29 Септември, 2024
0.0616

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ВОЗРАСТА ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ: Кога одат во пензија комшиите?

Објавено во: Анализа 20 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Се готват законски измени со кои старосната граница за пензионирање во Македонија ќе се зголеми за една година, објавија вчера дел од медиумите, повикувајќи се на неименувани владини извори. Според овие информации, наместо 62 години за жени и 64 години за мажи, во иднина жените ќе заминуваат во пензија на 63, а мажите на 65 години. Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, македонската Влада досега воопшто не разговарала за менување на старосната граница за пензионирање. Еве како е во остатокот од регионот: ХРВАТСКА Според Законот за пензиско осигурување во Хрватска кој е на сила од почетокот на годинава, право на старосна пензија до крајот на 2030 година имаат сите осигуреници со навршени 65 години живот и 15 години стаж. По 1 јанури 2031 година, старосната граница ќе се поместува секоја година за по три месеци, со што од 2038 година право на старосна пензија ќе остварува осигуреник со навршени 67 години и 15 години стаж. За жените, меѓутоа, е воведен преоден период до 2030 година кога ќе се изедначат со мажите. Возраста за пензионирање уште сега се зголемува за три месеци годишно, така што во 2014 година хрватските жени одат во пензија со 61 година старост и 15 години стаж. Право на предвремена пензија од почетокот на 2014 до 2013 година има осигуреникот со навршени 60 години живот и 35 години стаж. Од 2031 година и оваа граница се поместува за три месеци, па во 2038 година право на предвремена пензија ќе имаат граѓаните со навршени 62 години и 35 години стаж. И во овој дел жените веќе постепено се изедначуваат со мажите, па нивната граница за предвремена пензија уште од сега се поместува. Хрватскиот закон предвидува и пенали за предвремено пензионирање, со што се стимулира покасното заминување во пензија. ЦРНА ГОРА Во Црна Гора осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наврши 67 години и најмалку 15 години пензиски стаж или кога ќе наврши 40 години работен стаж. Услов за предвремена старосна пензија се навршени 62 години и најмалку 15 години стаж. На жените како дополнителен стаж им се запишуваат и по шест месеци за секое родено дете. СРБИЈА Српското Министерство за труд ги објави предлог-измените на пензискиот закон, според кои жените како и мажите во Србија ќе заминуваат во пензија на 65 години. Ова ќе значи драстично зголемување на старосната граница за пензионирање на жените во Србија – од сегашните 60 на 65 години. Сепак, зголемувањето ќе се врши етапно, цели 18 години. Така од 1 јануари секоја година рокот за заминување во пензија ќе се зголемува за шест месеци, а во 2020 година жените во Србија ќе заминуваат во пензија на 63 години. Потоа старосната граница ќе се зголемува за два месеци годишно, се до достигнувањето на планираните 65 години во 2032 година. За предвремено пензионирање се воведуваат казнени поени, а за раѓање на дете се признава дополнителен стаж – жена со едно дете добива шест месеци дополнителен стаж, со две деца една година, а со три деца – две години. БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА Во Босна и Херцеговина ентитетите имаат различни законски решенија за пензионирање. - Во Република Српска според законот кој е на сила од почетокот на 2012 година, во пензија оди осигуреникот (и мажи и жени) со навршени 65 години старост и најмалку 15 години осигуран стаж. Маж кој нема навршени 65 години живот може да замине во пензија и на 60 години, но со 40 години пензиски стаж. Жените кои немаат навршени 65 години, можат да заминат на старосна пензија и на 58 години, доколку имаат 35 години стаж. Предвремено пензионирање од оваа граница е можно само со инвалидска пензија. - Право на старосна пензија во Федерацијата Босна и Херцеговина стекнува осигуреникот кога ќе наврши 65 години и најмалку 20 години пензиски стаж. Освен ова, осигуреникот има право на старосна пензија и со 40 години стаж, без разлика на возраста. Законот во Федерацијата предвидува и право на предвремена пензија за мажи на 60 години со 35 години стаж и за жени на 55 години со 30 години пензиски стаж. СЛОВЕНИЈА Право на заминување во пензија во Словенија сега има осигуреникот ако има најмалку 58 години и 4 месеци старост и 40 години стаж без докуп за мажи, односно 58 години старост и 38 години и 4 месеци стаж без докуп за жени. Границата и таму се поместува секоја година за четири месеци, а 60 години старост и 40 години стаж ќе биде услов за пензионирање во 2018 за мажи и во 2019 за жени. Во пензиски стаж на жените им се пресметуваат и децата - едно = шест месеци, две = 16 месеци, а пет или повеќе = 48 месеци. На мажите во стаж им се пресметува и задолжителното служење на воениот рок. Б.А.