Добивај вести на Viber
Државниот завод за ревизија, во својот извештај за Јавното претпријатие за државни патишта, како една од слабостите што ја констатира е отсуство на детални податоци за приоритетите но Стратегијата за изградба на државни патишта. Според ревизорите, иако е донесена Стратегија за изградба на државни патишта, сепак со самото тоа што во неа отсуствуваат детали за кои патишта станува збор, упатува на можноста тоа да се прави безплански и неефикасно, спротивно на утврдените цели.
Согласно Законот за јавни патишта, Владата има донесено Петгодишна програма за планирање изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта во Македонија за периодот од 2013 до 2017 година. Врз основа на таа Програма, Јавното претпријатие за државни патишта има донесено годишна програма за 2013 година. Но, наспроти годишната програма во која се наведени конкретни активности и финансиска реконструкција за реализација на истите, ревизорите констатираат дека:
„Петгодишната програма содржи само финансиски показатели, односно структура на приходи и расходи, при што не се наведени конкретни патишта за кои се планира изградба, реконструкција и рехабилитација. Поради недефинирањето на конкрените патишта активности во Петгодишната програма, отсуствува јасна рамка, стратегија и показатели на приоритетите, што создава ризик од отпочнување на активности кои не се засноваат на сеопфатна анализа за целите, потребите и финансиската рамка за поединечни активности. Дотолку повеќе, велат ревизорите, што не е донесена и Стратегија за одржување и развој на патиштата од страна на надлежен орган.