28 Септември, 2024
0.0322

Возачи без морал = сообраќајни несреќи и небезбедни патишта

Објавено во: Анализа 16 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

“Чувај се себе и другиот” - ова е основната порака во сообраќајната етика. Но,  ретко кој ја почитува и применува, доколку истиот не поминал низ премрежието – сообраќајна несреќа. Професорот по етика Кирил Темков, за Фактор вели дека премалку е и секој ден да се зборува за превенцијата и едукацијата, доколку на терен не функционираат казните. Тој во неговиот научен труд “Професионална етика”,  посебен сегмент издвојува токму за етиката во сообрајќајот. Но, резулаттите на официјална статистика и на Министерството за внатрешни работи за бројот на сообрајќајните несреќи и жртви потврдуват дека на македонските патишта се вози лудо. Едни брзаат, а други го извлекуваат „подебелиот крај“. Најчеста причина за сообраќајните незгоди е брзото возење.  Возачите притискале на педалот за гас повеќе од потребното, во миг менувајќи ја својата и судбината на другите. Брзото возење останува најризично. Македонските патишта  како ретко досега, станаа места на најкрвавите  инциденти  во кои повеќе луѓе ги загубија животите, а уште повеќе останаа да ги лекуваат траумите. Поразителната статистика покажува дека возачите најмалку страдаат во несреќите, а најчесто жртви се пешаците, мотоциклистите, велосипедистите. Прашањето е дали  оваа година  ќе  го урне црниот рекорд од 2013 кога на патиштата низ земјава загинаа 198 лица а 6484 беа повредени и ќе ја продолжи низата на зголемен тренд на жртви на патиштата? Професорот Темков вели дека секојдневните опасности во сообрајќајот на кои се сведоци сите активни учесници, сообрајќајни несреќи со жртви и повредени, покажува на реални и раширени  проблеми, за кои е неопходна сериозна активност и вклученост на сите засегнати. Според него е потребно итно менување на свеста, знаењата на возачите но и подобрување на сообраќајните услови кои се еден од изворите на ваквите проблеми.
“Сообраќајот е мошне опасна работа. Кај нас нема ден без извештај за некоја сообраќајна незгода. Колку и да растат контролите, сообраќајот не станува побезопасен. Тука вистински ништо не може да помогне освен вистинската етичка намера, човекот да внимава на правилата и прописите и неговата искрена желба да не нанесе штета на другите. Затоа етиката на сообраќајот инсистира на морална одговорност. Мајсторите добро да ги прегледаат возилата пред да ги пуштат во сообрајќај. Наши пријатели турски научници при една средба беа изненадени кога ни се расипа автобусот на враќање од Охрид. Прашаа за контролорите на фирмата чија должност е да ги проверат возилата пред да тргнат на пат. Бараа одговорност”, вели професорот Кирил Темков.
Практиката да се вози без заштитен ремен, со мобилен телефон, без или со расипани светла, слаби сопирачки, исто толку слабо и кревко знаење, без сообраќајна дозвола, според него,  е неморален, а не некултурен акт.Секоја постапка во сообраќајот која води до несреќа и злосторство спаѓа во етичката, а не во културната сфера и мора најстрого да се санкционира, но без притоа да им се прости на виновниците,  без разлика на нивната позиција. Одржувањето на патната мрежа може да биде еден од клучните фактори за зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Експертите велат дека во иднина мора да се стави  поголем акцент на одржување на патиштата затоа што тие се градат, но многу е подолг рокот на експлоатација. Тие се експлоатираат  многу години и треба да се одржи нивната вредност и од економски и од безбедносен аспект, со цел  да се превенираат односно да се спречат можните појави на т.н црни точки и да имаме безбедни патишта. Причина за несреќите се и  необучените возачи, зголемениот број стари возила и лошите патишта. Во Македонија експертите избројале околу  169 црни точки. Бројките немилосрдни! Бројот на загинати во сообраќајните несреќи има тенденција на зголемување. Па така во: 2006  ------- 140 загинати 2007 -------- 173 загинати 2008 -------- 162 загинати 2009 -------- 160 загинати 2010 -------- 162 загинати 2011 -------- 172 загинати 2012 -------- 132 загинати 2013 -------- 198 загинати Податоците од полицијата јасно укажуваат дека во 95 отсто од незгодите, причината е човечкиот фактор. Преголема и неприспособена брзина кон условите на патот, непочитување на сообраќајните знаци и правила, недржење на својата страна од коловозната лента, недавање предимство на минување, непрописно разминување, возење под дејство на алкохол - ова се само дел од причините кои ги прават патиштата вистински сцени од хорор филмови. И покрај  Националната стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот 2009-2014 година, експертите укажуваат дека е потребно да се подигне свеста кај возачите и кај сите учесници во сообраќајот, со цел да се  преполови  бројот на жртви во сообраќајот и целосно  да се елиминира  бројот на деца жртви во сообраќајните незгоди. Според професорот Темков никој не смее да се игра со возилото во сообраќајот и со безбденоста.Тој потенцира дека возењето во јавниот сообраќај не е туркање на автомобилчиња во Луна парк. Сообраќајот е, вели Темков, една голема сложена машина која добро работи кога е суредена, но прави многу проблеми кога и откажуваат деловите. Бројните возила и учесници во сообраќајот секој миг создаваат милиони потенцијални ситуации, а во огромниот број од нив се можни инциденти и штети. А, тогаш е доцна! Сонот за брзината нема ништо заедничко со сообраќајот. Тој копнеж е дел од авантура, но сообраќајот е реалност, а ниедна илузија не оживеала без нечие страдање. Заради опасностите и заемните повреди, во сообраќајот појасно отколку во другите човечки активности  се гледа зависноста на животната стабилност од поведението на луѓето, бидејќи никој не нанесува повреди без и самиот да не настрада. Моралот во сообраќајот оди уште подалеку:
“Не е важно дали самиот сакаш да настрадаш, бидејќи можеби не ти е важен сопствениот живот, но мора да внимаваш на другите на кои лесно можеш предвреме да им ја скроиш судбината”, завршува проф. Темков.
Б.С.