29 Март, 2024
0.0289

Во кои скопски општини продолжува битката меѓу СДСМ и ДПМНЕ?

Објавено во: Анализа 17 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Цело Скопје повеќе не е вмровски град, всушност по првиот круг на изборите ВМРО-ДПМНЕ не победи во ниту една скопска општина, ниту пак има предност во однос на својот политички ривал. Напротив, СДСМ уште во првиот круг успеа да победи убедливо во општина Центар и општина Карпош каде и се прогнозираше дека Богдановиќ и Богоев лесно ќе поминат, победи и во општина Аеродром каде Марин му стави крај на владеењето на Ивица Коневски, додека пак во Ѓорче Петров работата ја заврши Александар Наумоски успевајќи да го порази екс министерот за транспорт Владо Мисајловски од владата на Груевски.

СДСМ во вториот круг влегува во предност во речиси сите преостанати општини, а тука може да го додадеме и Чаир бидејќи таму се во коалиција со ДУИ каде води кандидатот Висар Ганиу. Во Чаир работата е речиси завршена со оглед на големата разлика пред Зекирија Ибрахими како и малата веројатност дека ВМРО-ДПМНЕ по вакви очајни резултати ќе успее да го мотивира членството да гласа за БЕСА и тоа преку таен прекуќетен договор за кој никој не сака да говори во јавност.

Трката за скопска доминација на СДСМ ќе продолжи и во општина Гази Баба каде Борис Георгиевски успеа дури и да победи во првиот круг но, разликата со актуелниот градначалник Тони Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ изнесува 1062 гласа. Во вториот круг кандидатот што ќе освои повеќе гласови едноставно е победник и нема други дополнителни правила, па така разликата може да биде и само еден глас. Интересно е што во Гази Баба кандидатот на Левица Зоран Трпчевски освои 2,2% проценти од гласачкото тело или 816 гласови.

Интересна битка ќе следиме и во општина Бутел каде за прв пат од нејзиното формирање победува кандидат на СДСМ во првиот круг. Велимир Смилевски освои 10061 глас или за финална победа му недостасуваше само 0,41% од гласачкото тело. Во вториот круг фаворитот на СДСМ ќе ги одмери силите со Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ кој ќе сака да ја продолжи традицијата на Петре Латиновски кој со години владееше во Бутел, но во првиот круг освои само 7845 гласови. Разликата е огромна и ВМРО-ДПМНЕ тешко дека ќе го мотивира своето членство да направи нешто повеќе, а и коалициските потенцијали им се минимални бидејќи Насер Цури од БЕСА освои само 1172 гласа. 

Кисела Вода ќе биде повторно во фокусот на вниманието бидејќи се крена голема прашина околу Јохан Тарчуловски и неговите изјави против граѓаните кои нема да му донеле гласови што можеби и му наштети во првиот круг. Тој освои само 15.479 гласа, додека пак на против кандидатот Филип Темелковски со освоени 17.150 гласа му недостасуваа само 0,14% од гласачкото тело за победата да ја осигура уште во првиот круг.

Втор круг ќе има и во Шуто Оризари каде во првиот круг во предност е кандидатот на СДСМ Курто Дудуш со 39,79 проценти, пред Елвис Бајрам од Сојузот на Роми со освоени 38,18 проценти. Џељаљ Хајани од ДУИ со освоените 7,84% од гласачкото тело може да биде значаен како потенцијален коалиционен партнер во дополнително обезбедување на гласови за победа на СДСМ со што ќе се стави крај на децениското владеење на семејството Бајрам.

Од скопските општини преостанува Сарај  откако Блерим Беџети од ДУИ во првиот круг освои 48,24 проценти наспроти Башким Бакиу од Беса со 27,76 проценти. Тука СДСМ нема свој кандидат битката ќе се води меѓу ДУИ и БЕСА со тоа што останатите албански партии може да се вклучат во коалиција во вториот круг.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот