Заев-Фајон: Потребен е поубав живот за граѓаните во Македонија
Објавено во: Македонија 04 Ноември, 2016
Поубав живот за граѓаните во Македонија, и младите да останат во својата држава, порачаа денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев и европратеничката на социјалдемократите, Тања Фајон.
Тие очекуваат фер и демократски избори во декември и легитимно призната влада.
Заев кажа дека до утре ќе се знае првичната кандидатската листа. Тој вели дека запирање на иселувањето е прашање кое мора да се реши.
„Ова е моментот заедно да создадеме сегашност и иднина за нашите деца и за државата. Во овој многу важен историски процес кога се бориме да ги обновиме демократските институции, да поставиме здрави темели во разрушените економија, здравство, правда, од врвно значење е Македонија да добие демократски и легитимно избрана влада“-кажа Заев.
Фајон вели дека на Македонија ѝ се потребни промени.
„Навистина се потребни промени, бидејќи работите не се одвиваат како што треба. Ние поддржуваме во Македонија да има подобар живот. Младите ја напуштаат земјата. Насекаде од разговорите што ги имав со граѓаните, може да се види дека ситуацијата не е нормална, дека економската ситуација е лоша, има проблеми во здравството и навистина има потреба од промени“- изјави Фајон.
Фајон рече дека демократите од Европа ќе ги следат изборите во Република Македонија, затоа што е особено важно тие да бидат фер.
Таа претходно се сретна и со специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева на која ѝ дава поддршка.