ЗК „Пелагонија“ на слатки маки! Што ќе направи со 8,2 милиони евра добивка?
Објавено во: Економија 03 Јули, 2024
Се очекува добивката која во најголема мерка е дивиденда на земјоделскиот комбинат од акциите во гасната централа „Пелагонија енерџи“ да одат во унапредување на производството и зголемување на конкурентноста преку оптимизација на трошоците.
Најголемата македонска аграрна компанија најавува инвестициска офанзива вредна 8,2 милиони евра. Имено, акционерите на компанијата на претстојното собрание закажано за претпоследниот ден во јули ќе одлучат дали целата добивка од работењето во 2023 година ќе ја наменат за реинвестирање.
Токму тоа е предлогот што за нив го дава водството на компанијата. За тоа што ќе направи компанијата со овие 8,2 милиони евра ќе одлучат најголемите акционери: скопската градежна компанија „Софија градба“ (поседува 22,7 отсто од акциите), Златко Пирузе (поседува 17,55 отсто акции), таткото и синот Цветан и Дејан Панделевски (заедно поседуваат 19,8 отсто акции), скопската компанија „Агро Инвест“ (поседува 9,9 отсто од гласовите на собрание) и Снежана Георгиева која управува со 5,2 отсто од акциите.
Во предлог одлуката нема образложение во кое ќе биде објаснето за која намена може да бидат вложени овие пари. Неофицијално средствата се наменети за зголемување на конкурентноста преку намалување на трошоците на производство и оптимизација во деловните процеси на најголемиот земјоделски комбинат во земјава.
Како што веќе пушувавме минатата година ЗК Пелагонија ја заврши со добивка од 8,35 милиони евра. Во најголема мерка добивката на оваа компанија е резултат на приливот од дивиденда од акциите кои ги поседува во „Пелагонија Енерџи“ нејзината фирма – ќерка за производство на електрична енергија од био гас. За што повеќе детали има на овој линк https://faktor.mk/koj-e-naj-babam-vo-bitola-od-dividenda-naplati-8-milioni-evra
Минатата година за прв пат во седум години ЗК Пелагонија наплати 8 милиони евра дивиденда од своите акции во гасната централа, која е единствена од таков тип во Македонија. Всушност „Пелагонија енерџи“ како суровина за производство на метан го користи шталското ѓубре од нејзините краварски фарми во Пелагонија.
Токму енергијата произведена од био гас е една од еколошки најчистите и заради тоа има и високи субвенции и поддршка од државата. Поточно за секој произведен мегаватчас струја од био гас „Пелагонија Енерџи“ наплата 180 евра.
Постројката за производство на електрична енергија е во целосна сопственост на ЗК „Пелагонија“. Земјоделскиот комбинат покрај големите, погоре во текстот, наброени шест акционери има и над 470 акционери – домашни физички лица кои поседуваат речиси 14 отсто од акциите со право на глас во таа битолска компанија.
Р.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.