29 Септември, 2024
0.0252

Загубата на Комерцијална банка порасна 40 отсто за еден квартал

Објавено во: Анализа 04 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Главни причини за овој резултат се: резервации за лоши кредити зголемени за 510 милиони денари за три месеци, приход од камати падна за 216 милиони денари Намалени приходи од камати 216 милиони денари, драстично зголемена загуба заради оштетување финансиски средства за 194 милиони денари и 846 милиони денари за резервации заради кредити што влегле во групата ризични и тешко наплатливи побарувања – дури 510 милиони денари повеќе од резервациите за првиот квартал годинава. Ова се главните причини заради кои „Комерцијална банка“ првата половина од годинава ја заврши со загуба од 139,57 милиони денари (2,26 милиони евра). Во споредба со резултатот за првиот квартал загубата на Комерцијална банка на полугодие е зголемена за 40 отсто. Во првата половина од годинава банката остварила 1,99 милијарди денари од камати. Тоа е 216 милиони денари помалку од истиот период лани. Тоа значи дека најголемата приходна ставка на оваа голема банка потфрлила за 10 отсто во споредба со истиот период лани. Кај ставката нето приходи од камати исто така има потрфлање иако пониско во споредба со горенаведеното. Нето приходот од камати изнесува 1,34 милијарди денари или 95 милиони денари помалку од истиот период лани. Нето приходите од надоместоци банката сепак ги одржала на речиси идентично ниво како и лано. На помал обем на работа тоа значи дека банката во принцип ги поскапела своите услуги за своите клиенти! Вознемирувачки за малите акционериможе да е податокот за драстичниот раст на резервациите за лоши кредити изразен во ставката „исправка на вредноста“. Тука банката има 846,4 милиони денари и во споредба со првиот квартал годинава растот е 510 милиони денари. Во споредба пак со првото полугодие лани овој износ е за 610 милиони денари понизок што значи дека оваа година не помалку лоша од лани барем во првата половина. Од билансот на состојба може да се види дека потенцијалните обврски на банката се зголемени за безмалку 1 милијарда денари во споредба со истиот период лани и изнесуваат 14,83 милијарди денари. Но има и значајни позитивни поместувања. Анализата на финансиските биланси што ги објави банката и кои не се консолидирани, покажува значаен позитивен тренд. Депозитите на клиенти се зголемени за 2,19 милијарди денари (35,55 милиони евра) во споредба со истиот период лани и изнесуваат 75,26 милијарди денари. Ова е јасен показател дека генерално кај клиентите расте довербата во таа банка. Дополнително на ова можеби е охрабрувачки и тоа што обврските по кредити се намалени за 560 милиони денари и знесуваат 2,78 милијарди денари. Во овој период во споредба со првото полугодие лани кредити и побарувања од банки изнесуваат 2,04 милијарди денари и се зголемени за повеќе од двојно. Кај купувањето хартии од вредност состојбата е речиси статус кво. Во хартии од вредност пред се државни записи и обврзници и благајнички записи банката има 5,1 милијарда денари односно за 100 милиони денари помалку од лани. Паричните средства и еквиваленти изнесуваат 29,11 милијарди денари и се пониски за 110 милиони денари во однос на првото полугодие во 2013 година. Р.Ф.