06 Јуни, 2020
0.0192

Животот во Водно

Објавено во: Колумни 23 Февруари, 2020

Снимив долга исповед на Борче Петрушевски, стар скопјанец, водјанец, кој тогаш требаше да го прослави 83-от роденден. Таа за мене беше и слика на некогашно Скопје и на Водно маало.Ви пренесувам дел (во прво лице еднина) онака како што ја кажа скоро во еден здив познатиот смучар, докажан стопанственик,а веќе долга низа години претседател на Одборот на скопските Бадникари.......

41-ва година, 6-ти април почна војната, ние не знаевме што е тоа, по сугестија на некој од комшиите во бавча ископавме ровови во форма цик-цак и тука се криевме кога почнаа бомбардировките. Во тоа време во Водно  имаше доста Срби вработени во железницата. Кај нас имаше кираџија машиновозач Божо, жена му Катица и два сина имаше, Драги и Миќо. Тие веднаш си отидоа за Србија.

По некое време, незнам колку, доаѓаат Бугарите ослободители, им приредивме свечен дочек кај Автокоманда. Бидејќи татко ми беше симпатизер на Бугарите веројатно и член на ВМРО Ванчомихијаловистичка ме закитија со лента бугарско знаме црвено- бело- зелено преку рамо и јас бев на дочекот на војниците. Кога доаѓаа Бугарите тоа  беше пешадија, место чизми и цокули имаа опинци и долги пушки со бајонет на нив. Доаѓаат Бугарите, се успостави бугарска власт со администрација, школство, медицина.

Животот си течеше нормално. Снабдевањето со намирници за живот: леб, шекер, зејтин и друго зимавме со бонови кај браќата Санде и Михо они имава бакалница карши нашата крчма у Водно, сега е кебапчилница таму. Во тоа време Водно беше мало од школото нагоре немаше куќи сето беа лозја со неколку вили како што беа вила Мацура, вила Вучковиќ и други, погоре веќе беше село Долно Водно, кое во 50-те години принудно го иселија во Жданец за тука да се изградат куќи за нашите раководители. Населбата Жданец и популарно меѓу народот се вика Зорле во превод значи со сила. Од рампа до школото имаше пет меани, Баина Башта, Топчидер, нашата се викаше меана Водно, карши нас беше меана Сонце и погоре кај сегашната словенската амбасада кафана Извор, така и беше името. Покрај меаните имаше три фурни првата беше кај што е сега Фуфо во истата куќа, другата карши долниот дел на болница, третата во нашата улица Васил Левски. Газда беше Чедо Стојановиќ од Ниш, кој по доаѓањето на Бугарите си отиде за Србија. Тука остана  син му Ацо кој го смени презимето во Стојаноски,  и е еден од основачите на Жито Лукс  и  долгогодишен раководител. Карши болница имаше пиљарница на газда Лазо, имавме касапница, имаше и кондураџија Крпач. Имаше и берберница на некој си Владо Пауновиќ- Србин кој одма по капитрулацијата на Југославија  си отиде за Србија. Погоре на местото на словенската амбасада имаше браварска работилница на Антон Ручигај, имаше млекарница газда Марко, а нашата кафана беше најпосетена зашто имавме и билјард.

Јас иако малечок научив да играм многу добро. Второ и трето одделение учев на бугарски јазик, а четвртото на македонски во школо Кочо Рацин. Детството мое како и на моите другарчиња беше играње топка (парталава), играње џамлии, навечер жмурки и криенки, поголемите и постарите од нас играа фанта, а ние само гледавме. Кога го завршив основното школо учев во гимназијата  Цветан Димов таканаречена втора мушка, до полуматура и после отидов во техничко школо, четири години.

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Немирите во САД - златна жила за антиамериканска пропаганда

Немирите во САД - златна жила за антиамериканска пропаганда

Нацијата која не може да избега од самата себе!

Нацијата која не може да избега од самата себе!

КОВИД-19 - шансата на векот за македонската економија?

КОВИД-19 - шансата на векот за македонската економија?

Битиќи VS Лазаров: Ќе му помогнат ли ваучерите на домашниот туризам

Битиќи VS Лазаров: Ќе му помогнат ли ваучерите на домашниот туризам

ФЕР e ...

ФЕР e ...

Хоби или бегање од секојдневјето?

Хоби или бегање од секојдневјето?

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Наркоманска лицемерна нација!

Наркоманска лицемерна нација!

Трамп го затвора отвореното небо!

Трамп го затвора отвореното небо!