Добивај вести на Viber
Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска ги обелодени договорите со Обединетите Арапски Емирати, врз основа на кои оваа богата арапска држава уплати половина милијарда евра како помош на српскиот Буџет.
Според него, Србија благодарение на оваа уплата нема да има проблеми со ликвидноста до март следната година, а потоа ќе се направи сè за во 2015 и 2016 година да се намали трендот на задолжување на земјата.
Вучиќ го објави и Договорот со арапската авиокомпанија „Етихад“ за преземање на српската национална авиокомпанија ЈАТ, со напомена дека договорот бил постигнат во услови во кои српската Влада знаела со колку ризици се превезуваат патниците на ЈАТ, а доказ било што од седум авиони Боинг 737-300 на ЈАТ денес летаат само уште четири.
„Обврската да ги обелоденам овие договори не потекнува од барањата на различни интересни групи, туку од обврската кон граѓаните на Србија, кои заради медиумската хистерија почнуваат да се сомневаат дека зад овие договори нешто се крие“, рече Вучиќ.
Објавувајќи го договорот
со „Етихад“, тој нагласи дека оваа авиокомпанија била единствена шанса за спас на српскиот национален авиопревозник. При приватизацијата Србија се обврзала да инвестира 42 милиони долари и да ги санира долговите на ЈАТ од кои 80% се кон државата, а арапскиот партнер 100 милиони долари. Од српска страна уште ништо од овие пари не е уплатено.
„Да не ги преземевме мерките што ги презедовме, ќе моравме да го изгаснеме ЈАТ, што ќе предизвикаше економски и општествени загуби, ќе го нарушеше угледот на Србија, бидејќи националната компанија е огледало на една земја. Етихад беше единствена шанса. Компанија во светскиот врв“, рече Вучиќ.
Според него, одлуката била правилна затоа што Ер Србија веќе станува регионален лидер во авиосообраќајот.