Добивај вести на Viber
Српското министерство за индустрија, енергетика и рударство (одговорните од секторот за просторно планирање) добиле налог од рускиот гигант „Газпром“ да се снима целата траса на Јужен поток, за да се види дали е техничко изводливо да се пушти крак до Врање и до косовско Мердара, место на српско - косовската граница, дознава ексклузивно Фактор. Според нашите информации ова било договорено неодамна на средба во Москва помеѓу претставници на руски Газпром со српското министерство за индустрија, енергетика и рударство. Русите бараат да се види дали е возможно освен краците кон Босна и Херцеговина и Хрватска од Србија, природен гас да потече и кон Врање и косовско Мердара.
Македонија сеуште нема договор за приклучок кон Јужен поток
Иако, македонските власти кон крајот на 2012 година најавија дека конечниот одговор за тоа дали кон Македонија ќе биде пуштен крак од Јужен поток ќе се знае на крајот од јануари, сепак досега сеуште нема никаква информација за ова клучно енергетско прашање.
Неодамна, министерот за финасии, Зоран Ставрески изјави дека засега сеуште нема никаков договор .
„Кога ќе има нешто ќе ве информираме“, изјави неодамна Ставрески.
За последниот налог кој надлежните српски власти го добиле од „Газпром“, според информациите до кои дојде Фактор, Србија се огради од ингеренциите дека од овој крак ќе се приклучи и Македонија, тврдејќи дека таквата одлука е сепак надлежност на руски Газпром.
„Србијагас“: Покрај автопатот Ниш - Косово ќе биде проектиран гасовод
Во изјавата дадена за српските медиуми првиот човек на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, неодамна откри дека покрај новиот автопат Ниш - Косово ќе биде проектиран и гасовод кој ќе го снабдува Косово и веројатно изградба на крак кој ќе биде за снабдување на Македонија. Со оглед на фактот дека Грција веќе излезе од проектот Јужен поток, а од Бугарија речиси е невозможно да се пушти крак кон Македонија, останува уште опцијата природен гас од „Јужен поток“ кон земјава да потече од Србија. Но, сепак и за ова нема никаква детална информација.
Прво да профункционира „Јужен поток“ па потоа се останато
Информациите до кои дојде Фактор говорат дека сепак прво треба да профункционира „Јужен поток“ овака како што е проектиран, па дури потоа ќе може да се види дали од него ќе може да се пуштат и други краци.
„Јужен поток“ е од стратешко значење за енергетката безбедност во Европа и планирано е да биде пуштен во употреба до крајот на 2015 година. Проектот Јужен поток чини 16 милијарди евра. Гасоводот ќе минува низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија и Италија, а останатите држави ќе бидат приклучени преку краците. Гасоводот Јужен поток со капацитет од 63 милијарди кубни метри годишно ќе обезбедува греење, топла вода и снабдување со струја за околу 30 милиони домаќинства во Европа. Низ Србија ќе поминава траса, а само од изградбата на српскиот дел, во Србија се очекува да се вработат 2000 луѓе, а од транзитната такса годишно ќе заработува 200 милиони евра.
Редакција Фактор