Во кои општини влегуваат најмногу пари?

Објавено во: Економија 31 Октомври, 2018 10:54
Кавадарци е општината во која работат најголемите фирми во земјава. На листата за 100 најголеми компании кавадаречки се четири и нивниот приход лани бил четвртина милијарда евра. Во групата „над 200 милиони евра“ се битолските фирми, па следат тие од скопски Илинден. Во конкуренција не влегува Скопје затоа што е „надвор од конкуренција“
Општина Кавадарци веројатно е местото каде што е најлесно или најмалку тешко да се најде работа. Најновите податоци за најголемите 100 македонски компании покажуваат дека во таа општина седиште имаат четири фирми, на листата 100 најголеми, кои лани заедно приходувале 251,9 милиони евра. Најголема меѓу нив е домашната компанија ИГМ Трејд со приход од 106,2 милиони евра, пред странската инвестиција „Дрекслмајер“ со 57,3 милиони евра, тутунскиот гигант „Алајанс Уан“ со 46,6 милиони евра и локалниот гигант за трговија со нафтени деривати „Црна река петрол“ со 41,8 милиони евра.
Општина Битола е седиште на четири компании на листата на 100 најголеми. Меѓу нив најголема е „Кромберт и Шуберт“ која е економски мотор на Пелагонија. Таа компанија што вработува околу 5.000 жители на Пелагонија лани имала приход од 151 милиони евра. Втора битолска фирма според приходот е битолска Млекара со 37,9 милиони евра, па следуваат Еурофарм со 30,4 милиони евра и ЗК „Пелагонија“ со приход од 28,3 милиони евра. Сите „топтан“ лани стигнале до приход од 247,6 милиони евра.
За нијанса послаб скор има младата општина Илинден во која седиште имаат три големи компании од кои две се домашни фирми, а една е странска инвестиција. Сите заедно лани направиле 238,8 милиони евра. Најголем е производителот на автобуси „Ван Хул“со 134,4 милиони евра, а другите две се: Пекабеско, најголемиот домашен производител на месни продукти, со 71,6 милиони евра и дистрибутерот НЕЛТ со приход од 32,8 милиони евра.
Општини чии фирми се меѓу најголемите 100 во земјава и имаат заеднички приход поголем од 100 милиони евра се: Велес и Прилеп. Велес има три компании кои заедно оствариле 120,7 милиони евра. Тие се: домашниот ланец супермаркети „Жито“ со 47,6 милиони евра, странската инвестиција „Маркарт“ со 46,5 милиони евра и „Брако“ со 26,6 милиони евра. Прилеп има четири компании на листата на најголеми сто фирми и тие се со многу изедначени резултати. Збирот на нивните приходи е 110 милиони евра. Тие се: Прилепска пиварница со 29,7 милиони евра, Витаминка со 28,3 милиони евра, Мермерниот комбинат со 26,6 милиони евра и Гентерм со 25,4 милиони евра.
Најблизу до психолошката граница од 100 милиони евра е Виница, малата општина од источна Македонија. Таа има две компании: „Дади Компани“ и „Макпрогрес“. „Дади Компани“ е големо изненадување на листата на 100 најголеми со приход од 62,9 милиони евра, поголем од Скопска пивара и тука е кондиторската индустрија „Макпрогрес“ со 29,1 милиони евра. Тие заедно имаат 92 милиони евра што според наталитетот и големината на Виница е во ранг на Кавадарци.
Македонска Каменица со рудниците „Саса“ е по Виница и има 90 милиони евра.Штип е позади Каменица со 68 милиони евра остварени од „Актива“ и ланецот маркети „КИТ ГО“. Следи Радовиш со рудникот за бакар „Бучим“ со приход од 65,9 милиони евра. Во изедначена конкуренција за „влакно“ со збир од 63,2Гевгелија со хотелот и казино „Принцес“ и Конти-хидропласт е пред Пробиштипкаде некогашниот гигант за акумулатори под брендот „ТАБ МАК“ има 61,6 милиони евра и е економската реалност и сигурност на малата рударска населба некогаш една од трите најбогати општини во СФРЈ. Куманово со двете домашни големи фирми „Детоил“ и ФЗЦ „11 Октомври“ (во кој акционер е „Детоил“ н.з.) има 60,9 милиони евра. Благодарејќи на странската инвестиција „Амфенол“ со приход од 60,1 милиони евра на листата е и општина Кочани.
Р. Ф.
Можеби ќе ве интересира
Фактор анализа КОЧАНИ – ВИНИЦА 2024: Виница прави најголем алаш-вериш во Источна Македонија! Кои се најголемите во Виница и Кочани?
„СО МАКЕДОНСКА ПЛАТА, МОЖЕЛО ДА СЕ КУПИ ПРОСЕЧНО 4 ПАТИ ПОМАЛКУ ГАС ОТКОЛКУ СО УНГАРСКАТА“: Професорот Трајковски потсетува на неуспехот како држава

ПРАВИЛОТО „78 ОТСТО“ И ВО ЕСМ? Платата на директорите и до 2.500 евра

ГОТОВО Е, ОТПУШТААТ 7.000 РАБОТНИЦИ: Еве кој гигант одлучи да испрати работници дома

Нема повеќе обложување на странските веб платформи во Македонија

Бизнисменот Назиф Дестани излегол од „Еуромакс Рисорсес“

ВОРЕН БАФЕТ КОНЕЧНО ОТКРИ ЗОШТО„БЕРКШИР ХАТАВЕЈ“ МУ ЈА ПРЕДАВА НА АБЕЛ: „Кога наполнив 90 години, почнав да стареам“

Фактор анализа КУМАНОВО 2024: Кои се најголемите фирми во Куманово? Три фирми, едно семејство за профит од 10,2 милиони евра!

„Гранит“ ангажирал 30 Индијци за работа на автопатот Кичево - Охрид
