28 Септември, 2024
0.2280

Задолжување со ЕВРООБВРЗНИЦА: Дали Македонија ја губи поддршката од ММФ, Светска Банка?

Објавено во: Анализа 20 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Македонија се подготвува да ја издаде третата Еврообврзница. Министерот за финансии Зоран Ставрески најави дека преку оваа форма на задолжување, земјава догодина ќе го финансира недостатокот на пари, односно минусот во државната каса. Висината на задолжувањето допрва ќе се прецизира. Според експертската јавност, можното издавање на Еврообврзница, која важи за значајно поскап извор на финансирање, отколку земање на кредити од меѓународните финансиски институции, е сигнал дека можеби Македонија ја губи билатералната поддршка од нив. Ова ќе биде трета Евообврзница што ќе ја издаде Македонија на меѓународниот финансиски пазар. Првата беше со камата од 4,6% а втората со камата од 9,8%. Во 2015 та ќе треба да се отплатат 800 милиони евра.... Буџетскиот дефицит догодина ќе се финансира преку задолжување со Еврообврзница. Ова го најави министерот за финансии, посочувајќи дека на таков начин ќе се обезбедат пари за отплата на обврските на државата кон странство што доспеваат догодина.
“Со издавање еврообврзница и други државни хартии од вредност ќе се покрива буџетскиот дефицит што Владата планира да го направи наредната година. Еврообврзницата ќе треба да обезбеди и пари за отплата на обврките на државава кон странство кои достасуваат во текот на идната година.“ - изјави министерот за финансии.
Издавањето на Еврообврзница е познат финансиски инструмент за обезбедување на пари, но клучното прашање е зошто една економија се одлучува за овој, вообичаено, скап извор на финансирање, коментираат економистите. Според екс-гувернерот  и еден од поранешните министри за финансии Петар Гошев, потегот за издавање на Еврообврзница е сигнал дека меѓународните финансиски организации се воздржуваат од кредитна подршка.
“Ова значи дека Македонија ја губи билатералната подршка, односно дека меѓународните кредитори се воздржуваат од финасирање. Издавањето на Еврообврзница значи дека Владата влегува во потрага по финансии за кои треба да договори камати, односно трошоци, тоа е задолжување зад кое нема гаранција. Да се потсетиме дека Светска Банка предизборно ни одобри кредити, но потоа соопшти дека парите ќе можеме да ги трошиме по изборите“ - вели Гошев за “Фактор“.
Засега не позната вредноста на Еврообврзницата, министерот за финансии вели дека тоа ќе прецизира кога ќе почнат подготовките за поставување на контурите на буџетот за 2015 та година,
“Висината на износот на Еврообврзницата ќе се проектира според потребите за покривање на буџетскиот дефицит за следната година и да овозможи отплаќање на обврските кон странство, но притоа ќе се има предвид да се обезбедат доволно средства под поволни услови на пазарот“ - изјави министерот Ставрески.
Сепак, надворешното задолжување, според економистите ќе се спроведува во пакет и со натамошни задолжувања од домашните кредитори. Според нив 2015 та година може да се смета за една од поиздашните, зошто токму догодина ќе треба да се обезбедат околу 800 милиони евра само за отплата на долгови.
“Сметам дека догодина ќе се задолжуваме и од странство и дома. Само во 2015 та година треба да вратиме близу 800 милиони евра, или 450 милиони евра ќе бидат  доспеани долгови кон домашните и странските кредитори и уште 300 милиони евра, буџетски дефицит“ – смета Гошев.
Македонија досега издаде две Еврообврзници. Едната во мандатот на СДСМ кога министер за финансии беше Никола Поповски. Еврообврзницата беше со рок на доспевање во 2015 та година и со каматна стапка од 4,6%, но по промена на власта, задолжувањето беше предвреме исплатено, што ја подели економската јавност. Дел од аналитичарите  сметаа дека предвременото враќање не е исплатливо поради ниската камата и поради тоа што подоцна владата се задолжуваше по повисока цена. Дел од експертите пак  анализираа дека предвремената исплата создаде простор за идните задолжувања кои помогнаа  за полесно пребродување на економската криза.  Втората Еврообврзница беше издадена во мандатот на ВМРО ДПМНЕ, кога министер за финансии беше Трајко Славевски, со каматна стапка од 9,8% и која беше исплатена во 2013 та година. ММФ бара да се одржи нивото на буџетски дефицит....  По двонеделната контрола во Макеоднија, ММФ замина од земјава со оценка дека економското заздравување ќе продолжи, растот на БДП ќе изнесува 3,5%, но и со порака до Владата да се држи до зацртаните проекции за буџетскиот дефицит. “Приватната потрошувачка сега е зајакната, што придонесува за постепено повлекување на фискалниот стимулс. Задржувањето на фискалниот дефицит на централната власт ќе биде важно за да се задржи одржливоста на долгот“ – изјави шефицата на ММФ за Македонија Ивана Владкова Холар. Таа посочи дека предвиденото намалување на дефицитот на 2,6 проценти во 2016 година е соодветно, но и дека треба да се утврдат мерки за негово исполнување.  Како мерки за оставрување на ова го посочи одржувањето  на тековните расходи, натамошно засновање на годишните буџети на прудентни макроекономски претпоставки, како и јасни постапки за проценка, утврдување приоритети и следење на проектите за јавни инвестиции кои ќе овозможат повисока реализација на прироритетните капитални расходи и дологорочни економски придобивки. ММФ ја заврши контролната мисија со уште една порака која се однесува на идните задолжувања на земјава. Холар смета дека Среднорочната фискална стратегија треба да биде придружена со Стратегија за управување со долгот. “Особено стратегијата за управување со долг треба, како и во минатото, да биде насочена кон балансирање на трошоците и ризикот поврзан со избраната структура на долг, но исто така и да обезбеди конзистеност со монетарната и фискалната политика“ – изјави шефицата на ММФ надлежна за Македонија.  Министерот за финансии информираше дека  за покривање на годинашниот буџетски дефицит се обезбедени пари со заемот кој го доби Македонија од германската Дојче банк и заемот од 50 милиони евра кој е одобрен од Светска банка. А.Д.