ЖИВОТ НА „ШКРГИ”: Зошто трошиме повеќе од што имаме?
Објавено во: Економија 10 Април, 2016 08:35
Последните податоци од Државниот завод за статитистика покажуваат пораст на трошоците на живот за свежо и разладено овошје, јајца, шеќер, кондиторски производи, конзервиран и преработен зеленчук, прехрамбени производи, риба, течно гориво за домаќинство, средства за лична хигиена.
Од друга страна нето-месечната плата во земјава, според последните статистички податоци изнесува 22.254 денари, односно ако едно семејство живее само една просечна плата, тогаш за да ги подмири месечните потреби, му недостасуваат 10 071 денари.
Висок процент од граѓаните едвај крпат крај со крај
Според статистичките податоци само 9% од вработените земаат повисока плата од 20,000 денари а 2,3% повеќе од 30,000, додека останатите преживуваат со околу 200 евра месечно. Токму поради разликите меѓу месечните приходи и трошоци за живот висок процент од граѓаните не можат да задоволат ниту основните животни потреби. Последниот Иконограф на Институтот за економски истражувања и политики „Finance think”, покажува дека 43.2% од граѓаните на Македонија се сиромашни или социјално исклучени, 35.7% сериозно материјално обесправени односно не можат да си задоволи барем 4 од 9 основни животни потреби, а дури 22,1 процент месечно живеат со 7.200 денари.Високи 54 прценти од граѓаните не можат да си дозволат оброк со месо или риба секој втор ден, 40,3 отсто не можат да платат комуналии и кирии, 26,3 проценти не можат да го затоплат сопствениот дом, скоро 11 проценти од граѓните не можат да си дозволат да посетат доктор.
-Ако некој сака да ја искриви вистинската слика на сиромаштијата во земјава, ќе каже само, дека стапката на сиромаштија во земјава се намалила на 22. 1%, за 2.1. процентни поени во однос на претходната година. Но, тоа не е доволно. Токму затоа ние во „Finance Think” ги визуелизиравме податоците од Лаекен индикаторите и Анкетата за приходи и услови на живеење, за да ја прикажеме реалната слика на овој општ проблем во Македонија. За жал, таа е поразителна. Скоро половина од населението е сиромашно или социјално исклучено.Очигледно е дека оние „традиционални“ пасивни мерки за намалување на сиромаштијата, попознати како социјални трансфери, имаат влијание врз стапката на сиромаштија во земјава, бидејќи без нив, истата би изнесувала 41.7%. Податоците се недвосмислени дека намалувањето на сиромаштијата се должи токму на она 5-процентно зголемувањето на пензиите и социјалната заштита. И, тоа секако е позитивно, се` додека не врши значаен притисок на јавните финансии. Меѓутоа, она што загрижува е отсуството на пад на сиромаштијата воден од растот, на пример поради отсуство на (повеќе) можности за заработка, вели Деспина Туманоска од Институтот за економски истражувања и политики „Finance think”.
Анализите покажуваат дека иако македонската економија има раст од 3,7 отсто, сепак тоа не се рефлектира и врз стандардот на граѓаните ниту пак врз намалување на сиромаштијата.
-Податоците се фрапантни. Ако го погледнеме БДП според доходниот метод, за кој последните податоци се за 2013 година, ќе забележиме дека средствата на вработените - што всушност се сведува на платите - во однос на претходната година се намалиле за 2%, додека нето-деловниот вишок на фирмите, што го вклучува профитот, пораснал за над 24%. Овие растови се пресметани на вредностите по тековни цени, но може да претпоставите дека колку и да бидат големи или различни дефлаторите на двете категории, сепак се работи за многу голема разлика во двете бројки и недвосмислен показател дека растот го „узурпираат“ сопствениците на капиталот, додека работничката класа се` повеќе осиромашува. Затоа сиромаштијата не се намалува брзо, односно она намалување што го гледаме кај сиромаштијата главно се должи на повисоките пензии, а не на растот на економијата, вели Туманоска.
Според Националниот извештај за милениумски развојни цели, лани Македонија требаше да има стапка на сиромаштија од 9,5 проценти, но целта не се оствари.Според економистите намалувањето на сиромаштијата може да се постигне со повисоки издвојувања за мерки на пазарот на труд, но и со ургентни мерки за порамномерна распределба на доходот во општеството, така што од растот на економијата бенефит би имале сите во поеднаква мера.
Т.С
Можеби ќе ве интересира
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




