За зголемување на платата за 6.000 денари, државата ќе потроши 2.529 денари
Објавено во: Економија 04 Септември, 2019
Државата наместо работодавачот ќе плати 2.529 денари за социјални придонеси ако на работникот му ја зголеми платата за 6.000 денари. Тоа зголемување работодавачот ќе го чини вкупно 6.667 денари затоа што треба да плати и данок на парите, но ќе биде осолободен од обврските за придонесите.
Дали оваа субвенција ќе ги натера газдите да ги зголемуваат платите - експертите се со поделени мислења. Сметаат дека станува збор за вештачки мерки кои нема да го дадат посакуваниот ефект, иако некои тврдат дека секое ослободување е значајно. Сепак конечниот збор би го имале сопствениците на фирмите, а со оглед на слабата ликвидност на стопанството некој бум не се очекува.
Владата го подготвува законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата. Премиерот објави дека за тоа ќе бидат потребни 6,5 милиони евра, ама ако мерката е за три години сумата е поголема.
Даночниот експрт Павле Гацов пресмета колку ќе чини и ако платата се зголеми за 600 денари по работник месечно. Тоа работодавачот ќе го чини 667 денари (600 денари нето плата и 67 денари данок на доход). Буџетот ќе покрие 253 денари социјални придонеси по работник месечно.
А.Т.