Време е да се стави крај на политичката пат-позиција, вели генералниот секретар на ОБСЕ Заниер по завршувањето на посетата во Скопје
Објавено во: Мои пари 09 Март, 2017 21:22
Генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер изрази загриженост за последните случувања во земјата, по завршувањето на денешната посета, повикувајќи ги политичките лидери да ѝ стават крај на продолжената политичка криза во интерес на сите граѓани.
„Надминувањето на политичката пат-позиција и враќањето на политичката стабилност мора да бидат највисок приоритет. Клучот за решението лежи во рацете на политичките актери кои треба да се справат со предизвикот и да ја решат кризата за доброто на сите граѓани“ – рече Заниер. Тој забележа дека резултатите од декемвриските избори во 2016 година овозможија солидна основа за формирање влада и го повика Собранието да започне со работа, согласно демократските принципи и владеењето на правото.
Заниер ги осуди неодамнешните провокативни пораки и инциденти кои би можеле да доведат до влошување на меѓуетничките односи и нагласи дека Охридскиот рамковен договор (ОРД) е од клучна важност за заштитата и унапредувањето на правата на заедниците.
„Ги охрабрувам сите релевантни страни на ОРД да останат посветени на неговата имплементација. ОБСЕ, нејзините институции и Мисијата во Скопје ќе продолжат да се залагаат за мултиетничко и демократско општество и да обезбедуваат помош во областите како што се владеење на правото, избори, демократско владеење и реформа на полицијата. Ги охрабруваме сите актери целосно да ја искористат оваа експертиза“ – рече Заниер.
Утврдувајќи дека е постигнат напредок преку имплементацијата на Договорот од Пржино, Заниер забележа дека враќањето на довербата во институциите е од особена важност.
На средбата со претставниците на организациите со граѓанското општество, тој ја нагласи нивната важна улога во промовирањето на демократското општество и изрази загриженост поради извештаите за притисоци.
Во текот на посетата Заниер се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи Никола Попоски, лидерите на политичките партии ВМРO-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Движењето БЕСА, Алијансата за Албанците и ДПА, како и со претставниците на меѓународната заедница.
Можеби ќе ве интересира
ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА НОВАТА МИКРОБИОЛОШКА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КВАЛИТЕТ НА „АЛКАЛОИД“ ПРИ ОФИЦИЈАЛНАТА ПОСЕТА НА ВЛАДИНА ДЕЛЕГАЦИЈА НА КОМПАНИЈАТА
Емисиите од работата на ТИТАН УСЈЕ се под граничните вредности определени со Закон
Нов едукативен и истражувачки центар на Градежниот факултет во соработка со ТИТАН Усје, во рамки на проектот „Знаење + CO₂ -“
Никотински ќесички како модерна еволуција на снус без тутун
Мало отрезнување за акциите со вештачка интелигенција
Просечната цена на струјата на HUPX берзата за 19 декември изнесува 134,46 евра за мегават час, на МЕМО 154,75 евра за мегават час
Првпат во Македонија: Во „Аџибадем Систина“ изведена имплантација на вештачки колк кај 14-годишно дете




