20 Април, 2024
0.0286

Време е за времена регулација на каматните стапки

Објавено во: Финансии, Колумни 15 Април, 2020

Добивај вести на Viber

За среќа, нашите банки, особено големите кои се од системска важност (големата тројка, пред сé), години со ред работат успешно. Тие пружаат витални функции во обезбедувањето кредитни средства за претпријатијата и за домаќинствата и во вршењето на платниот промет. Платниот промет е крвотокот на економијата. На почетокот од ова столетие, по долгогодишни подготовки, државата оваа функција им ја препушти на банките, со ликвидација на фамозната СОК (Служба за општествено книговодство). Во процесот на кредитирање банките вршат магична функција – нашите краткорочни депозити ги претвораат во среднорочни и долгорочни кредити, притоа одејќи по тенката жица на сите можни видови ризици. Како награда, остваруваат солидни приходи и профит за своите акционери.

Стапката на поврат на капиталот на акционерите во нашите поголеми и системски важни банки е една од повисоките стапки на оплодување во македонската економија. Не во редот на највисоките, но сепак солидна двоцифрена стапка во рангот од 14-16 отсто, што ги прави сопствениците на банките да бидат задоволни. Како и не би биле кога овие стапки на поврат, барем до неодамна, се повисоки од тие што во просек ги остваруваат многу помоќни банкарски групации во Европа и во светот, како што се британските ХСБЦ, Барклис, познатите моќни италијански банки, па дури и од американските гиганти од типот на Џеј Пи Морган, Велс Фарго, Голдман Сакс и други. (На оваа компарација може да влијае различниот степен на приспособување кон новите Базелски стандарди кај нашите, во споредба со спомнатите странски банки, но тоа не го менува заклучокот). Позитивни се и стапките на поврат во однос на ангажираните средства (актива), кои се значително пониски, но се помалку релевантни кога станува збор за оценката на профитабилноста на банкарскиот сектор во споредба со претходниот индикатор – стапка на поврат на капиталот на акционерите на една банка.

Банките се финансиски институции кои се засноваат на доверба. Доверба во секоја банка одделно и во вкупниот банкарски и економски систем на една држава. Кога се топи довербата, банките постепено, а потоа одеднаш може да се срушат како кула од карти. Тоа е многу пати веќе видено низ историјата на голем број земји и лекциите се научени. Со оглед на тоа што без банки нема економија, во случај на опасност од пропаѓање на една или неколку системски банки државата ги спасува со средства од државниот буџет, т.е. со пари на даночните обврзници. Дали банките сами без поддршка на институциите на државата, вклучително и на централната банка, се во можност да го постигнат потребното ниво на доверба? Се разбира, не се!

Оттаму, банките не можат да се поистоветат со другите комерцијални субјекти во начинот на вршење на нивната дејност и остварување профит за нивните акционери. Тие се, пред сé, високо регулирани институции. Оваа т.н. регулација на прудентноста (нивната цврстина да одолеат на разни шокови, со цел заштита на заштедите на нивните депоненти и важната функција што ја вршат во економијата), кај нас ја врши Народна банка. Не е едноставно да се основа банка, а е уште покомлицирано таа да се раководи на дневна основа. Потребна е лиценца за нејзино основање, лиценца за директорот и согласност за членовите на управниот и надзорниот одбор. Постојат строги правила за „адекватност на капиталот“, пропишани со меѓународни стандарди, кои по секоја поголема финансиска криза дополнително се заоструваат. Пропишани се ограничувања од аспект на максималната „изложеност“ кој еден кредитокорисник; задолжителна резерва во однос на вкупната актива (депозитите); бројни видови на „резервации“ пропорционални на класата на кредитни ризици по одделни пласмани и што уште не! Причината за ова е едноставна – да се ограничи дискрецијата на банкарите и нивната тенденција за преземање прекумерни ризици, затоа што тие, сепак, работат со туѓи, а не со свои пари.

Вака строго регулирани, банките, особено поголемите и системски важни банки, повеќе наликуваат на регулирани инфраструктурни дејности, како што се, на пр., снабдувањето со вода, електрична енергија, природен гас, топлинска енергија, потоа железниците и сл., одошто на типични комерцијални претпријатија. Овие дејности се од витален карактер за граѓаните и државата не може да допушти доколку некои од нив работат со загуби да пропаднат. Кој може да помисли дека ако претпријатието што врши дистрибуција на електрична енергија прогласи банкрот, целокупната мрежа од трафостаници, водови, кабли и сл., ќе се демонтира и ќе се понуди на продажба како старо железо? Или истото да се случи со приватната компанија што го снабдува главниот град со топлинска енергија. Веднаш настапува државата и со помош на веќе постојната инфраструктура изнаоѓа начин за непречено обезбедување на овие витални услуги за граѓаните.

Значи, регулација на банките постои и во нормални околности, а во кризни ситуации во каква што во моментов се наоѓа светската, а со тоа и македонската економија, легитимни се и дополнителни мерки за регулација. Целта е поддршка на економските субјекти, подеднакво претпријатијата и домаќинствата, а со тоа и на самите банки. Зошто е неопходна и во која насока би се движела дополнителната регулација на банките во овие кризни моменти? Да потсетиме дека Народна банка веќе донесе такви мерки како одговор на настанатата ситуација, кои ги засегаат банките на еден или на друг начин. Во моментов е неопходна една дополнителна мерка – дополнително намалување на каматните стапки на банкарските кредити за оние субјекти кои одлучиле да прифатат мораториум на отплатата во период од шест месеци.

Банките се во право дека за пласираните средства во периодот на мораториум за отплата на кредитите од физички и правни лица не можат да се откажат од засметување на одреден принос. Но, никако не е оправдано каматните стапки што важеле претходно за кредитите да се засметуваат и сега. Стотици компании и граѓани кои претрпеа, трпат и допрва ќе трпат сериозни штети од налетот на здравствената и економска криза во која се најдовме заедно со сите други земји и народи на земјината топка очекуваат дополнителна поддршка. Најдобро е за банките да помогнат тие да го преживеат периодот на пост и глад. Во спротивно, повеќето вака дополнително оптоварени должници може никогаш да не се разбудат од хибернацијата, со што банките не добиваат ништо, а може да загубат многу.

Ако банкарите започнат да се прашуваат, како во легендарната секвенца од Монти пајтон околу тоа „Што државата (заедно со Народна банка) направила за нас?“, да ги потсетиме:

1.  Таа (државата) се бори со сите средства вработените и клиентите на банките да бидат максимално заштитени и да останат здрави и живи;

2.  Ги гарантира, во даден обем, депозитите на нивните штедачи;

3.  Се бори за поддршка на илјадници компании, воедно должници на банките, да преживеат за да можат, кога сето ова ќе помине, меѓу другото, да продолжат со редовно сервисирање на своите должнички обврски кон банките. За ова обезбедува кредити од надвор, што е нималку лесна задача во услови на рецесија во глобалната економија, според ММФ најголема од Големата депресија во 30-тите години од минатиот век. Да спомнам ли, со малку поткаснат јазик, дека само во САД во период од неколку години тогаш беа ликвидирани околу пет илјади банки?

4.  Централната банка ги натопори (и веќе ги користи!) трите милијарди евра девизни резерви за заштита на девизниот курс на денарот. Банкарите знаат дека ако се случи „нешто“ со курсот, а нема да се случи, ќе настане ‘ршум во нивните биланси и не ќе знаат кој пат да го фатат!

5.  Или ако работите стигнат дотаму инфлацијата да излезе од контрола, што, исто така, нема да се случи, ќе можат ли мирно да спијат банкарите? Што ќе стане со реалната вредност на нивните денарски пласмани? Итн.

Мислам дека доволно набројав за да не биде повторено монтипајтоновското прашање. Сега е на потег регулаторот! Кон сите останати видови на регулација што се применуваат врз банките следи парцијална директна контрола врз цената на нивниот производ – веќе одобрените кредити за кои клиентите, физички и правни лица, користат шестмесечен мораториум. Една од веќе предложените мерки во оваа насока, која е неприфатлива за корисниците на кредити, е ограничувањето на максималната каматна стапка на 5,75 отсто. Како да се определи оптималната каматна стапка за овие кредити? Не знам дали за стапката од максимални 5,75 отсто е користена некаква методологија, или ако е користена, таа не беше барем досега јавно обзнанета. Мојот предлог е дека оваа каматна стапка треба да се врзе со два параметри – моменталната референтна каматна стапка на Народна банка од 1,75 отсто и просечната стапка на депозитите (денарски и девизни) која банките им ја плаќаат на своите штедачи и изнесува 1,12 отсто. Ако се додаде определен износ над овие стапки за трошоците на банките, кои, мора да признаеме, целиот овој период на криза се на висината на своите задачи и се соочуваат со дополнителни трошоци над редовните, регулираната каматна стапка на кредитите за правни и физички лица чија отплата е ставена во мирување за период од шест месеци не треба да надмине 3 (три) отсто. Банкарите треба да ја прифатат оваа мерка. За сопствено добро!

Трајко Славески, професор на Економски факултет, УКИМ, Скопје

Можеби ќе ве интересира

БЕРЗИТЕ СО ГОЛЕМИ ЗАГУБИ - индексот S&P 500 падна петти ден по ред

БЕРЗИТЕ СО ГОЛЕМИ ЗАГУБИ - индексот S&P 500 падна петти ден по ред

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

„Доколку не се остварат ризиците, олабавување на монетарната политика во втората половина од годинава“: гувернерката Ангеловска-Бежоска за ВОА

„Доколку не се остварат ризиците, олабавување на монетарната политика во втората половина од годинава“: гувернерката Ангеловска-Бежоска за ВОА

ПОИСПЛАТЛИВО ИМ Е ДА ЖИВЕАТ ВО ХОТЕЛ, ОТКОЛКУ ВО СТАН ПОД КИРИЈА: Неверојатни цени на киријата во Швајцарија

ПОИСПЛАТЛИВО ИМ Е ДА ЖИВЕАТ ВО ХОТЕЛ, ОТКОЛКУ ВО СТАН ПОД КИРИЈА: Неверојатни цени на киријата во Швајцарија

НА ЕДНА ПЛАНИНА ВО СОСЕДСТВОТО ИМА ЗЛАТО ЗА ПОЛА ЕВРОПА: Стрикленд Металс влезе во „профитабилната српска игра за злато“

НА ЕДНА ПЛАНИНА ВО СОСЕДСТВОТО ИМА ЗЛАТО ЗА ПОЛА ЕВРОПА: Стрикленд Металс влезе во „профитабилната српска игра за злато“

ЗА 100 ИНВЕСТИРАНИ МНОГУ БРЗО ДОБИВАТЕ 10.000 евра: Криптовалутите станаа најбезбедна инвестиција, а пазарот покажува раст на цените

ЗА 100 ИНВЕСТИРАНИ МНОГУ БРЗО ДОБИВАТЕ 10.000 евра: Криптовалутите станаа најбезбедна инвестиција, а пазарот покажува раст на цените

Генерали Инвестментс: Централните банки ги држат пазарите на капитал во неизвесност

Генерали Инвестментс: Централните банки ги држат пазарите на капитал во неизвесност

„ВО ХРВАТСКА СЕ СЀ НАПЛАЌА, ДУРИ И ТУШОТ НА ПЛАЖА“: Сместувањето рипна на 90 евра од ноќевање, сезоната се уште не е започната, а многумина предвидуваат пропаст

„ВО ХРВАТСКА СЕ СЀ НАПЛАЌА, ДУРИ И ТУШОТ НА ПЛАЖА“: Сместувањето рипна на 90 евра од ноќевање, сезоната се уште не е започната, а многумина предвидуваат пропаст

ГОТОВО Е: Познат е датумот кога ќе заврши „копањето“ на биткоин

ГОТОВО Е: Познат е датумот кога ќе заврши „копањето“ на биткоин