Здравата исхрана е животен стил: Интервју со Искра Ветаџокоска-Муцунска, бизнисменка
Објавено во: Стил, Интервјуа 02 Јануари, 2020
Таа е најдобра реклама за семејната фирма „Виталиа“ , лидер во Македонија во однос на здравата исхрана и новитети кои не доближуваат до светот. Искра Ветаџокоска-Муцунска (48) е атрактивна, вита, љубезна, пријатна за разговор и дружење, со задоволство виден гостин на случувањата низ Скопје, бизнисменка која и приватно ги живее вредностите на брендот.
Колку Македонија се приклучува кон трендот на здрава, а не брза исхрана, колку сме едуцирани и посветени во однос на животните навики, и зошто бизнисот е повеќе позитивно влијание врз светот од правење профит, Муцунска, меѓу другото, открива во интервјуто за „Женски Магазин“.
Дали ви кажале дека со вашиот изглед, топ-форма и култура на однесување и живеење сте најдобра реклама за вашата семејна фирма „Виталиа“?
-Благодарам на убавите зборови, да точна е констатацијата. А тоа се должи на фактот што со огромна пасија ги живеам вредностите на брендот. Истовремено, моите лични вредности ги пренесувам на компанијата и тимот. Виталиа е дел од мене. Тоа е продуктивна симбиоза која функционира беспрекорно.
Од друга страна би нагласила дека уште од почетокот на Виталиа како семејна компанија, нашата мисија е да создадеме што повеќе здрави и вкусни производи достапни за секого, почитувајќи ја уникатноста на секој човек. Верувајте, неописиво е задоволството од фактот дека помагаме на популацијата во подобрување на здравјето и формирање на здрави навики. Оtтука, би кажала дека најдобрата и најценетата реклама за Виталиа се сите задоволни потрошувачи, со кои заедно градиме доверба и поздрава иднина.
Што е всушност здрава исхрана?
-Кога помислуваме на здрава храна, прво што ни доаѓа на ум се слики од овошје, жито, зеленчук и семиња, но во реалност, здравата исхрана претставува животен стил исткаен од секојдневните навики да се консумира храна која ќе ви овозможи енергија без дополнително оптиварување на организмот. Да не заборавиме дека здравјето влегува преку устата а храната правилно одбрана може да е лек . Токму затоа Виталиа веќе 25 години активно вложува во промена на прехранбените навики на потрошувачите, првично на домашниот пазар, а потоа и пошироко, преку осознавање на принципите за здравата исхрана. Тој процес е секако надополнет со определбата да креираме квалитетни здрави производи кои ги задоволат нутритивните потреби, но кои истовремено го задржуваат природниот вкус, мирис и текстура.
Во едно претходно интервју кажавте дека ги следите и препораките на Светската здравствена организација. Што конкретно значи тоа?
- Светската здравствена организација посветува големо внимание на ерадикација на малнутрицијата, во која спаѓа и угоеноста и неухранетоста. Како резултат на многубројни научни истражувања, проекти и иницијативи дефиниран е здрав и одржлив модел на исхрана на глобалната популација. Виталиа, во секој аспект на своето работење, од развој на нов производ, преку интерни обуки, до едукативни предавања, ги применува насоките за здрава исхрана утврдени во тие публикации. Поточно, редукција на сол, шеќер, заситени масти, како и задоволување на дневните потреби за протеини, витамини, минерали, препораки кои веќе ги имплементиравме во новите производи кои ги лансиравме 2019 и тоа сировите RAW барови, колачи без шеќер, протеински топчиња...
Како вие се храните? Кој е вашиот стил на живеење и која е тајната на вашиот изглед?
-Живееме во брзо и динамично време и навистина е предизвик да се следат здрави навики, особено ако станува збор за одржување на баланс помеѓу работата, приватниот живот и здравјето. Мојот избор секогаш се здрави продукти. Предноста во тоа да водам фирма како Виталиа е во осознавањето на вистината за прехранбените производи, нивната суштина, ми дава јасни одговори на прашањата што и зошто. А одговорите кои ги осознавам ги имплментирам во продуктите кои ги развиваме. На тој начин потрошувачите знаат дека кога одбираат Виталиа продукт, со сигурност го одбираат најдоброто за нив. Муслите и житните производи, кои се јадрото на нашата компанија, претставуваат важен дел од моите секојдневни оброци. А Виталиа колагенот од неодамна е редовно на мојата листата на дневни суплементи и новитет за одржување на свежиот изглед. Имено токму нашата нова колагенска линија на производи, која е иновација не само кај нас туку и глобално, доби признание за иновативност на интернационалниот саем за храна СЕАЛ Шанга.
Колку Македонија, според вашите истражувања го следи светскиот тренд на конзумирање здрава, а не брза храна?
-Македонскиот потрошувач ја перцепира здравата храна како тренд кој се повеќе навлегува во секојдневната рутина. Тој сака храна која е лесно достапна, брза за подготовка, која креира чувството на леснотија и секако, во која ужива без грижа на совест. Здравата храна често се перцепира како еден вид грижа за себеси, како превентива од заболувања. Дополнителен поттик за следење на трендот се иновациите во производството и разновидноста на вкусовите. Според нашите истражувања, главните бариери за перманентна транзиција кон здрава исхрана е немање на долготрајна навика но и недостаток на едукација и посветеност. Рушењето на овие бариери се главни критериуми при развој на нашата бренд стратегија; од позитивната перцепција кон здравата исхрана, достапноста на Виталиа продуктите на секоја локација во државата, па се до иновативноста во формулација на продукти кои ќе ги оттргнат потрошувачите од консумација на брза, и на долгорочен рок, штетна храна по здравјето.
Дали од незнаење, или цената на чинење, органските производи кои Македонија ги има во изобилие а во светот се најскапи, се сметаат за помодарство, а не здрава навика во секое семејство?
-Органското производство е започнато уште во 1960-тите, а денес е повеќе од тренд. Денес претставува животен стил кој го поддржува моделот на здрава и одржлива консумација, овозможувајќи достапност на продукти одгледувани под строго контролирани услови. Би рекла дека многу фактори влијаат при купување на органски производи, но кај нас за жал одлучувачки е економскиот статус на потрошувачот. Виталиа пред 15 години ги лансираше првите органски продукти на домашниот пазар, а веќе оваа 2020 година повторно ги враќаме во фокус, водејки се од самиот тренд и потреба. Нашите потрошувачи можат да очекуваат органска линија на Виталиа производи, со пристапна цена која ќе им овозможи полесна одлука во купувањето и оријентацијата кон здрав избор.
Според кои параметри „Виталиа“ ги избира производите наменети за потрошувачите?
-Потрошувачите се нашата инспирација за иновации. Основен критериум во развојот е функционалноста, како нашиот продукт ќе го подобри животот на нашиот консумент, што е тоа што ќе го направи посреќен. Одговори добиваме со истражување на пазарот, првично светските трендови, а потоа она што е специфично за македонскиот потрошувач. И од тука почнуваме да го дефинираме типот на производ - протеински производ, без шеќер, без глутен, посен или веган, имплементирајќи ги најновите светски трендови во нутриционизмот. Останати параметри вклучуваат дефинирање на таргет група, возраст, пригодата на консумација и животниот стил. Дискусијата со целиот тим пропратена со детални брејнсторм сесии за дефинирање на рецептура, текстура, форма и вкус е најпродуктивната алатка која ја практикуваме. По сензорна анализа со експертски и потрошувачки панел, се развива дизајнот и комуникациската стратегија.
Што е најбарано од вашите производи кај нас, кои производи се веќе традиција, а кои новитет?
-Интересот за Виталиа производите секоја година бележи раст посебно кај младата популација чија свесност за здравата исхрана секојдневно се зголемува. Житните снегулки и муслите се најпопуларниот избор на потрошувачите кога сакаат практичен нутритивен појадок а житните барови, крекерите и колачите се здрава ужина или десерт со кој се засладуваат без гриза на совест. Се доживуваме како компанија што нуди производ за секоја индивидуа, а иновацијата ја внесуваме во се што работиме. Како единствени на пазарот би ги издвоила нашите протеински топчиња. Ние сме и прва компанија во регионот која почна да инкорпорира протеин од грашок во своите производи, тренд што е присутен веќе неколку години на глобалните пазари. Вложуваме во иновација и на технологијата, нашите сирови (raw) барови се формулирани според принципот на Clean Label, со минимална термичка обработка, со само природни состојки и мека конзистенција. Се трудиме секогаш да ги носиме трендовите од светските пазари, а иновацијата и квалитетот се приоритети во нашата бренд стратегија.
Во што најмногу инвестирате?
-На лично ниво, слободното време кое што преостанува помеѓу тоа да се биде менаџер и да се биде родител, го инвестирам во надградување на себеси преку стручна литература. Како Виталиа, се трудиме да ја усовршиме понудата на здрава храна на пазарот, да вратиме назад на заедницата преку учество во донации и во добротворни настани, како и да бидеме меѓу првите компании во Македонија со висока еколошка оцена и одржлив систем на потрошувачка.
Како да се подигне свеста за здрава исхрана дома, во институциите, во училиштата? На еден светски готвач како Џејми Оливер тешко му беше да го наметне здравото мени во училиштата во Англија, па дури и во САД!
-Да се креира општество базирано на знаење е исклучително тешка задача во која вложуваме активно уште од самите почетоци на Виталиа. Веќе 10 години проектот „5ка за Здрава храна“ со полна пареа работи на едукација на децата од градинките, основните и средните училишта. Нашиот тим од нутриционисти и технолози со голем ентузијазам ги пренесува принципите на здравата исхрана и како да се креираат здрави прехранбени навики. Посебен фокус ни се децата, водејќи се од тоа дека здравите навики се стекнуваат од најмлади години.
Кои ви се долгорочните планови во „Виталиа“ ? На колку пазари сте присутни?
-Мисијата на Виталиа е со здрава храна да изградиме здрави генерации. Таа мисија ја шириме не само во Македонија туку и глобално, меѓу потрошувчите во 55-те земји во кои денес извезувме. Освен иновациите во производи и едукацијата на потрошувачите, ќе се фокусираме и на активното вложување во заедницата, во грижата за животната средина и исполнувањето на целите за одржлив развој на глобално ниво.
Дали е потешко да се стигне на врвот, или да се остане?
-Патот до врвот е исполнет со сцили и харибди, воздигнувања и паѓања… А движечка сила е мотивацијата и страста да се успее, да се креира нешто ново, уникатно и со подлабоко значење за секој член на новиот милениум. Тежок и исцрпувачки пат, но исполнет со возбуда, бидејќи секој успех е посебен. Од друга страна, предизвикот да се остане лидер е константно одржување и исполнување на почетната визија, превземање на ризици но и да се биде секогаш во чекор со трендовите, динамиката на секојдневието и промените во светот. Тука ќе се повикам на една изрека - „Лидерот секогаш е најранлив, бидејќи сите сакаат да бидат како него“...
Како жена, која е вашата предност,на ова поле на работење каде освен високиот квалитет на производите, потребни се и вештини на преговарање, целокупна услуга кон клиентите и градење на доверба со бизнис партнерите?
-Диверзитетот е неопходен во една компанија и придонесува за поголема креативност. Мажите и жените имаат различни предиспозиции, кои го обликуваат нивниот пристап кон бизнисот. Предизвикувајќи се едни со други и размислувајќи по принципот Out of the box се промовира иновативноста што ја турка компанијата напред.
Она што би го издвоила како предност да се биде жена е емоционалната интелигенција, што мислам дека е природно поразвиена. Исто така, жените се добри слушатели, аспект што е исклучиво важен при преговори како и за градење доверба со соработниците.
Како можеби најголема предност би ја истакнала емпатијата. Бизнис светот се повеќе се оддалечува од агресивноста и се насочува кон емпатијата и емоциите. Компаниите што ги усвојуваат овие принципи имаат далеку поголем успех со тоа што ќе дадат поголем фокус на своите вработени и заедницата во која живееме. Верувам дека по природа, жените се почувствителен пол. Иако знаеме да сме строги и одлучни кога е потребно, ние водиме со нашите срца. За нас, бизнисот е лична работа и кога деловните активности се на лично ниво, тогаш се истакнуваме од толпата. За нас, бизнисот е повеќе од правење профит, туку е за позитивно влијание врз светот, а денес токму тоа и го бараат потрошувачите.
Дали ја носите работата дома, или не ја мешате со приватниот живот?
-Виталиа е семејна креација создадена со љубов и секогаш ја носам во срцето. Таа е дел од мене и моето семејство. Сакам да ги вклучувам сите членови во совладување на предизвиците на компанијата, секој според можностите. Така при развој на нов производ, често се консултирам со нив, добивам увид во нивните видувања и перцепции и заедно се трудиме да го дадеме најдоброто решение и одговор. Предност е што во моето потесно семејство се застапени сите генерации, од 5 до 50. Сопругот, кој е еден од најдобрите менаџери во државата е исто така драгоцен извор на поддршка.Сепак моите 4 деца се најдобриот конструктивен критичар но и инспирација да се успее.
По што ќе ја паметите 2019 година, а што си посакавте во Новата 2020?
-Изминатата 2019 година ја одбележивме со активно вложување во заедницата, особено во областа на донација на храна, за што добивме признание како најголем донатор на храна во Македонија од организацијата Ајде Македонија. Ја лансиравме и колагенската линија, која е единствена на македонскиот пазар, а за која ја добивме престижната награда SEAL Innovation. Горди сме и на започнување соработка со Старбакс Србија што е големо признание за нас како компанија и потврда за квалитетот на нашите производи. Ги реализиравме и првите извози во Барбадос и Јамајка, а остваривме партнерство со светскиот синџир на супермаркети Walmart. Со поглед кон иднината, 2020-та претставува нов циклус, каде што главен фокус ни е приклучување кон светските движења за одржлив развој и борбата против климатските промени. Нашите цели вклучуваат транзиција кон еколошка амбалажа, замена на пластичните ќеси со хартиени како и креирање на електричен возен парк.
Дали ја негувате традицијата на подарување?
-Дарувањето е најголемиот извор на среќа, и за оној што прима но и за оној што дарува. Ние таа среќа ја чувствуваме секоја година кога традиционално подаруваме новогодишни пакетчиња на дечињата помогнати од Црвен Крст и СОС Детско Село. Оваа година ги израдувавме и децата со аутизам на самохраните мајки но и децата на Инфективната клиника во Скопје. Настрана од тоа, ги подржуваме и младите спортисти, донирајќи средства во нивните матични клубови со цел подобрување на условите за тренинг. Редовно поддржуваме и студентски иницијативи обезбедувајќи здрави оброци за нивните семинари, конференции и обуки.
Што ве прави среќна?
-Среќна ме прават среќни лица околу мене, на работа и дома. Среќна ме прави добрината и позитивната енергија, сплотеноста и вербата во креирање на подобро утре.
Среќна ме прави времето поминато со најблиските, со моите деца кои се мојата животна енергија. Среќна ме прават задоволните потрошувачи на Виталиа, кои компанијата ја чувствуваат како пријател и партнер од доверба.
Среќна сум што позади мене стои тим од позитивни, инспиративни и креативни лица, со кои ги живеам истите вредности и на кои можам безрезервно да се потпрам. Заедно со нив ја реализираме мисијата на Виталиа и чекориме кон поздрава и посреќна иднина.
Лејла Сабит
Фото: Вангел Тануровски