11 Октомври, 2024
0.7773

Зеленски подготвува нов план за праведен мир

Објавено во: Колумни 29 Јули, 2024

Добивај вести на Viber

„Трпение, поддршка и дипломатски притисок се трите фактори за праведен крај на војната“, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски во ексклузивното интервју за јапонската телевизија NHK, во петокот. Според него, „ако САД и европските земји го сочуваат единството, тоа ќе изврши дополнителен притисок и ќе и покаже на Москва, дека нема шанси“. Зеленски нагласи дека не може да реагира на повиците за прекин на огнот, додека Русија продолжува да ја окупира територијата на Украина. Исто така, тој додаде дека Киев ќе почне подробни преговори со релевантни земји за прашањата за територијалната целосност и други прашања. До крајот на ноември ќе разработи план за активности за воспоставување мир.

Во ова светло треба да се гледа и минатонеделната посета на украинскиот министер за надворешни работи, Димитриј Кулеба на Кина. Прва на таков функционер од почетокот на војната во 2022 година. Украина настојуваше на контакти со Кина, особено околу „конференцијата за мир“, што се одржа во Швајцарија, а на која Кинезите не дојдоа. Пекинг го прескокна тој самит, на кој Русија не беше поканета, и повика на фер самит со подеднакво учество на двете страни. По што, Зеленски ја „нападна“ кинеската позиција. Кина и помагала на Москва со поткопување на мировната конференција во Биргеншток. Инсистирањата на Украина за разговор, и по ова, сигурно не престанаа, па посетата на Кулеба на Кина треба да се сфати на тој начин. Но истовремено е добредојдена и за Кина, која се повеќе се јавува како фактор во „помирување“ во светот. Што секако и годи. Особено по средувањето на кавгата меѓу Иран и Саудиска Арабија, по што двете земји воспоставија дипломатски односи, а неодамна и успешното посредување меѓу Хамас и Фатах да се обединат околу иднината на Палестинската држава.

Украинскиот претседател неодамна во интервју за BBC се изјасни дека би преговарал и со рускиот претседател Владимир Путин. А во средината на јуни најави дека усогласениот на конференцијата во Швајцарија план за акција ќе биде доставен до претставници на Русија за да можат на втората конференција за мир да се стави реален крај на војната. Кина и тука би требала да одигра некаква улога. Украинците и Западот постојано зборуваат за некаков „кинески притисок“ врз Русија. Демек Кина може да влијае врз Русија во наоѓање на мировно решение за Украина. Како што се пренесе од Кина, Кулеба со кинескиот колега Ван Ји разгледувал достигнување на „праведен мир“ во војната со Русија.

ОСЕТЛИВИ ПРАШАЊА

Во Русија беше пренесено дека Киев е подготвен за преговори со Москва. Дека внимателно е изучен консензусот од шест точки меѓу Кина и Бразил за политичко решавање на конфликтот.  Ова беше направено, повикувајќи се на извори од Кина. Па, украинското МНР мораше да излезе со толкување на она што зборувал и рекол Кулеба.  Беше соопштено дека „главна тема на разговорите била потрагата по патишта за прекин на руската агресија и можната улога на Кина за постигнување на „стабилен и праведен мир“ во Украина. И дека Кулеба му рекол на Ван Ји, дека Киев е подготвен за преговори „во одредена фаза“, под услов Москва да биде подготвена за „ чесни преговори“, што сè уште не е случај. Кулеба исто така зборувал дека праведниот мир во Украина и одговара на Кина, на пример, придонесува на нејзината трговија со Европа и дека треба да се градат односи меѓу Пекинг и Киев, имајќи го предвид идното членство на Украина во ЕУ.

Соопштенијата што се даваат официјално по ваквите средби, главно содржат еднострано видување и од нив не може да се разбере суштината на разговараното или резултатите од неа. Се редат фрази кои треба да се дешифрираат, па често може да се направат грешки. Особено кога станува збор за осетливи прашања, како што е мирот во Украина. Според кинеското МНР, Ван Ји рекол дека Кина секогаш се залагала за политичко решение на „кризата во Украина“. Значи за Кина војната е „криза“. Што секако не им се допаѓа на Украинците. Кинезите понатаму тврдат дека: „Во последно време, како Украина, така и Русија во различен степен, испратија сигнали за тоа дека се подготвени за преговори, иако условите и времето се’ уште не се созреани, ние ги поддржуваме сите напори кои придонесуваат кон мир и сме подготвени да продолжиме да играме конструктивна улога во прекинот на огнот, војната и обновување на мировните преговори“. Кинезите ги имаат предвид мировните преговори од Истанбул и тоа не се прави случајно. Сакале или не, Кина ги потсетува двете страни дека веќе преговарале. Дека се’ нема да почне од чист лист. За изјавата на Кулеба кинеското МНР соопштува:„ Украина сака и е подготвена за дијалог и преговори со Русија. Секако преговорите треба да бидат разумни и конкретни, насочени кон достигнување праведен и траен мир“.

Погоре беше спомната кинескоо-бразилската позиција за мир во Украина. Кинезите имаа свој план од 12 точки, Украинците од десет точки,  Африканските земји имаа план, Ватикан исто, Путин неодамна го соопшти рускиот план, а и Бразил имаше свое видување за тоа како да се дојде до мир во Украина. Па по средба на Ван Ји и Селсу Аморим, советникот на претседателот на Бразил Лула да Силва, во мај, беше соопштена заедничката позиција. Тие повикаа на придржување на три принципи за деескалација на ситуацијата(прекин на проширувањето на територијата на воени дејства, откажување од заострување на воените дејства и провокации), потоа свикување на меѓународна конференција, признаена од Русија и од Украина, на која ќе се разгледаат сите планови за мир. Двете страни треба да избегнуваат напади врз цивили или цивилни објекти и заштита на цивилите, посебно жени, деца и размена на заробеници. Потоа откажување од користење на нуклеарно, хемиско и биолошко оружје, па избегнување на напади врз атомски централи и други нуклеарни објекти и конечно, спротивставување на поделбата на светот на изолирани политички и економски групи држави.

„ГЛОБАЛЕН ЈУГ“

Последната точка зборува дека Кина и Бразил не се помируваат на некаква меѓународна конференција да се зборува само за војната и мирот во Украина. Дебатата да се прошири и на прашања кои ги засегаат мнозинството држави во светот. Прашања кои стојат, а и можат да стојат зад појавите, како што е војната во Украина. Во таков случај конференцијата може да ја потврди постојната поделба во светот. Па прашањето за војната и мирот во Украина да биде потиснато малку настрана. Украина треба да води сметка за тоа. Во август во Киев, според некои најави,треба да допатува индискиот премиер, Нарендра Моди. Неодамна тој беше во Москва и имаше срдечна средба со Путин. Обете страни беа задоволни од резултатите од посетата. САД и Украина се лутеа на патувањето на Моди кај Путин. Но Индија, како и секоја сериозна земја, а не протекторат, пред се’, ги штити своите национални интереси. Згора на тоа таа е и лидер на земјите од „Глобалниот југ“. Моди и Путин сигурно разговараа и за Украина. Индискиот премиер се заложи за прекин на војната во која гинат и невини луѓе. Патувањето на Моди во Киев ќе биде уште една шанса Зеленски да го опипа пулсот и настроението за реализација на она што тој го замислил. А пред се’ да ги придобие земјите од „Глобалниот југ“.

Реакциите на Москва на посетата на Кулеба на Кина беа дадени од страна на Димитриј Песков, прес секретарот на Путин.  „Сè уште нема конкретна суштина за преговорите. Има неразбирливи сигнали, но не знаеме колку се реални. Постои забрана од киевскиот режим за водење какви било преговори со нас. Засега нема ништо конкретно,  рече тој , одговарајќи на прашање на „Известија“, дали Москва добила конкретни сигнали од некои политички сили во Украина кои укажуваат на нејзината подготвеност за компромиси. Претходно Песков изјави дека Русија е отворена за преговори со Украина, и дека има различни опции со кои тие можат да се водат. Во исто време, тој истакна дека прво треба да разбереме колку е подготвен Киев за дијалог, додека „се даваат многу различни изјави“. Прес секретарот потсети дека постои и прашањето за легитимноста на Зеленски. Дмитриј Песков, ги коментираше преговорите во Кина на следниов начин: „Самата порака (за подготвеност на Украина за преговори з.м.) може да се каже дека е во склад со нашата позиција, знаете дека руската страна никогаш не ги одбила преговорите и секогаш ја одржувала својата отвореност за преговарачкиот процес.“ Сепак, според него, во прашањето за решавање на конфликтот „деталите се важни“, а руските власти се’ уште не ги знаат, па чекаат дополнително разјаснување.

Трпение, поддршка и дипломатски притисок, рече Зеленски во интервјуто за јапонскиот медиум. Ако трпение значи долготрајна војна, тогаш тоа нема да им одговара и на Украинците. Во војна на истоштување, Русите сепак ќе бидат во предност. Зеленски го повикува Западот да остане обединет. Значи веќе му се отворат очите дека и таму работите не одат во посакувана насока. Затоа и отиде кај Трамп.  Па дури кај јапонските новинари се пофали дека Трамп му го дал бројот од телефонот, ако има мака да му се јави. Ќе стапел во контакт и со Камала Харис. Дипломатски притисок врз Русија Западот не може да врши. Дипломатските односи меѓу него и Русија се на претсмртно ниво. Значи, Зеленски очекува тоа да го прават земјите кои сега соработуваат со Русија. И Кина, и Бразил и Индија, и другите членки од БРИКС и Г-20, од Африка...Патем во октомври во Казањ, во Русија, ќе се одржи самитот на БРИКС. Тоа е шанса Зеленски сега да ги контактира членките на таа организација, па во Казањ да му биде пренесено на Путин за што и како тој сака да преговара. Време за такво нешто нема многу.  Паралелно треба да се обезбеди дека Западот ќе му даде зелено светло за разговори со Путин. Да не се повтори Истанбул. Тешко дека Западот ќе се согласи да му дозволи да разговара. Што ќе стане со лозунгот „борба до победа“? Или со евентуалните територијални отстапки. А прашање е и дали Путин ќе сака со него да разговара.

Се чини дека во позадината на се’ ова е желбата на Зеленски да го претстави Путин, како кочничар на  преговорите за мир. Многумина му сугерираа да му фрли ракавица на Путин и да му порача дека е подготвен за преговори, па дури и со територијални отстапки. Доколку рускиот претседател одбие такво нешто, тогаш Зеленски очекува во светот да почне да се менува сликата за Путин. Дека тој е против мир. Но што ако Путин прифати и се склучи мир? И тоа без излез на границите од 1991 година. Тогаш за Зеленски нема избор. Или ќе го објават за предавник, националистите, па може дури да го ликвидираат, или ќе треба да го фати првиот авион и да бега. А во земјата ќе настане хаос, кој може да доведе и до граѓанска војна. Има многу војска и многу народ под оружје. Сето ова го разгледуваат и го анализираат кураторите на војната во Украина. Каква судбина им предвидуваат на украинскиот претседател и на Украина? Затоа и неговите заложби за подобри односи со Кина и другите држави.  Кина е единствената земја во светот која може реално да влијае врз Путин, да  се согласи на компромиси. Не дека и други не можат, но во моментов Кина е број еден за тава работа.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Западот ќе ја дели Украина!

Западот ќе ја дели Украина!