Во ек на здравствена криза медицински сестри со две децении искуство седат без работа
Објавено во: Македонија, Корона Вирус 26 Јануари, 2021 07:12
Додека Македонија се бори со пандемијата на коронавирусот, медицински сестри со долги години искуство седат дома без работа.
Претседателката на ЗМТАС, Гордана Бешлиовска вели дека пред пандемијата во земјава имало над 40 медицински сестри кои имале повеќе од 20 години искуство, а кои останале без работа откако концесионерските амбуланти каде работеле се затвориле по различни основни. Станува збор за сестри од Скопје, Битола, Кичево, Кочани, но и други градови. Вели дека сестрите во оваа состојба би биле добредојдени во здравствените установи и треба да бидат искористени со нивното знаење и искуство.
„Тие поминале образование и пракса каква што секој може да посака. Можеби некои од нив не би можеле да работат сменски, но секоја сестра е добредојдена. Период на адаптација ви треба за многу работи, но тој период ќе биде краткотраен. Тие веќе многу виделе, многу сработиле, а ние работиме со најдрагоценото нешто, човечкото здравје“, вели Бешлиовска.
Според неа, ротацијата не ја решава трајно ситуацијата, посебно ако кризата поради пандемијата на коронавирусот потрае.
„Не треба да нѐ третираат само како бројки. Многу сиромашни земји имаат урнисан здравствен систем затоа што не се водело сметка за сестринството, а ние треба да преземеме мерки тоа кај нас да не се случи“, рече Бешлиовска.
Таа објаснува дека кога ќе се постави основа, сестрите ќе ги уживаат сите права, ќе бидат наградени за својот труд, но и санкционирани доколку има пропусти. Дополнително, вели дека сестрите во ординациите, се три во едно, затоа што освен како сестри, работат како администратори, но и како хигиеничарки. Бешлиовска додава дека мора да се регулираат правата и обврските на сестрите, за да се врати достоинството на професијата. Објаснува дека треба да се регулира висината на доходот, и наместо инстант, да се бараат трајни решенија. Годишниот одмор и слободните денови да не бидат работа на договор помеѓу концесионерот и сестрата, а сестрите пак да не бидат ангажирани по договор на дело, туку да имаат поголема сигурност при вработување. Во спротивно, вели дека во иднина ќе има интерес за едукација, но младите нема да ја гледаат иднината овде, туку со оваа струка ќе бараат работа надвор.
„Нема да сакаат да работат за 16.000 – 17.000 денари и ќе се образуваат за да си го најдат своето место во Европа, онаму каде фалат сестри“, рече Бешлиовска.
Бешлиовска додава дека во време на корона криза, Црна Гора, Хрватска, Словенија финансиски ги стимулирале сестрите поради тоа што работат со заразени пациенти и се изложени на ризик.
Сања АтанасовскаМожеби ќе ве интересира
Пријава против поранешниот градоначалник на Демир Капија за контаминирање вода за пиење
ДЕНЕСКА ПОЧНУВААТ НОВОГОДИШНИТЕ ЗАБАВИ - градоначалникот најавува активности за сите генерации
ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ со контрарезолуција во Собрание дека СДСМ лаже за мигранти
Предлог за разрешување на главниот обвинител Коцевски утре на седница на Парламентот
Штип ќе им додели „бонус“ од 100 евра за Нова година на 100 пензионери
АКО ПАТУВАТЕ КОН ГРЦИЈА НЕ ОДЕТЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ЕВЗОНИ - најавени нови блокади, еве кога
Дејан Манасков приведен во Охрид поради физички напад на противнички тренер
Од фирма од Битола до невладина од Скопје: кој стои зад „Зимзоленд“




