За „Најкомора во регионот” е избрана Стопанската комора на Македонија
Објавено во: Економија 05 Јули, 2013
За „Најкомора во регионот" е избрана Стопанската комора на Македонија , а Михајло Михајловски, извршен директор на „Фени" од Кавадарци и директор и сопственик на „Ватростална" - Скопје, е прогласен за најменаџер во регионот на југоисточна и средна Европа.
Овие признанија на македонските претставници им беа доделени на традиционалната 28-ма по ред манифестација „Избор на најменаџер на југоисточна и средна Европа" што се одржа во Сараево.
„Друштвото со најдобрите менаџери од југоисточна и средна Европа е вистинска прилика човек да се почувствува горд на резултатите што може да ги постигне. Воедно, и да се запраша секој од нас што треба да направи за да се подобри ситуацијата во секоја земја посебно и во регионот. Позитивноста, упорноста и професионалноста се единствените работи со кои може да се оди напред. Добитниците се вистинските луѓе кои што во своите дејности постигнуваат извонредни резултати и отвораат простор за развој на општеството", рече Бранко Азески, кој го прими врвното признание што и` беше доделено на Стопанската комора на Македонија, како модерна и врвна деловна асоцијација која целосно е посветена на успехот на членството и на бизнис-заедницата..
Михајло Михајловски вели дека без вистински конкурентни производи, маркетинг и заедничка соработка не може регионот и секоја држава посебно да одат напред во својот развој. А дека сето тоа зависело од менаџерите.
„Се надевам дека овие компании во иднина не само што ќе бидат најдобри во Македонија, туку со поврзувања во регионот ќе придонесат за развој на македонското стопанство и воопшто на регионот", рече Михајловски.