ЗАБАВУВАЊЕТО НА ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА ЈА ЗГОЛЕМИ НЕВРБОТЕНОСТА - еве ги најновите проекции на економистите
Објавено во: Економија 11 Март, 2024
Економското забавување кое е моментално на сцена ќе продолжи најмалку во првата половина од 2024 година, велат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ по објавата на Државниот завод за статистика, дека во четвртиот квартал од минатата година брутодомашниот производ порасна за 0,9 проценти.
Од „Фајненс тинк“ укажуваат дека иако се очекува во првото тромесечие да остане растот понизкот, до крајот на годината домашната економија според нивните прогнози ќе достигне 2,7 отсто.
Од Институтот укажуваат дека забавувањето на економијата започна особено неповолно да се одразува врз пазарот на трудот.
- Во четвртиот квартал од 2023, БДП се зголеми за 0,9 отсто на годишна основа, со што целата 2023 заврши со еднопроцентен раст. Забавувањето на економската активност кое отпочна порано, благо се интензивираше до крајот на годината, со што ги потфрли сите проекции. Главен двигател на забавувањето и понатаму е надворешната побарувачка, а продолжија да се намалуваат и бруто инвестициите (-20,5 проценти), двете резултат на забавената активност и негативните стапки на раст на економиите од главните трговски партнери. Личната потрошувачка и понатаму релативно солидно порасна (3,7 отсто), главно движена од позитивниот реален раст на платите и од солидниот раст на другите доходни компоненти на населението. Првпат по извесен период на затегнување, јавната потрошувачка порасна (5,6 отсто), тенденција која е веројатно да продолжи и низ првата половина од 2024 година. Земјоделството забележа остар пад (-15,3 проценти), додека индустријата и градежништвото излегоа благо над негативната зона (1,6 отсто и 5,5 проценти, соодветно), по падовите во претходните квартали. Услугите забележаа поблаг раст споредено со пртходните квартали (1,6 отсто) - се наведува во анализата на „Фајненс тинк“.
Истакнуваат дека забавувањето на економијата започна особено неповолно да се одразува врз пазарот на трудот, за првпат по долг период на негови позитивни остварувања.
- Невработеноста во четвртиот квартал од 2023 се зголеми на 13 проценти (од 12,8 отсто во претходниот квартал). Вработеноста се намали на 45,5 проценти (од 45,7 отсто во претходниот квартал), додека активноста на пазарот на труд остана опадна на 52,2 отсто (од претходните 52,4 проценти) - појаснуваат од „Фајненс тинк“.
Од таму укажуваат дека во третиот квартал од 2023, инфлацијата се преполови на 3,4 отсто на годишна основа, од 7,8 проценти во претходниот квартал. Забавувањето е водено од намалувањето на глобалните притисоци кај храната и енергијата, од замрзнувањето на цените на избрани прехранбени производи, како и од исцрпувањето на преносот на инфлациските притисоци врз пошироката потрошувачка кошничка кој беше присутен во текот на годината.
- Економското забавување кое е моментално на сцена ќе продолжи најмалку во првата половина од 2024 година. Изгледите во поглед на инфлацијата стануваат поповолни, но зависат од критични домашни фактори. Finance Think ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2,7 отсто и за раст на цените од 3,8 проценти - се посочува во нивниот најнов Макромонитор.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.