29 Септември, 2024
0.0239

ЗАДОЛЖИТЕЛНА ЗАДОЛЖНИЦА: Нов товар за компаниите или надминување на неликвидноста?

Објавено во: Анализа, Економија 13 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

Сите приватни фирми што ќе склучуваат договори на суми поголеми од 5.000 евра задолжително ќе мора да издаваат задолжница. А, оваа обврска ќе важи од први јануари. Сепак, државата е изземана од ваквото законско решение.   Обврската за издавање на задолжница во приватниот сектор, со што според власта треба да се дисциплинираат неплаќачите и да се подобри ликвидноста, е дополнителен товар за фирмите, реагираат стопанствениците. Од друга страна, велат дека проблем е тоа што државата е изземрна од ова законско решение. „Ова обврска претставува директен товар за компаниите. Генерално, впечатокот што сака да се прикаже во јавноста е дека целта на овие инструменти е да се подобри културата на плаќање кај компаниите, но за жал не се превзема ништо за да се подобри културата на најголем должник на самата држава. Не викаме дека не е потребен таков инструмент, бидејќи има и моменти кога е повеќе од потребен таков инструмент, но сметам дека е непотребен истото посебно во време на се поголема неликвидност кај компаниите. Од друга страна, како таква не знам колку е логична посебно кога се работи за фирми кои добро работат со години, ова не претставува ништо друго освен дополнителен трошок и губење време, вели Арбен Халили од Стопанската комора на северозападна Македонија. За неиздавање на задолжница за сумите кои надминуваат 5.000 евра, предвидени се казни до 5.000 евра. А, според Халили, особено револтира фактот дека се предвидуваат три години казна затвор за потписникот на задолжницата ако на сметката нема пари на денот кога таа треба да се наплати. „Овој член не само што фрустрира, туку и ќе ги тера стопанствениците да негуваат непотребна доза на страв за секоја зделка што ќе ја направат во иднина. Тоа претставува несигурност за да се избегне верувам дека ќе придонесе и за цепкање на фактурите за да не се стигне прагот од 5000 евра како износ на фактурата, сметат Халили. И во Сојузот на стопански комори велат дека законското решение има свои предности, но и натаму клучниот проблем според нив е тоа што повторно државата ќе биде исклучена од обврската да се потпишува задолжница. „Овој инструмент има свои позитивни страни, но има и недоследности. Една од позитивните страни е тоа што на некој начин една компанија доверител, кога почнува да соработува со нови коминтенти, кои од друга страна може да бидат и нови должници – со овој инструмент ќе може да си ги осигура идните плаќања. Задолжницата го дава својот ефект кај купопродажни договори кои се со поголема вредност, но мора да потенцирам дека кога има повеќе помали коминтенти тогаш тоа е административно оптеретување и административен трошок особено за малите и средни компании. Негативна страна е што повторно државата е исклучена. Негативна страна е што постои кривична одговорност. Ние во сојузот сметаме дека постојат други механизми,“ вели Митко Алексов од Сојуз на стопански комори. Всушност задолжницата е инструмет, кој на компаниите им гарантира наплата на парите. Односно, кога една компанија  ќе продаде стока на некоја друга компанија,  доверителот за тоа ќе добие задолжница заверена на нотар. Потоа, ако должникот не плати во определениот рок, доверителот со задолжницата ќе може да си ги наплати парите, односно на должникот да му ги извлече парите од банкарските сметки, да му ја блокира сметката, или да му одземе дури и дел од имотот, без да има судска постапка. Според економистите, ваквиот инструмент треба да ги даде своите ефекти иако на самиот старт најверојатно ќе има зголемување на трошоците за компаниите. „Генерално сметам дека задолжницата како инструмент треба да донесе позитивни ефекти, затоа што нашето стопанство пати од хронична верижна неликвидност, што делумно се должи и на менталитетот. Ако секој си ги измирува обврските навремено, тогаш нема да има ситуации една фирма да е солвентна, а неликвидна, односно изговори од типот „не плаќам, оти и мене не ми плаќаат. Можеби задолжницата ќе претставува некаков трошок, кој може да биде значаен за помалите фирми, меѓутоа бенефитот од неа на агрегатно ниво, ќе биде поголем од овие трошоци, смета универзитетскиот професор Марјан Петрески. Но, сепак и Петрески потенцира дека тоа што државата се иззема од ова законско решение, кое треба да воведе ред кај неплаќачите, претставува лош пример за приватниот сектор. „Апсолутно не е за оправдување изземањето на државата и може да сигнализира дека носителите на политиките антиципираат ситуации и периоди во кои нема да можат навремено да ги измируваат своите обврски. Сметам дека наместо да се иззема, државата треба да биде пример за навремени плаќања, кој потоа ќе го следат фирмите“, вели Петрески.   Со новото законско репение е пропишано задолжително издавање на задолжница во должничко доверителските односи од кои настануваат обврски на износ поголем од 300.000 денари и повеќе, наспроти досегашното решение издавањето на задолжницата да е на доброволна основа. Исто така, се утврдува дека задолжница нема да се издава, доколку вкупниот неплатен износ по основ на издадени задолжници надминува 30% од вкупните приходи на должникот остварени во претходната година, евидентирани во Регистарот на годишни сметки кој се води во Централниот регистар. Н.С.