Добивај вести на Viber
Белградскиот весник „Политика“ направи прва проценка за тоа колку ќе чини обновата на куќите оштетени во катастрофалните поплави што ја зафатија оваа земја.
Според првичните проценки, за да се среди домот ќе бидат потребни меѓу три и пет илјади евра, но само во случај објектот да не е оштетен толку многу што ќе треба да се урива.
Истражувањето на српските новинари покажало дека овој износ е доволен за да се покријат само најосновните работи и набавката на најевтини апарати за домаќинство и мебел. Во случај да е оштетен покривот, да треба да се менуваат плочки или електрична инсталација, тогаш се потребни многу повеќе пари.
Српските банки најавија дека подготвуваат начин како по најповолни услови да им понудат на семејствата кредит со подолг грејс-период и помали камати за да можат да си ги обноват домовите. И трговците подготвуваат нови услови за плаќање и посебни понуди за оние од поплавените подрачја, но и тоа е уште во најава.
Засега, на српските граѓани како начин за бескаматно плаќање на рати им се нудат чековите, кои и натаму се во употреба во оваа земја, како и бескаматниот кредит, за кој е потребно учество од околу 30%.
Според препораките на Управата за цивилна заштита, српските граѓани од поплавените подрачја треба да го фрлат целиот мебел од иверка, креветите, тапацираниот мебел, душеците, кои е невозможно целосно да се исчистат или дезинфицираат. Освен ова, речиси сите апарати во поплавените домови не се за употреба.
Голем број домови се целосно уништени и ќе мора да бидат урнат и изградени одново.