Добивај вести на Viber
Според вчера-усвоениот Закон за просторно и урбанистичко планирање, од март наредната година урбанистичките планови ќе можат да се носат само со една третина од гласовите на советниците во секоја општина и во градот Скопје.
Оваа одлука Жерновски ја оценува како трагикомична бидејќи ова не важи и за одлуките што се носат во Собрание на РМ. „Ако одлуките се носат само со една третина, што е со гласовите на другите две третини од советниците. Очигледно власта не може да го прежали Центар. Донесоа четири измени на законите, кои се носат само за да се задоволат нечии интереси во Центар“, изјавил Жерновски одговарајќи на новинарско прашање посочувајќи дека овој закон треба да падне на Уставен Суд кој што според него е политизиран.
„Ова само не тера да се бориме посилно„, рекол Жерновски.
За спорниот ДУП кој дозволува изградба на десеткатница на Водно, за кој што Уставниот Суд се прогласи за ненадлежен, потписот, според прописите, треба да го стави Претседавачот на Советот на општина Центар.
Градоначалникот на Центар најави дека на седница на Советот, по Нова Година, ќе предложи раскинување на договор за кредит за нова катна гаража.
„Немам намера да ја градам катната гаража. Таа не е од интерес на граѓаните. Убеден сум дека мнозинството граѓани повеќе сакаат нивните пари да бидат наменети за нови градинки и училишта, отколку за катни гаражи и споменици“, потенцира Жерновски.