20 Април, 2024
0.0250

Зееви ГОЛДМАН: Израелец со балканско срце и „шесто сетило“ за финансиските пазари!

Објавено во: Анализа 25 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Цената на суровата нафта, курсот на еврото и на доларот, како и цената на златото - ова се првите сегменти врз кои што веќе започнаа да се чувствуваат последиците од руско-украинската криза, вели за Фактор првиот човек на FXLider Зееви Голдман. Со оглед на глобализаицјата и поврзаноста на светот, тој не ја исклучува можноста тензиите наскоро да имаат свој ефект и врз берзите во регионот и во Македонија. Според него, Македонците се меѓу похрабрите и спремни повеќе да ризикуваат на берзата, а не сакаат некој друг работите да ги завршува наместо нив. Голдман е Израелец, кој пред повеќе од 20 години за првпат дошол на Балканот, а судбината потоа сакала тој својот бизнис да го развива токму тука. Фактор: Кој е всушност Зееви Голдман и како започнавте да работите на Балканот? Голдман: Зееви Голдман е генералниот директор на FXLider, исто така одговорен за развој на некои од новите пазари во кои сме активни. Мојата прва посета на Балканот беше во 1991 година и тоа токму во Скопје. Како млад човек, кој само што добил отпуст од израелската војска, тука дојдов првпат и некако од тогаш сум практично поврзан со регионот. Фактор: Зошто овој регион? Како го избравте токму овој регион и дали е добар за бизнис? Голдман: Да бидам искрен, не го избрав веднаш тогаш во 1991 година. Имаше предлози за работи и потоа знаете – животот ве води во правци кои понекогаш не можете да ги очекувате. Но, секако, транзициите кои се случија тука во последните 10-15 години, исто така отворија многу бизнис можности. Некои од тие можности успеав и јас да ги искористам и еве сум тука. Фактор: Од денешна перспектива, дали одлуката за да се започне бизнис на Балканот била добра? Голдман: Дефинитивно да! Завршивме многу добра работа и направивме добар напредок тука во последните години, особено во последните 5 години. Да се имаат илјадници клиенти за FXLider претставува успех. Ние сме сеуште на почетокот на нашата активност тука. Фактор: Вие работите веќе со години на Балканот. Дали сметатe дека луѓето што живеат тука имаат чувство за бизнис? Голдман: Тоа е како и секаде на друго место во светот – секогаш има луѓе што подобро го разбираат бизнисот, но и некои што се полоши во тоа. Можете тоа да го видите и тука, во трговските центри во Скопје, на улиците. Но истото ќе го видите и во Белград, во Истанбул и насекаде. Секако дека и тука има успешни бизнисмени и за тие бизнисмени ние сме тука, да им понудиме дополнителни можности за да ги вложат нивните пари. Фактор: Балканот најчесто се гледа како турбулентен регион во кој е многу полесно да се шверцува нешто, отколку да се тргува со финансиски инструменти. Дали според вас луѓето тука се подготвени за финансиско тргување? Голдман: Секогаш, за секој проблем што го имаме во животот, гледаме од наша перспектива и сметаме дека само ние сме центарот на светот, дека само тука има проблеми... Но, еден од моите главни заклучоци по толку години поминати во овој регион е дека ова не е остров. Балканот воопшто не е различен од другите места во светот. Можете да најдете некои работи во Скопје, но истите работи, добри или лоши, можете да ги најдете и во Њујорк и во Москва. Значи, тоа е прво нешто. Луѓето тука, во Македонија, воопшто не се толку различни од луѓето што живеат на други места во светот. Можеби имате боза и ќебапи, кои ете на пример не можат да се најдат на Далечниот Исток. И сега, како што кажав, со оглед на тоа што имаме илјадници клиенти од кои многумина успешно тргуваат и го подобруваат нивното инвестициско портфолио, можеме да кажеме дека навистина има некои добри инвеститори тука. Секако, со глобализацијата што е во тек, со развојот на Македонија – затоа што земјата очигледно се развива и тоа не може да се игнорира, ќе гледаме се повеќе и повеќе луѓе кои се подготвени да ја прифатат оваа можност. Фактор: На Балканот живеат многу народи – Македонци, Грци, Албанци, Срби и други... Може ли меѓу нив да се направи некоја разлика – кои од нив се поуспешни и поинформирани за финансиско тргување и како се однесуваат како инвеститори? Голдман: Ние многу внимателно го анализираме тоа, бидејќи ја имаме оваа активност и во Грција, и во Македонија, и во Србија и во многу други земји. Она што можам да го кажам за Македонците е дека тие се подготвени малку повеќе да ризикуваат, покажуваат поголема активност кога тргуваат во споредба со Србите, на пример, главно сакаат предизвиците да ги држат во сопствени раце и не бараат некој работите да ги завршува за нив. Ова се добри знаци, бидејќи ако се има предвид овој факт заедно со подобрувањето на знаењата, отворањето на економијата се повеќе и повеќе, тоа секако треба на Македонија да и донесе и поодбри резултати. Фактор: Кога зборуваме за луѓето заинтересирани да влезат во тргување на берза, тогаш најчесто како клучен проблем се споменува нивната недоволна информираност или недостигот на информации што можат да ги добијат за успешно тргување. Како може овој проток на информации да се подобри? Голдман: Секако. Мора да се започне од образованието. Колку повеќе луѓе одат на факултет да студираат бизнис и економија, толку повеќе луѓето ќе ги разбираат работите. Тоа е првата фаза и мојот впечаток, ако ја споредам Македонија со периодот пред 10-15 години, е дека тука има многу повеќе универзитети, многу повеќе луѓе што учат економија и разбираат нешто, дури и ако се тоа само основни работи, за функционирањето на глобалните финансиски пазари. Тоа е првиот дел. Сега, ако го земе другиот дел, а тоа се прашањата – Како да се инвестира и каде? Кои се предизвиците?, тогаш да се инвестира преку FXLider е нешто што може да ви обезбеди многу дополнителни информации за глобалните финансиски пазари. Ние правиме огромни обучувачки активности за нашите активности. Имаме интернет страница со најновите информации за светските берзи, организираме курсеви, семинари, вебинари, ги поддржуваме клиентите редовно преку телефон... Сите овие активности ја сочинуваат нашата широка палета на услуги за клиентите и, како што кажав, некои луѓе и со основни познавања доколку влезат во оваа индустрија и го прифатат предизвикот, тогаш со наша поддршка можат да имаат добри резултати. Фактор: Од ваша гледна точка, што е поважно за успешно тргување на финансиските пазари – информираноста или подготвеноста да се преземе ризик? Голдман: Мислам дека со оглед на тоа што си имаме работа со високориични инвестиции, не треба ние дополнително да го зголемуваме ризикот. Значи ние дефинитивно не ја поддржуваме идејата на клиенти кои преземаат висок ризик. Дури напротив, ние препорачуваме да се намали ризикот, а постојат средства и стратегии како тоа да се направи. Тоа е она што ние го поддржуваме. За ова, најважно нешто навистина е да се биде поврзан со глобалните финансиски пазари со последните информации, да се разбере, да се сфати што може да влијае на различните финансиски производи и потоа да се искористи предноста на тие информации. Фактор: Сега многу актуелен е конфликтот меѓу Русија и Украина и кризата која се случува на Крим. Како сметате дека ова ќе се одрази на глобалните пазари  и дали веќе ефектот на оваа криза започна да се чувствува на берзите? Голдман: Како и со секоја друга криза, ние веднаш гледаме некакво влијание на берзата. Во последните 2-3 недели видовме како тензиите на Крим меѓу Русија и Западот веќе започнаа да се одразуваат на дел од финансиските производи: на цената на суровата нафта, на курсот на еврото, на доларот и на цената на златото. Како ќе се движи ситуацијата натаму не можам да кажам, бидејќи тоа е повеќе работа на финансиски аналитичар. Но, со оглед на тоа што живееме во свет во кој се е поврзано, во кој постои целосна глобализација, тогаш ако нешто се случи на Далечниот Исток, тоа веднаш се чувствува и на Западот. Ако има тензии поврзани со некој конфликт во Сирија, Либан, на други места на Блискиот Исток, можеме веќе да очекуваме дека тоа ќе се одрази на глобалните финансиски пазари и затоа кажав претходно дека виситнскиот предизвик за инвеститорите е да ги сфатат и да ги откријат работите кои можат да имаат вакво влијание. Денес тоа е кризата Русија-Украина-САД, следната недела тоа може повторно да биде Иран заради нивната програма за нуклеарно вооружување, во следните две недели може да биде Сирија... Фактор: Дали овие конфликти влијаат и на локалните финансиски пазари на Балканот? Голдман: На одреден начин, мора да се почувствува влијание. Како што кажав и на почетокот, Скопје не е остров, Македонија не е остров, Македонија исто така увезува сурова нафта, па ако цените на нафтата се зголемат повеќе отколку што беа минатата ндела 104-105 долари за барел, тогаш тоа веднаш ќе го почувствуваат сите луѓе затоа што мора да наточат бензин во нивните автомобили. Затоа многу е едноставно, да. Фактор: Како дојдовте на идејата токму финансикото тргување да биде ваш главен бизнис? Голдман: Ние сме тим од професионалци и во основа ги покриваме сите елементи на тој бизнис. На финансиските пазари, онлајн тргувањето што ние го правиме, е изградено од три основни елементи. Првиот е самото финансирање, менаџмент на ризикот, соодветно управување со средствата на клиентот и тоа се таканаречените брокерски услуги. Другите два  дела се продажбата и маркетингот. Во нашата групација, групацијата FXLider имаме експерти кои се занимаваат со секоја од овие области или елементи. Јас, како еден од акционерите во таа групација, јас сум повеќе во делот за маркетинг и продажба. Фактор: Со години работите во Србија, сега и во Македонија... Кои се вашите најголеми резултати како компанија во овој регион? Голдман: Најпрвин, не би сумирале ништо се уште. Како што кажав, ние сме уште на самиот почеток, ги правиме првите чекори копн еден голем успех. По четири години, можам да кажам дека имаме значителен развој или зголемување на бројот на клиенти, како во Македонија, така и во Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, нешто помалку во Словенија. Од неодамна сме многу активни и во другите делови од поранешна Југославија, како што е Косово. Резултатите насекаде се горе-долу слични и ако се анализира ќе сфатите дека поранешна Југославија не била само визија на еден човек. Тоа се многу слични народи, кои дури и се однесуваат слично, па затоа и резултатите се речиси исти. Фактор: Во која насока очекувате да се движи работата на FXLider конкретно во Македонија во блиска иднина? Голдман: Ние сме горди да кажеме дека во моментов, само во операциите во поранешна Југославија, вработуваме 30-тина луѓе. Од нив петмина се од Македонија и тие работат во нашето седиште за регионот, што се наоѓа во Белград. Верувам дека веќе во следните месеци ќе треба да го зголемиме бројот на Македонци кои работат во FXLider, во корист на македонскиот пазар,  а тоа ќе дојде заедно со поинтензивни маркетинг активности, поинтензивни обучувачки активности, но и со подобри резултати за нашите клиенти. Фактор: Како групација FXLider работи во многу други региони, надвор од Балканот. Какви се вашите резултати и дали се разликуваат вашите операции таму? Голдман: FXLider е дел од International Leader Group, а тоа е меѓународна групација. Ние сме активни во моментов во Турција, тоа е во основа нашата најголема операција, каде што имаме над 250 вработени со два центри – еден во Истанбул, еден во Белиташир. Друга важна операција е Израел, каде што е стационирана нашата технологија, канцелариите за поддршка на нашите операции и од таму ја добиваме целата поддршка. Активни сме и во Баку, Азербејџан, но и во Хонконг, во Кина, од каде што го покриваме кинескиот пазар. За просторите на поранешна Југославија, вклучувајќи ги и Албанија и Грција, работиме од седиштето во Белград. Вкупно оваа групација има повеќе од 300 вработени и илјадници, илјадници клиенти од кои многумина се исклучително успешни. разговараше Билјана Арсовска