Во Хрватска поради поплавите евакуирани 15 илјади лица
Објавено во: Балкан 19 Мај, 2014 10:46
Поплавени села без жители, тоа е сликата за Славонија, која се бори со најголемите досега забележани поплави, кои однесоа и еден човечки живот, јавува Хрватската радио-телевизија.
Во Рајево Село пронајдено е телото на еден маж, а две лица се сметаат за исчезнати.
Евакуирани се вкупно 15 илјади лица од Рачиновац, Рајево Село, Гуње, како и голем дел од населението на Бошњак, Врбањ и Дреновац. Сите се сместени во спортските сали на основните училишта во Жупањ, Градиште и Церн, како и во прифатни куќи.
Од поединечни делови на Славонски Брод, на кои им се закануваат поплави од Сава и нов воден бран, евакуирани се околу 400 лица.
Во акциите за спасување учествуваа стотици припадници на хрватската војска, полицијата, Црвениот крст.
Граничниот премин меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина кај Козарска Дубица, синоќа беше затворен. Преминот е затворен за сообраќај поради напукнувањата на мостот, кој ги спојува Хрватска и БиХ, соопшти босанската погранична полиција.
Претходно вчера за сообраќај беа затворени и граничните премини меѓу БиХ и Хрватска кај Босански Шамац, Орашја и Брчко, како и два гранични премини меѓу БиХ и Србија.
Водостојот на Сава и натаму е ектремно висок, споро опаѓа и тешко е да се процени смирувањето на состојбата.
Продолжуваат работите на зајакнување на насипите долж 180 километарскиот тек на Сава во Бродско-посавската жупанија, а моментално најтешка е ситуацијата со насипите од Славонски Кобаш до Славонски Шамац.
Генералниот директор на Хрватски води, Ивица Плишиќ предупреди изутринава дека опасноста се уште не поминала. - Во текот на ноќта имавме воден бран од Уна, успеавме да го амортизираме, со пуштање на водата во Мокро Поље и Лоњско Поље, изјави Плишиќ за Хрватското радио.
Можеби ќе ве интересира
„МИНИСТЕРОТ НЕ ЗЕМА НИТУ ДИНАР“ Вучиќ: Обвинението против Селаковиќ е срамно и безобразно
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Граничниот премин Богородица затворен за сообраќај
Потврден случај на лепра во Хрватска: Почната е задолжителна постапка за вакцинација
Во времето на Тито, за некој овие пари беа една плата: Никој не успеал да ја фалсификува „сивата гулабица“, а еве која е мистериозната жена од банкнотата
Голем пожар во Хрватска; На местото на настанот беа повеќе од 60 пожарникари, се слушаа експлозии




