29 Април, 2024
0.0254

Забрането за МК!

Објавено во: Анализа, Економија 09 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

На граничниот премин Блаце продолжува метежот, откако од вчера на полноќ Косово целосно ја спушти рампата за сите македонски производи. 15 тина камиони и неколку цистерни се на самата граница, не можат да влезат во Косово откако стапи на сила новата мерка. Камионџиите само креваат раменици, очекуваме, велат двете влади да го решат спорот, оти „вака ќе нема работа ниту за нас“. Во преполните камиони има различни производи наменети за косовскиот пазар, не само прехранбени, ами и метал, цевки, текстил, но засега нема влез за овие македонски камиони. Забрането за МК! И од другата страна револт. Косовските граѓани се лутат на македонската Влада, што трговскиот спор го решава врз нивниот грб. „Ние не сме виновни за одлуките на Владата во Приштина, зошто ние, граѓаните би плаќале за влез во Македонија?, прашуваат. Велат дека сега плаќаат и по 30 тина евра на ден за влез во земјава, ако се знае дека некои од нив и по два пати ја минувале границата. Некои од нив се дотолку лути, што сметаат дека треба да се заостри реториката. Бараат нивната Влада да ги заштити. За само два дена протокот на патници од Косво кон Македонија е намален за речиси 30 проценти. До имплементацијата на мерката што ја воведе македонската Влада, од Косово кон Македонија дневно преку Блаце влегувале и по 9 000 патници, последниве денови едвај по 7000. Косовски медиуми јавуваат дека на средба во Приштина се чека македонскиот министер за економија Ваљон Сарачини, во обид да се најде излез од целата ситуација. Македонија со Косово има трговски суфицит во размената. Според податоците  од 2009 година до 2011 година трговската размена и извозот на Косово е во постојан пораст. Но веќе во 2012 се забележува пад во трговската размана и извозот на македонските производи на косовскиот пазар. Падот во размената е очигледен и во првите седум месеци до годинава. Минатата година вкупната трговска  размена на Македонија со Косово изнесуваше 421 милион долари, од кои 392 милиони беа извоз, а само 29 милиони увоз. Годинава досега размената е 145 милиони долари, од кои 132 милиони извоз, а 14 милиони увоз. Во Косово извезуваме цемент, лекови, нафтените деривати, производи од челик и железо, цигари, пекарски производи, пијалаци, зеленчук и овошје. Од Косово увезуваме остатоци од челик,  пластични плочи, битумен и асфалт и заварувачки цевки. Косово прво ја спушти рампата за одредени македонски прехранбени производи, како одговор на македонската мерка за заштита на пченицата. Македонија одговори со давачките за косовските граѓани, а Приштина докрај го радикализираше спорот, откако го сопре целопкупниот увоз од Македонија.