ВО ПЕНЗИЈА КОГА ЌЕ ЗАВРШИ ПАНДЕМИЈАТА: Дел од највозрасните здравствени работници се уште во првите редови против вирусот
Објавено во: Економија, Македонија 06 Јули, 2020
Пандемијата на
корона вирусот во првите редови ги мобилизираше сите здравствени работници,
лекари, медицински сестри, помошен кадар. Дел од нив се пред пензионирање, дел
веќе го остварија тоа право уште пред некој месец, но кризната ситуација
едноставно не дозволува да го напуштат своето работно место, засега, барем до
истекот на 2020 година.
-Согласно уредбата објавена 169/2020 година, здравствените работници и здравствените соработници кои што ќе исполнат услови за старосна пензија со 62 за жена односно 64 години живот за маж или па некој кој побарал со писмена изјава од работодавачот да им се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст согласно законот за работни односи, не можат да го остварат правото за пензионирање за време на траењето на вонредата состојба и по нејзиното престањување заклучно со 31.12.2020 година.
Од Минстерството за здравство велат дека во услови на најголемата светска здравствена криза мобилизацијата и ангажманот на сите здравствени работници е од огромно значење за справување со кризата и напоменуваат дека постојано се прават ротации на медицинскиот кадар, пред се за да има непречен тек на функционирањето во болниците и ковид-центрите во кои има најголем број пациенти заразени со Ковид-19.
-Уште на почетокот направивме ротација на кадарот со лекари од другите градови во земјата и од други клиники. Сите тие веќе ротираат и помагаат, пред се во болниците во Скопје каде што е и најголемиот удар. Целокупниот наш капацитет е ангажиран во третманот на пациентите со Ковид-19, и специјалисти на инфективната клиника, интернисти и специјалисти од анестезионологијата, сите медицински лица кои директно се врзани за експертизата за третманот на пациенти болни од Ковид-19. Целиот медицински кадар вклучен во третманот и лекувањето на пациентите со Ковид-19 е исклучително професионален и искусен во својата област, нашите експерти се признати од СЗО и нивните колеги од околните земји ги упатуваат да се консултираат со нашите виролози, а здравствениот систем одлично се справува со зголемниот број на заболени од Ковид-19, истакнуваат од Министерството за здравство.
Инаку, медицинскиот кадар е постојано под силен удар на вирусот. Деноноќната исцрпувачка работа со пациентите болни од Ковид-19, не го штеди здравјето ниту на оние кои се борат за здравјето на другите. Во ГОБ „8 Септември“ голем број здравствени работници, пред се медицински сестри се заразија со вирусот, директорката на Општата болница во Куманово, во текот на минатата недела исто така соопшти дека е позитивна на корона вирусот, што според неа е последица на стресот и постојаниот ангажман околу пациентите.
За жал, од корона вирусот во Македонија од вчера има и прв случај на починат лекар. 64-годишниот уролог од Тетово, д-р Арификмет Деари, кој беше на само неколку месеци пред пензионирањето, ја загуби битката со болеста. Министерот за здравство, Венко Филипче, кој изрази длабоко жалење, уште еднаш повика неговите колеги да се чуваат и да се заштитуваат.
-Д-р. Деари беше хоспитализиран заради невролошки проблеми, но и позитивен на ковид-19. По 15 дена болничко лекување Д-р Деари кој беше само на неколку месеци до пензионирањето, е првиот лекар кој почина од компликации на корона вирусот. Изразувам жалење и длабоко сочуство до неговото семејство. Апелирам до моите колеги здравствените работници да се чуваат и заштитуваат, на работното место соодветно на протоклите, но и надвор од него. Апелирам и до граѓаните да ги почитуваат мерките, да се заштитат себеси, здравствените работници и сите свои сограѓани, напиша министерот Филипче.
Инаку, во соседна Бугарија, веднаш на почетокот на епидемијата, дури 85 вработени во Втората градска болница поднесоа оставки, откако беше соопштено дека во оваа здравствена установа ќе се лекуваат пациентите заразени со Ковид-19. Според неодмнешната изјава за БТВ на директорот на болницата, д-р Георги Тодоров, таму нема доволно квалификувани специјалисти за лекување на пациенти со акутни респираторни проблеми, но како што рече, повеќето лекари биле пред пензија и биле загрижени за нивната безбедност додека работеле со пациенти со вирусот корона.
Од друга страна, пак, пензионираниот проф. д-р Димитар Краја од Албанија, некогашниот шеф на службата за инфективни болести при Институтот за јавно здравје и професор на Медицинскиот факултет, беше меѓу првите кои се јавија на повикот на Министерството за здравство за да помогнат во справувањето со корона вирусот во Албанија.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.