Во Струмица немаме заболен: Струмичкиот градоначалник Јаневски за Фактор
Објавено во: Македонија 16 Април, 2020
Струмица на 27 февруари ја донесе првата одлука за спречување на ширењето на коронавирусот во градот, а како општина секојдневно работиме на тоа, вели за Фактор, градоначалникот Коста Јаневски. Самиот е доктор и вели дека тоа му помага комплетно да помогне околу потребите на здравствените установи, но тврди и дека е подготвен во секое време ако има потреба да го облече белиот мантил. Во Струмица нема заболен од вирусот, а двајцата кои се во статистиката се од поширокиот струмички регион.
Јаневски: Досега успешно се справуваме и се надевам така и
ќе продолжиме. Сметам дека за ваквата состојба клучен момент беше донесувањето
на одлуката за откажувањето на струмичкиот карневал - една од најзначајните и
најмасовните манифестации со долга
традиција, белегот на нашиот град. Бевме
прва општина којашто многу рано ја сфати сериозноста на предизвикот со којшто
се соочува светот и донесе клучна одлука од епидемиолошки аспект и тоа кога се
уште на државно ниво не беше донесена мерката за социјално дистанцирање. На 26
февруари беше дијагностициран првиот пациент со корона вирус во нашата земја, а
главната карневалска вечер требаше да се одржи на 29 февруари, веќе на 27 февруари
донесовме одлука за негово откажување. Беше тоа тешка, но од оваа временска
дистанца правилна одлука имајќи в предвид дека струмичкиот карневал е
интернационална манифестација во која што учествуваат странски групи, меѓу кои
и од Италија и Германија кои веќе носеа ризик
во пренесувањето на вирусот. Не беше лесно да се донесе оваа одлука и од културен, туристички и материјален
аспект, струмичани со месеци се подготвуваа за карневалот, работеа на своите
маски и со нетрпение очекуваа да ги презентираат пред бројните домашни и
странски гости. Но, за среќа со откажувањето на карневалот сме донеле вистинска
одлука во вистинско време. Веднаш по оваа одлука го активиравме Општинскиот
штаб за заштита и спасување како и сите ресурси и капацитети со коишто располагаме
и многу рано започнавме со спроведувањето на мерките, затоа што здравјето на
нашите граѓани нема цена.
Кои мерки сте ги презеле досега?
Јаневски: Меѓу првите превентивни мерки беше дезинфекцијата и формирањето мобилни тимови составени од волонтери на општина Струмица и Општинската организација на Црвен Крст. Овие тимови им помагаат на старите и изнемоштени лица во снабдувањето со лекови и потребни продукти и делат флаери за поголемо информирање на граѓаните за заштита од корона вирусот. Инаку дезинфекцијата се уште се спроведува на одреден временски период и со средства кои според искуствата во земјите коишто први се соочија со овој предизвик, покажуваат голема ефикасност. Градскиот плоштад, јавните површини, пазарите, улиците, тротоарите, урбаната опрема се дезинфицираат и машински и рачно, а дезинфекција се врши и во населените места. Извршена е вонредна дезинфекција на сите средни, основни и подрачни училишта и на сите клонови на градинката „Детска радост“ во градот и населените места. Се затворија сите детски игралишта, спортски терени и летниковци во паркот и пред станбените објекти кои ги користат граѓани од сите возрасни групи. Затворена е трим патеката до манастирот „Свети Илија“ за рекреативните движења на граѓаните. Се вршат и засилени инспекциски контроли за сузбивање на дивите продавачи кои продаваат на јавни површини, а се потенцијален ризик за здравјето на граѓаните.
Дали имате соработка со МВР, односно како се почитуваат препораките за самоизлоација и мерките?
Јаневски: Се разбира дека во овие мигови е неопходна институционална соработка и комуникација на секое ниво. Со Секторот за внатрешни работи – Струмица имаме дневна комуникација, исто како и со голем дел централни институции од кои зависи непреченото одвивање на активностите кои се однесуваат за територијата на општина Струмица.
Сега сте градоначалник, меѓутоа по професија сте лекар, како го комбинирате ова во овие моменти?
Јаневски: Се наоѓаме во период во кој неизвесноста е секојдневно се поголема и кај сите нас предизвикува чувство на неудобност. Нестандардноста во извршувањето на дневните активности, скратеното работно време, ограничувањето на движењето, кај некои од нас предизвикуваат страв кај други паника, но сите мора да сфатиме дека ова е за наше добро. Социјалната дистанца во овој момент е клучна за да останеме заштитени и да придонесеме заеднички кон јавното здравје. Имаме позитивни примери од западноевропските земји кај кои ситуацијата веќе се смирува, бројот на заболени се намалува, па истите веќе размислуваат за отповикување на мерките и враќање во нормален живот. Иако по природа сум непоправлив оптимист, оваа болест се покажа како многу непредвидлива и сите ние со сопственото однесување сме чинители на исходот од истата. Заради тоа мојот апел до граѓаните е да останат дома и да ги почитуваат мерките. Не сакам да звучам премногу смело, но имам претпазлива надеж дека заеднички брзо ќе ја надминеме оваа состојба.
Ќе помогнете ли и на таков начин?
Јаневски: Животното и професионалното искуство ми дозволуваат да можам да одговорам на потребите на јавно здравствените установи доколку се јави потреба за тоа. Впрочем, јас во едно мое обраќање неодамна, на почетокот на пандемијата и јавно кажав дека стојам на располагање во било кој момент повторно да го облечам белиот мантил. Се надевам дека ќе нема потреба, но тука сум.
Во Струмица уште нема заболени...
Јаневски: На територијата на општина Струмица досега нема ниту еден докажан позитивен пациент со корона вирус. Двата случаи регистрирани во статистиката на Министерството за здравство се од други две општини во поширокиот регион. Но ова не значи дека така и ќе остане, реална опасност постои, но наша и обврска на граѓаните е таа да ја сведеме на минимум. Општинскиот штаб за заштита и спасување редовно ја следи состојбата во земјата, но и докажаните позитивни практики во справувањето со пандемијата од земјите кои први се соочија со овој предизвик, врз основа што ги дефинираме и спроведуваме мерките за заштита од корона вирусот во Општината. Обврска на граѓаните е да ги почитуваат мерките од надлежните институции, затоа што тоа е најсилното оружје во борбата со Ковид 19.
Дали и како помагате како општина на лицата во ризик?
Јаневски: Лицата во ризик секогаш ја имаат нашата поддршка и во овие вонредни околности за нив обезбедивме соодветна помош. Kaко што веќе кажав, формиравме мобилни тимови составени од волонтери на општина Струмица и Општинскиот Црвен крст за достава на прехранбени производи, лекови, средства за лична хигиена и други продукти на стари лица, хронично болни и лица со попречености.
Лекарка инфектолог од Струмица е пратена на помош во Штип, има ли
во Струмица доволен број на инфектолози?
Јаневски: Да, ги следам последниве случувања околу распределбите на здравствениот персонал, но сум спокоен бидејќи министерот за здравство и луѓето околу него кои во моментот носат вакви одлуки се многу искусни професионалци и верувам во нивните проценки затоа што од почетокот на пандемијата па досега се покажаа како беспрекорни.
Како Градоначалник како ви поминува денот сега, а како изгледаше еден работен ден пред пандемијата?
Јаневски: Се разбира дека постои разлика во работниот ден на Градоначалникот, бидејќи менаџирањето со општината сега е сведено на едно друго ниво. Акцентот е ставен на процесите кои се однесуваат на заштита на граѓаните, имплементација на мерките за спречување на ширењето на вирусот, но и на секојдневната телефонска и интернет комуникација со граѓани кои имаат предлози и иницијативи за полесно справување со новонастанатата ситуација. Делумно различни се и дневните содржински активности во кабинетот и средбите се сведени на минимум, но сепак прстот е вперен во градоначалникот и граѓаните оправдано очекуваат од таму да произлегуваат значајните одлуки па поради тоа состаноците со претставниците на надлежните институции најчесто се одвиваат во кабинетот. Единствено нешто што овој период многу одскокнува од моето претходно секојдневие е што попладневните часови сега ги минувам дома, во кругот на семејството. И еве ова го гледам како шанса да им се оддолжам на моите блиски бидејќи последните години и како градоначалник и како лекар, ретко кое попладне бев дома.
Што најмногу ви недостига од пред пандемијата?
Јаневски: Енергијата на моите сограѓани. Струмица е жив град. Каде и да погледнете во било кој период од денот има граѓани кои прават нешто. Едни рекреираат, други седат во парк, трети пазарат. Младите се дружат, децата играат. Пазарите, кафичите, рестораните, игротеките, спортските игралишта - секаде џагор.
Кога ќе заврши сево ова, што прво ќе
направите?
Јаневски: Ќе прошетам по градското корзо до градскиот парк, бавно, за да го почувствувам животот на Струмица.
Наталија Миланова
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.