Во Владата има разочарување, но јасно ќе ги предочат аргументите за да се надмине несогласувањето со Бугарија
Објавено во: Македонија 06 Ноември, 2020
Разочарани сме од одлуката на Република Бугарија да не го поддржи усвојувањето на Рамката за преговори за Северна Македонија, што не е во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017, брифираат за Фактор од Владата.
Велат дека остануваат посветени на Договорот и уверени се дека тој претставува одлична рамка за менаџирање на билатералните прашања и нуди механизми за надминување на проблемите.
Во таа насока подготвени се да дадат појаснувања за да ги отстранат загриженостите што се појавија во Република Бугарија.
„Правото на нашето самоопределување е наше неприкосновено право. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик се факт и за тоа не треба да се разговара, бидејќи нашиот идентитет не предизвикува никакви претензии кон никого, ниту сега, ниту во иднина.
Веруваме дека со засилена комуникација и дополнителен ангажман постојат можности за излезни решенија за да имаме успех за сите нас, за македонската интеграција, за Република Бугарија, за регионот и за Европската Унија. Во спротивно ќе имаме само споделен неуспех со што сериозно ќе биде доведено во прашање проширувањето на ЕУ како нејзин геостратешки интерес.
Благодарни сме за силниот ангажман на германското претседателство и на силната поддршка од сите земји членки овој процес да заврши со успех и во интерес на вредностите на кои почива Европската Унија.
Северна Македонија нема да отстапи од остварувањето на нашата стратешка цел, споделена и прифатена со Европската Унија, да ги отпочне преговорите за членство и продолжува да биде активен учесник во разговорите коишто продолжуваат наредните денови.
Деновиве ќе има средби на КОРЕПЕР, како и состанокот на ГАК (General Affairs Council, средба на министрите за надворешни работи или министри за ЕУ на земјите членки) и состанокот на Европскиот Совет и ние уште еднаш ќе ги предочиме јасно нашите аргументи со цел да ги афирмираме можностите да се надмине оваа ситуација. Постои силна определба и фокусираност од различни страни со цел постигнување на заеднички европски успех“, брифираат од Владата.
Како што претходно објави Фактор, денеска на состанок на КОРЕПЕР (постојаните претставници/амбасадори на земјите членки на ЕУ), кој беше воден од германскиот амбасадор, не беше постигната согласност за усвојување на преговарачката рамка за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, поради тоа што претставникот на Бугарија демонстирал задршка, односно одбил да даде поддршка.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.