ЗА ПЕТОК Е НАЈАВЕН БОЈКОТ НА МАРКЕТИТЕ: Ги прашавме граѓаните дали ќе бојкотираат?
Објавено во: Економија 30 Јануари, 2025 07:36
Повеќето граѓани кои ги анкетиравме велат дека во петок нема да пазарат, ќе ги бојкотираат маркетите и повикуваат народот да покаже единство, односно со овој гест, да алармира дека цените се високи.
Луѓето кои ќе бојкотираат, велат дека една поединечна акција не е доволна, туку потребно е почесто да има бојкоти. Објаснуваат дека повеќето производи кои редовно ги набавуваат се поскапени во однос на лани. Повикуваат државата да помогне, со тоа што или ќе се зголемат примањата или да се ограничат цените на намирниците.
„Да, јас ќе бојкотирам. Однапред ќе си купам храна, не мора во петок. Џабе најавуваат дека цените се намалени, кога цените се исти, дури и повисоки. За маслото за јадење имам забележано дека поскапе“, објаснува Зорица Петковска, граѓанка.
Следната граѓанка нема да го почитува бојкотот.
„Нема потреба, кога имам пари купувам, кога немам, не купувам и не верувам дека луѓето нешто ќе сменат“, додава таа.
Некои дури даваат предлог дека маркетите треба да се бојкотираат цела недела.
„Би требало да се бојкотира. Треба и друг ден да се бојкотира. За почетокот мислам дека ќе биде послабо, мислам дека луѓето нема да се единствени. Гледам дека маркетите се преполни. Поскапено е млекото за деца“, додава Габриела Јовановска, граѓанка.
Пензионерите исто се категорични дека бојкотот мора да даде ефект и дека граѓаните треба да бидат упорни.
„Треба бојкот и построги мерки, затоа што многу претераа. Кашкавалите се поскапени, мислам дека не се достапни за сите. Треба подолго да се бојкотира, една недела барем да трае бојкотот. Ако власта нема слух за обичниот народ, ние мора да покажеме револт, затоа што многу нè газат“, вели Гордана Милошевска, граѓанка.
Друг пензионер вели дека власта мора да ги огранични цените, а трговците ако тоа не го почитуваат, да бидат казнети.
„Бојкотот не е решение, туку треба да се ограничат цените, да има намалување за 10 до 15 отсто, а кој не почитува, да дојдат, да му стават катанец еден месец, а вака ништо не се прави. Ова не е решение. Кафето е доста поскапено. Цената на лебот не е намалена, многу артикли се поскапени“, додава Перо Илиќ, пензионер.
Идејата за бојкот на трговците македонските граѓани ја добија од Хрватите, кои бојкотираа во петокот.
„Сите знаеме што е излезот, повеќе пари и повисок стандард, но тоа не е лесно прашање. Не се само маркетите виновни, треба да се тргне и од производителите“, вели економист од Битола.
За петок, бојкот најавија и граѓаните на Босна, Црна Гора, а имаше повици истото да се направи и во Србија. Куповната моќ на граѓаните паѓа и тие се жалат дека тешко преживуваат. Mинималната кошничка за едно четиричлено семејство во Македонија одамна надмина 1.000 евра. Од ССМ велат дека ова треба да биде црвен картон за трговците.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа
Колку дозволи издаде Хрватска за македонски работници?




