Зеленски го намалува влогот во воената игра – веќе е доцна
Објавено во: Колумни 01 Април, 2024
Претседателот на Украина, Владимр
Зеленски, минатата недела во интервју за CBS искажа
можност за преговори меѓу Русија и Украина. Тие би почнале уште пред Украина да
излезе на границите од 1991 година. „Јас сум уверен дека кога Путин ќе ги
загуби териториите кои ги контролира од 2022 година, тој ќе ја изгуби довербата
дури и од оние земји, кои до денес се сомневаат дали да ја поддржуваат Украина
или не. Тој ќе ја загуби и власта во својата земја. Кога тоа ќе се случи, тој
ќе биде подготвен за дијалог. И тогаш задолжителен меѓународен услов за мир
треба да биде ослободувањето на сите наши територии, територијалната целосност
на Украина“. Во суштина, при таков развој на настаните Украина тогаш би
преговарала за враќање на Крим и на
Донбас.
Од каде ваквата промена на Зеленски кон преговори со Русија?. Украинската власт не еднаш изјавуваше дека има намера да ги врати сите територии кои ги зела Русија. Крим во 2014 година, а есента 2022 година и Доњецката Народна Република и Луганската народна Република и Запорошката и Херсонската, област после референдумите. Откако тоа беше направено, Зеленски го донесе указот-декретот за забрана на преговори со Москва, додека претседател е Владимир Путин. Кон крајот на минатата година, Зеленски прашањето за преговори со Москва го нарече неактуелно. За него најважна е украинската „формула за мир“, а Русија кон преговори може да биде викната кога ќе се разработи план за „воспоставување на праведен мир“. „Формулата за мир“ е од десет точки, вклучувајќи повлекување на руските војски на границите од 1991 година, ослободување на сите воени заробеници, суд за воени злосторства и др.
За најновиот чекор на Зеленски има два одговора. Првиот е дека изјавата му е наменска, со оглед на тоа дека засега не му поминува „Формулата за мир“. Дипломатите од Швајцарија, која беше замолена од Украина да организира таква конференција, шпартаат ширум светот во потрага на учесници на конференцијата. Молат, убедуваат, но работите никако да тргнат во посакувана насока. Особено кај земјите од Глобалниот Југ и големите држави, кои не воведоа санкции против Русија и покрај непосредните и посредните дипломатски притисоци од Западот. Па, конференцијата која беше најавувана за мај, можеби јуни, најверојатно ќе има нов датум. Ако воопшто се одржи, според сегашната замисла.
ЗЕМИ ИЛИ ОСТАВИ
Главните играчи Кина, Индија, Јужна Африка и Бразил имаат резерви кон таква конференција. Пред се’, поради намерата на неа да не биде поканета Русија. Туку да се подготви документ, кој потоа би и се дал на Русија со нагласка „земи или остави“! А Русите не само што не ја сметаат Швајцарија како заслужен домаќин, која пак нагласи дека и Русија би требала да учествува на таква конференција, туку отворено и’ велат дека таа ја изгубила неутралноста, поддржувајќи ја Украина во конфликтот, па немаат намера да одат на конференција кај неа.
Се чини најголем болка за Зеленски е несакањето на Кина да дојде во Швајцарија. Кина има план од 12 точки. Неодамна во Киев беше специјалниот претставник на кинеското МНР, Ли Хуеј. Тој најверојатно отворено им ги кажал на Украинците кинеските замисли за мир. Но, се чини, во нив има работи кои не му се допаѓаат на Киев. Па така донеодамнешниот секретар на Советот за национална безбедност на Украина, Алексеј Данилов, на телевизијата го навреди кинескиот дипломат, со игра на зборови. „ Не разбирам кој може да се расфрла и да зафаќа со нашите територии, нашите земји..Затоа што некој к***ц, се извинувам такво му е презимето, дека тие треба да го решаваат тоа. Тоа ќе го решава народот на Украина...Нашата позиција е едноставна и јасна: руската војска треба да замине од Украина, а после тоа ние ќе почнеме за нешто да преговараме“, изјави Данилов.
Кинезите не одговорија на прашањето за изјавата на Данилов. Во кинеското МНР изјавија дека и натаму ќе се залагаат за мировни преговори за Украина со „свои методи“. „Позицијата на Кина е јасна и доследна. Ние секогаш сме се стремеле да имаме конструктивна улога за обезбедување на прекин на огнот, прекин на борбените дејства и политичко решавање на кризата и ќе продолжиме да убедуваме во неопходноста за мир и ќе придонесуваме со свои сопствени методи, за да дојде до што побрзо политичко решавање на кризата“, изјавија од кинеското МНР. А, Данилов, само десетина дена по изјавата беше сменет од функцијата секретар на СНБУ, и како што е соопштено ќе оди во дипломатија. Веројатно Зеленски сфатил дека нема играње со навреди кон кинеските дипломати. Особено кога ти се потребни како лепче.
НОВАТА РЕАЛНОСТ
Реакцијата на руските власти на изјавата на Зеленски не се чекаше долго. Димитриј Песков, портпаролот на Кремљ го повтори она кое што е кажано досега повеќе пати и од Кремљ и од руското МНР. Преговори се можни, но притоа да се води сметка за новата реалност. Тоа се новите четири територии на Русија. „Геополитичката реалност од почетокот на „Специјалната воена операција“, кардинално се промени, се променија и границите и на Украина и на Руската Федерација. Имаме нови четири субјекти, и за тоа треба да се води сметка“, рече Песков. И претседателот Влдимир Путин не еднаш изјави дека не е против обновување на преговорите, но за тоа е потребно Зеленски да го укине својот декрет за забрана преговори со руската власт. Исто така тој нагласува дека преговори со Украина, со земјите од ЕУ и САД би се воделе само со водење сметка за интересите на Москва.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во петокот во интервју за весникот „Известија“ изјави дека Русија ќе ја гарантира безбедноста на Украина, но доколку се води сметка и за нејзината безбедност. Тој се залага за договор за еднаква безбедност за сите учесници во процесот на договарање за Украина. Тоа е руската позиција. „Како тие принципи би се реализирале, може да се разбере, само кога ќе се седне да се преговара“, вели Лавров. И ги отфрла сите ултиматуми кои се повторуваат од Зеленски, неговите газди во Европа, и во Лондон и во САД. Па бара сериозно разгледување на проблемите во сферата на безбедноста, врз основа на прифаќање на реалноста на теренот. „И врз основа на гаранции на законските интереси на Русија“, додаде Лавров.
Вториот одговор за изјавата на Зеленски лежи во воената рамнина. Демек, Украина ќе се стреми да ги врати териториите заземени и присоединети кон Русија. Како, кога во разни интервјуа вели дека Украина чекор по чекор ќе се повлекува, доколку САД, пред се’, не и дадат воена помош. Во интервју со Дејвид Игнатиус од „Вашингтон пост“, Зеленски се жали дека немаат ПВО, ни ракети „Патриот“, ни средства за радиоелектронска борба, ни муниција од 155 милиметри... А без сето тоа ќе треба да се повлекува. Украина сака да се подготвува за нова контраофанзива и доколку не се подготви, тогаш тоа би го направила Русија. Затоа неа и се потребни парите кои треба да ги одобри Претставничкиот дом. Околу 60 милијарди долари. Зеленски вели дека и покрај противењето на САД, Украина ќе продолжи да бомбардира енергетски објекти и инфраструктура во внатрешноста на Русија, како одговор на руските напади. Тој тврди дека претседателот на САД, Џо Бајден, е многу внимателен, затоа што се плаши од нуклеарен напад од страна на Русија. Според него, Путин не е умен. „Кога се караш со умен човек можеш да сметаш на борба според правила. Но борба со итрец е секогаш опасна“. Конечно, Зеленски предупредува дека критичарите на помошта за Украина не разбираат дека доколку Украина изгуби, тогаш Путин ќе го подели светот на пријатели и на непријатели на Русија. Се чини дека и ова интервју на Зеленски е уште еден притисок врз САД, преку влијателни медиуми, да се добие најавената помош.
ДВЕ СЦЕНАРИЈА
Како што стојат сега работите, Украина не може да се надева дека брзо ќе ги врати териториите освоени од Русија после 2022 година. Желбата е едно, но реалноста е сосема друга. Воениот експерт на германски „Билд“, Јулијан Репке, кој секојдневно известува од војната во Украина, вели дека шансите Украина да ги врати своите територии во наредните години „клонат кон нула“. Според него, Киев сега е пред две сценарија на развојот на ситуацијата. Првото е прекин на војната по линијата на фронтот, а второто е натамошна загуба на територии поради офанзивата на Русија. Овие сценарија можат да се спречат само доколку нагло порасне количеството и квалитетот на западното оружје во текот на годинава и доколку Киев мобилизира не помалку од 300 илјади војници во наредните 12 месеци. Но, според Репке, ова повеќе личи на „прикажување на посакуваното како вистина“. Тој смета дека победата на Украина „ не е во интерес на тие, што можат да ја обезбедат, давајќи и потребно оружје“. Ова значи дека Западот ја саботира борбата на Украинците. И дека не се вистински зборовите дека „ќе ја поддржуваат Украина до пораз на Русија“ или „онолку колку што е потребно“ или „во рамките на можностите“. Патем, во текот на април треба да се собере Претставничкиот дом на Американскиот конгрес и конечно да гласа за помош на Украина. Во каков вид и колку, засега ништо не се знае.
Ако изјавата на Зеленски не е некаков пробен балон, тогаш се поставува прашањето, зашто му е потребно сега да ја дава? Дали Украина конечно согледува дека ќе мора да преговара за мир? Некни, дури и Илон Маск предупреди дека таа може да ја загуби и Одеса и излезот на Црно Море! Во Русија се повеќе има повици за одење на Харков и освојување на нови територии. Дали изјавата на Зеленски е дадена за да се покрие фактот дека вчера таму требаше да се одржат претседателски избори! Да се оттргне вниманието од тој факт, а кој предизвика бура од најразлични мислења, па дури се доведува во прашање и легитимноста на Зеленски после 20 мај, кога му истекува мандатот.
Конечно најголема загатка е зошто Зеленски сега вели дека по воен пат ќе ги врати териториите од Русија освоени по инвазијата од февруари 2022 година, а потоа тоа би можело да го принуди Путин на преговори за другите територии. Крим и Донбас. Но како и со што ќе ги врати териториите? Од друга страна, ако треба да се преговара за нив, тогаш зошто воопшто војуваше Украина. Таа на маса ги имаше Минските договори со кои и се гарантираше сувереност и територијален интегритет на цела територија, освен Крим. Зошто во војната настрадаа стотици илјади ранети и загинати Украинци. Зошто беше отфрлен и предлогот за договор од Истанбул? Многу прашања кои немаат јасен одговор. Украина сега не е способна да ги врати териториите. Обидот за нивното враќање по воен пат, само ќе ја продолжи војната во недоглед, со нови стотици илјади настрадани. А без неизвесен епилог.
Конечно, Зеленски ќе треба да се обрати и до неговите спонзори, кои се помалку го есапат. Да му ги потврдат нивните вистински намери. Сакаат или не сакаат мир. Или сакаат војна. И под кои услови. Ако не го направи тоа, тогаш Москва ќе разговара со нив. Поаѓајќи од нејзините интереси. Кога самиот Зеленски вели дека Џо Бајден е многу внимателен, бидејќи се плаши од нуклеарен напад од Русија, тогаш треба да му е јасно колку е саатот. Ваквите изјави се за мали деца, но не и за американскиот претседател. Се чини дека веќе се цртаат контурите на натамошниот развој на работите. И не најповолно за Украина. Намалувањето на влогот во воената игра, преку враќање на Крим и Донбас по пат на преговори е задоцнет потег.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.