ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ИЗДВОЈУВААТ САМО ПО 20 ДО 25 ЕВРА ПО ЖИТЕЛ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ, НО ТОА НОСИ ГОЛЕМ ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА РАЗВОЈ НА БИЗНИСОТ - Учета Дузлевска во Бизнис муабети на Фактор
Објавено во: Економија 03 Јануари, 2025
Дали сме доволно едуцирани и информирани кога е во прашање осигурувањето во земјава.
На забелешката на водителот Мишко Иванов во разговорот со Вилма Учета Дузлевска, претседател на УО на Триглав осигурување Хрватска, а која претходно долги години работеше во осигурителниот сектор во Македонија, дека македонските граѓани не се доволно информирани или едуцирани кога е во прашање осигурувањето, и ретко кој го сфаќа како инвестиција, освен кога ќе згусти, или, пак, дека причина зошто не сме свесни дека осигурувањето е инвестиција, е всушност нискиот животен стандард, Учета Дузлевска одговара.
„Јас би рекла дека најголема улога можеби има животниот стандард. Ако погледнете низ теков на годините, осигурувањето кај нас забележува двоцифрени стапки на пораст. Потребата од осигурување се зголемува, гледаме дека и кај граѓаните и кај бизнисот постои свест за осигурување, но животниот стандард си го прави своето. Ако се споредиме со земјите дури и со земјите од опкружувањето, Македонија се уште е на дното по стапка на осигурување, било да гледаме како степен на густина, или според степен на пенетрација. Чисто еве да направиме една споредба. Во Македонија се издвојуваат 20 до 25 евра по жител за осигурување, во Хрватска по 100, во Словенија таа бројка е 400 евра. Во Србија е по 35 евра, па дури и БиХ има повисока стапка. Но, тоа треба да го гледаме низ една оптимистичка призма, бидејќи ова покажува дека кај нас има повеќе можност за дополнителен развој на ѓивотното осигурување од една страна, а имајќи предвид дека слични се состојбите и во неживотното осигурување, сметам дека навистина имаме големи потенцијали“, вели Учета Дузлевска во денешниот поткаст Бизнис муабети, чија втора сезона стартува денеска со стартот на новата година на порталот Фактор. Следете не.