Добивај вести на Viber
Ново задолжување од домашните кредитори, но наместо 4,7 милиони евра, Владата од домашните кредитори позајми 2,2 милиони евра. Во странство во тек се преговорите за новата Еврообврзница, кои според информациите, ќе траат најмалку една недела. Демократскиот сојуз на Павле Трајанов јавно повика да се блокира Еврообврзницата, откако се случија протести против ова ново задолжување кое предизвика бурни реакции и кај бизнисмените и кај дел од економистите.
Владата бара, банките не даваат доволно пари за државни хартии од вредност?
Владата денеска по основ на доспеани обврски во приватниот сектор треба да исплати скоро 9 милиони евра. Ова раздолжување следува по вчерашното задолжување кога државата не успеа да го обезбеди вкупниот износ од 4,7 милиони евра што го бараше преку продажба на државни хартии од вредност. Имено, Владата продаваше записи со рок на доспевање од 70 и 357 денови. Преку двете аукции собра двојно помалку во однос на тоа што планираше или 2,2 милиони евра. Намалениот износ според познавачите се должи на намалениот интерес на домашните кредитори.
“Во случајов станува збор за државни хартии од вредност кој имаат помала рочност и главно тие се таргет на банките. Од друга страна обврзниците се поатрактивни за осигурителните компании и за пензиските фонодви“, коментираат економистите за “Фактор“ и потсетуваат дека ова не е прв пример кога Владата не успева да ги обезбеди планираните средства, особено на аукциите на кои лицитираат банките.
Во изминатиот период е регистрирано намалување на учеството на банките во кредитирање на Владата.
Само за еден месец, или во април во однос на март, кредитниот удел на банките преку акуции на хартии од вредност се намалил за 42,2 милиони евра. Податоци што ги објави “Фактор“ покажуваат дека во април, салдото на вкупниот заем што банките и го дале на Владата изнесувал 668,4 милиони евра или 45,4% удел во вкупниот внатрешен долг. Во март Владата на банките им должела 626,2 милиони евра со удел од 42,2% во внатрешниот долг.
“Точно е дека во изминатите месеци се забележува намалување на учеството на банките во вкупниот внатрешен долг. Овој тренд може да се толкува како резултат на два фактори, прво банките во изминатиот месец се соочија со повлекување на депозитите од една страна и политичката неизвесност од друга страна. Морам да кажам дека вложувањето во државни хартии од вредност, без разлика дали се на Владата или на Народната банка е еден од најсигурните начини за вложување. За банките сега поатрактивни се пократкорочните хартии од вредност, во кои и влогот е најголем“ – коментираат дел од банкарите.
Заклучно со март, вкупниот Јавен долг изнесува 4,33 милијарди евра или 45% од БДП. Од 2010 та година до сега , Јавниот долг е зголемен за 2,3 милијарди евра. Сега во странство, во тек се преговори со купувачите на новата еврообврзница во вредност од 650 милиони евра.
Демократски сојуз: Кредиторите да размислат кого го финансираат
Преку отворено писмо адресирано до јавноста, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов ги повикува граѓаните, граѓанските асоцијации, експертите, медиумите и политичките партии, преку демократски средства да ја блокираат реализацијата на Еврообврзницата од 650 000 000 евра, сума која ќе се прокнижи како надоворешен долг.
Од партијата велат дека оваа обврзница ја задолжува Македонија во услови на длабока и тешка политичка криза и без консултации со опозицијата, експертите и пошироката јавност.
“Тргнувајќи од фактот дека задолжувањето го прави Влада која е техничка и која за десетина дена ќе биде сменета, како и барањето на мнозинството граѓани да не се задолжува повеќе државата, апелираме до банките-потенцијални купувачи на еврообрзницата и меѓународните финансиски институции, да не ризикуваат и да ја блокираат реализацијата на еврообврзницата, независно од моменталната примамливост за висок профит“, велат од партијата на Трајанов и повикуваат да се побара свикување на итна седница на Собранието на која ќе се раправа за Еврообрзницата и вкупниот долг на државата.
За ова надворешно задолжување се изјаснија и поголем број на економисти и бизнисмени. Според оценките на Стопанската комора на северозападна Македонија, со сегашното темпо на задолжување а без стапки на раст од најмлаку 5% земјата чекори по патот на должничкото сценарио на Грција.
Според Петар Гошев, еден од поранешните министри за финансии и екс-гувернер, она што е значајно кај надоворешната задолженост е фактот дека со сегашните позиции, Македонија е веќе во групата на високо задолжени економии.
“Овие податоци би укажал дека треба да се земат со резерва, со оглед на тоа што можна е ревизија на стапката на раст на БДП. Она што ја одразува реалната состојба со Бруто надворешниот долг, е неговото изразување во евра, а тука е регистриран пораст. Имено, нашиот долг кон странство најмногу е во евра, само да потсетам дека на пример 60% од размената ни е со земјите од ЕУ, а потоа следуваат и земјите од опкружувањето. Со сегашните параметри за Бруто надворешниот долг, Македонија веќе е во групата на високо задолжени економии“, вели поранешниот гувернер Петар Гошев.
Инаку, од почетокот на оваа недела министерот за финансии Кирил Миновски веќе ги почна средбите и преговорите со потенцијалните купувачи на Еврообврзницата, Според информациите, овие преговори се очекува да траат најмалку една недела, по што Македонија со Еврообврзницата ќе излезе на Ирската берза каде ќе се спроведе операцијата за продажба. Останува неизвесно по која цена и кој ќе биде конечниот износ на задолжување. Последните протести на Шарената револуција беа насочени токму против ова ново задолжување.