Засега не се знае дали судот ќе му го одземе пасошот на Мијалков
Објавено во: Македонија 03 Ноември, 2016
Сашо Мијалков, екс началникот на тајната полиција денеска беше на распит во Кривичниот суд каде се задржа два часа.
Тој даде исказ за случајот „Трезор“. Специјалното јавно обвинителство бара од судот на осомничените да им бидат одредени мерки на претпазливост, односно да им бидат одземени пасошите. За одлуката на судијата на претходна постапка, од судот велат дека дополнително ќе информираат.
Непосредно пред пристигнувањето на Мијалков, припадници на специјалните полициски единици, кои го обезбедуваа судењето за случајот „Диво Насеље“, го блокираа приодот кон споредниот влез на судот, и не им дозволија на новинарите да чекаат пред вратата.
Според СЈО, осомничените преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал сега починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра.
Мијалков исто така е осомничен и во случајот „Тортура“, за начинот на кој се апсеше екс министерот за внатрешни работи и лидер на партијата Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.