Вработените од „Југохром“ да се вратат на работа - ако не ќе блокираат патишта
Објавено во: Македонија 09 Ноември, 2016
Вработените од фабриката „Југохром“ од Јегуновце најавија блокада за сабота на автопатот Тетово – Скопје кај рампата Желино.
До надлежните имаат три барања, за кои велат дека ако не се исполнат ќе го блокираат и стариот пат. Тие бараат итно повлекување на забраната за работа на фабриката, вработените да се задржат на работа, а филтрите за прочистување што поскоро да се изградат.
Од Синдикатот велат дека „Југохром“ не е причината за големата загаденост на воздухот во Тетово. Побараа надлежните да направат анализа на воздухот, а податоците да бидат јавно објавени.
„Југохром“ не работи од минатата недела откако Инспекторатот за животна средина одлучи да го затвори комбинатот, поради пробивањето на двегодишниот рок за изградба на филтер-станица, кој истече на 31-ви октомври годинава. Околу 700 работници поради затварањето се испратени на принуден одмор.