јас знам дека ова е тешко да се сфати од господата од ВМРО-ДПМНЕ дека некој може да работи или работел во државните институции а да не бил вплеткан во криминал и корупција“, рече Шеќеринска.