Заев вети дека нема да отпуштаат административци, да казнуваат и оценуваат
Објавено во: Македонија 01 Ноември, 2016
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска, во обраќање до вработените во државните институции, апелираше да бидат спокојни, затоа што нема да има отпуштања во администрацијата.
Заев вели дека вработените во државните институции ќе бидат мотивирани да ја извршуваат својата работа, а не казнувани и оценувани како досега.
„Ќе имаме професионална, услужлива и трудољубива администрација! Бидете спокојни, нема да има отпуштања во администрацијата! Кој ви го говори спротивното, го прави тоа од политички, лични или други причини. Ве уверувам, завршува времето на реваншзми и на делење на народот по партиски списоци. Работното место не смее да зависи и нема да зависи од тоа дали сте член на партија, дали сте се појавиле на митинг или дали сте ставиле лајк на ’Фејсбук’“ - рече Заев.
Заев тврди дека институциите ќе работат исклучиво во служба на граѓаните, дека никој нема да се чуствува непотребен, да биде вработен на хартија, а да нема столче каде да седне.
„Ќе воведеме работно време во две смени до 20 часот во клучните институции, што ќе ви олесни на сите да не излегувате од работа или да земате ден од годишен одмор или боледување, за да завршите административни работи. Каде што има превработеност, ќе ги насочиме вработените, според нивната стручност, кон јавните сервиси каде недостига кадар, за подобри услуги на граѓаните. Паралелно со создавањето ефикасна администрација, ќе создаваме услови и за развој на домашните фирми, кои ќе отвораат работни места. На овој начин за сите граѓани отвораме простор за избор, да конкурира за работа и да работи, онаму каде што гледа најдобра иднина за себе и каде се чувствува најкорисен“ - кажа Заев.
Тој повикува на единство како услов за остварување на овие промени и вели дека на Македонија не и требаат делби.