25 Април, 2024
0.0323

Зошто барањата на Екатерина Захариева можат да ги поништат македонско-бугарските односи

Објавено во: Македонија, Колумни 21 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Како суверена држава, Република Северна Македонија е на стојалиште дека треба да стане дел од Европската Унија (ЕУ) како правен ентитет sui generis, кој како таков, од своја страна има определено правила за зачленување односно услови за прием на нови членки. Како и во случајот со другите држави-аспиранти за членство во Унијата, и Македонија треба да исполни определени критериуми, кои е од суштинска важност да бидат исполнувани односно оценети како исполнети до моментот на официјален формален влез во ЕУ.

Се наоѓаме во следната точка на дијагноза: пред официјално започнување на преговорите за членство, кои, пак, од своја страна генерално означуваат процес на утврдување на степенот на развој во различните подрачја релевантни од аспект на ЕУ, утврдување на точки за преговарање, адаптирање и менување на фактичката состојба (преку т.н. отворање поглавја, а во согласност со новодонесената Методологија од 2019/20 година). Овој процес означува детално и сеопфатно трансформирање на македонското општеството во европско, во кој ЕУ и Македонија ќе ги утврдат сите подрачја и детали (читај: поглавја) за кои ќе се преговара (читај: ќе треба да се сработат). Во оваа точка на дијагноза (иако, рака на срце, и порано, а и подоцна) секоја земја-членка на ЕУ (ќе) има право да дава забелешки, сугестии, препораки, но и услови, кои новата земја-членка ќе треба да ги исполни (во случајов Македонија).

Користејќи го ова свое право на држава-членка, Бугарија преку министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, на 17.11.2020 година излезе со три услови кои, според министерката, е неопходно да бидат исполнети, односно да се гарантира дека ќе бидат исполнети. Посочувам, условите се дадени во контекст на одржувањето прва заедничка конференција на ниво ЕУ-МК, односно во контекст на усогласувањето на преговарачката рамка МК-ЕУ. Дословно, изјавата на Захариева која беше пренесена и од македонските медиуми, гласи.

...Настојувавме (се мисли на бугарските претставници во ЕУ) во преговарачката рамка да влезат три основни услови:

1.Придржувањето до формулата за јазикот од 1999 година која потоа беше потврдена со Договорот од 2017 година.

2.Мапа за исполнување на Договорот од 2017 година

3.Многу јасен и изричен текст дека нема да се поддржуваат претензии за македонско малцинство во Бугарија“.

Како што веројатно знае и самата Захариева, која е адвокат по професија, за определен правен однос да може да биде условен, од правен аспект е суштинско секој претпоставен услов да се испита дали е:

- (не)возможен

- (не)дозволен

Значи, условите како начин на уредување на определени правни односи се генерално дозволени, не се забранети, односно доколку се во контекст на предметот на договор и за нив се согласат сите инволвирани страни, можеби условите ќе бидат прифатени. Сепак, од суштинско значење е (правно, но првенствено) рационалното и критичкото ставање на условите пред своевиден лакмус-тест поставувајќи две основни прашања:

-Дали е возможно условот/ите да биде/ат исполнет/и, a имајќи ги предвид можностите, капацитетите, обврските спрема себе и другите, но и научните и технолошките достигнувања на човештвото?;

-Дали е дозволено да се постави таков услов, т.е. дали поставувањето на таквиот услов е легално поведение?

Со други зборови, дозволен е условот кој не е контрадикторен со сите други веќе постоечки правни одредби (од релевантни Устав, закони, меѓународни договори) и кој не е противречен со (добриот) обичај и јавниот морал. Еден трет услов, кој се изнедрува некако логички е дека дозволен и прифатлив би можел да биде само услов кој не противречи сам со себе.

Возможен услов, од друга страна, е услов кој може да го оствари безмалку секое здраворазумско битие, со просечна интелегенција и успешно завршено средно образование. Значи, условот е возможен ако може секој со разумно големо залагање, способности, желба и труд да биде остварен. И покрај растегливоста на разумноста како поим, секоја страна која е спремна да учествува во правен однос со услови, треба да се придржува до стојалиштето дека тоа е лесно определива категорија, во кој однос значајно е да се имаат предвид можностите и капацитетите на инволвираните страни.

Битно за напомена е дека овие два услови треба да се исполнат кумулативно (заеднички), во моментот на нивното договарање, и неисполнувањето на макар еден од овие два претходно споменати подуслови од предложениот услов прават парампарче, како што ќе видиме подолу. Ако лакмус-тестирањето заврши успешно, односно се „исполнат условите“ за поставување услови, тогаш така понудените услови стануваат подобни за (не)прифаќање од другата страна. Со други зборови, поставувањето на услов кој е невозможен или недозволен создава една генерално апсурдна, но реална правна последица: целокупниот правен однос, иден договор, или што-и-да-е, станува непостоечки. Значи, таквиот однос станува неѕвездена прашина. Го (с)немува!

Претставено апликативно и делумно визуелно по точки:

Опција I

1.Бугарија сака да стави услов

2.Условот се испитува дали е возможен и дозволен

3.Ако поединечен услов е возможен и дозволен (кумулативно)

4.Условот се комуницира со Македонија

5.Условот се прифаќа и потврдува или се враќа на доработка или се разговара и менува итн.

Oпција II

1. Бугарија сака да стави услов

2. Условот се испитува дали е возможен и дозволен

3. Ако поединечен услов не е возможен или не е дозволен (алтернативно)

4. Условите понатаму не се комуницираат ниту дискутираат, т.е. се смета дека не постоеле (условите, а со тоа и договорот односно правниот однос стануваат ништовни).

Да се фокусираме - зошто трите услови на Захариева се недозволени и невозможни, односно (можат да) ги (по)ништат македонско-бугарските односи?

1. „Формулата за јазикот од 1999“ всушност е начин на кој се именуваат двата јазици на Република Бугарија и Република (сега Северна) Македонија билатерално, како земји-потписнички на Заедничката декларација од 22.02.1999 година, каде е определено дека таа е потпишана на ...официјалните јазици на двете земји - бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија и македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија, при што двата текста имаат еднаква важност“. Користењето на формулата за јазикот од 1999 е невозможен услов бидејќи прашањето за начинот на именување на македонскиот јазик е веќе завршена/пресудена работа (res iudicata), која во Заедничката декларација е само потврдена.

Истото поради тоа што: внатрешно, македонскиот јазик е кодификуван јазик, определен како службен во Уставот, постои Закон за употребата на македонскиот јазик, и меѓу другото, токму според правилата на истиот тој јазик, е определено дека во овој момент на развој на реченицата, за таа да се заврши, треба да се стави . (со зборови: точка). Меѓународно, македонскиот јазик е потврден и формално запишан во листата на јазици на Обединетите Нации уште во 70-тите години на 20. век, има ISO број, стандардизиран е. Материјално-суштински и апликативно: македонскиот јазик е изучуван на безброј универзитети по славистика, има свои лекторати низ светот, признаен е од релевантната лингвистичка наука, преведуван е со децении на различни јазици. Преведуван е и на бугарски, како што е ред.

Од друга страна, „формулата за јазикот“ е недозволен услов бидејќи формулата за јазикот е употребена во сосема различен контекст - во билатерален однос, како што е споменато и погоре, неповрзано со процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, впрочем во моменти во кои и самата Бугарија не е членка на ЕУ. Значи, недозволено и недозволиво е поставувањето на ваков услов во контекст на европското проширување со Македонија.

2. Поставувањето „мапа за исполнување на Договорот“ (се мисли на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка склучен на 02.08.2017 година помеѓу Република Бугарија и Република Македонија) од 2017 година е недозволен услов и услов кој е контрадикторен со самиот Договор согласно кој двете страни-потписнички се обврзале (ова е веќе одредба влезена во правниот промет, (и треба да) се применува) да ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзино пристапување кон Европската унија и НАТО.“ Дополнително, јасно и конкретно е утврдена обврската на Бугарија, сега веќе како член на европскиот клуб, да го „сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија...

Значи, Бугарија треба да го „сподели своето искуство“ со братска Македонија. Според онлајн Webster речникот зборот братство (fraternity, кој во конкретниот случај е посоодветен термин од brotherhood) истовремено означува и: ...Мan of the same class, profession, occupation, character, or tastes... Значи Бугарија покрај од правен, и од човечки, братски аспект, треба да помогне, а не туѓото искуство да го направи одвратно и отежнато со умисла.

Конечно, за да не дојде до недоразбирање, да повториме дека самите цел и дух на Договорот од 2017, изразени и преку членот 2 став 2 не (!) се однесуваат на помош при исполнување на неопходни критериуми за членство на Македонија во Бугарската академија на науките, туку се однесуваат на помош при исполнувањето на неопходните критериуми за членство во Европската унија (!). Таму јазиците и различните народи се прифаќаат и почитуваат.

3.Условот на Захариева за прифаќање на многу јасен и изричен текст дека нема да се поддржуваат претензии за македонско малцинство во Бугарија е недозволен бидејќи ова прашање е решено и регулирано со стандардите и актите на ЕУ но и ОБСЕ и Совет на Европа и како такво е исто така пресудена работа (res iudicata), и останува само да биде применета од бугарските институции во пракса, согласно споменатите стандарди.

Дополнително, постојат и огромен број судски пресуди на Европскиот суд за човекови права со кои се утврдува правото на слободно уверување и изразување на сопствената етничка припадност на граѓаните на Бугарија од етничка македонска припадност. Конечно, самиот обид за мешање во личните определби на граѓаните на Бугарија е недозволено.

И последно – овој трет услов е услов контрадикторен со самиот себе. Зарем да не би постоело македонско малцинство во Бугарија ќе бил исправен како бандера ваков услов пред Македонија? Поставувањето услов за неподдржување на претензии за македонско малцинство во Бугарија е на граница на апсурд бидејќи изјавата и условот во себе содржат потврда за инаку реалниот факт дека македонско малцинство во Бугарија постои. Е сега, според колешката по право Захариева, само ќе треба тоа малцинство „претенциозно да не се поддржува“?!

Да сумирам и апелирам – бидејќи Бугарија (што во брзање, што од несмасност) ја одбра опцијата II од погоре, ќе треба да отстапи од трите услови и да се врати на европските определби за меѓусебна поддршка и соработка, Европската Унија како клучна страна во целиот процес ќе треба да продолжи со плодотворната поддршка на целиот процес и да изнајде механизми преговорите за членство со Македонија да се отворат што поскоро, а Македонија ќе мора да се фати со работа како ништо да не се случило.

Златко Кујунџиски, магистер по меѓународно право и меѓународни односи

Можеби ќе ве интересира

„Ако ЕУ барем малку нѐ почитува, ќе забрани азил на македонски функционери“: еве што вели доктор Беќаровски

„Ако ЕУ барем малку нѐ почитува, ќе забрани азил на македонски функционери“: еве што вели доктор Беќаровски

„Ај честито влез во БРИКС во комбинација со нова преговарачка рамка со ЕУ“: Колозова распали по изборните резултати, еве што вели

„Ај честито влез во БРИКС во комбинација со нова преговарачка рамка со ЕУ“: Колозова распали по изборните резултати, еве што вели

МАКСИМ ПОБЕДИ ВО КУМАНОВО, ЈАКИМОВСКИ ГО ЗАГУБИ КАРПОШ, ТАРАВАРИ СО ТЕСНА ПОБЕДА ВО ГОСТИВАР: Попрецизна анализа на изборниот исход

МАКСИМ ПОБЕДИ ВО КУМАНОВО, ЈАКИМОВСКИ ГО ЗАГУБИ КАРПОШ, ТАРАВАРИ СО ТЕСНА ПОБЕДА ВО ГОСТИВАР: Попрецизна анализа на изборниот исход

„НАБРГУ ЌЕ ВИДИТЕ ДЕКА СЕ САМО НОВО ПАКУВАЊЕ НА ИСТА МАТРИЦА“: Ванковска вели дека изборот е социјализам или варварство

„НАБРГУ ЌЕ ВИДИТЕ ДЕКА СЕ САМО НОВО ПАКУВАЊЕ НА ИСТА МАТРИЦА“: Ванковска вели дека изборот е социјализам или варварство

„ПРОФЕСОРКАТА СИЛЈАНОВСКА ГО ПРЕГАЗИ СТЕВО КАКО АВТОБУС“: Со коментар на изборите се јави и Грчева

„ПРОФЕСОРКАТА СИЛЈАНОВСКА ГО ПРЕГАЗИ СТЕВО КАКО АВТОБУС“: Со коментар на изборите се јави и Грчева

ВО НЕДЕЛА ТЕМПЕРАТУРИ И ДО 28 СТЕПЕНИ: Доаѓа очекуваното затоплување

ВО НЕДЕЛА ТЕМПЕРАТУРИ И ДО 28 СТЕПЕНИ: Доаѓа очекуваното затоплување

ДИК ГИ КОМПЛЕТИРАШЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ВЧЕРАШНИТЕ ИЗБОРИ: Гордана убедливо најмногу гласови, еве ги точните бројки

ДИК ГИ КОМПЛЕТИРАШЕ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ВЧЕРАШНИТЕ ИЗБОРИ: Гордана убедливо најмногу гласови, еве ги точните бројки

ИВОР МИЦКОВСКИ: Ако успеат да не коалицираат со ДУИ и да направат нешто..., ВМРО-ДПМНЕ ќе газат со години

ИВОР МИЦКОВСКИ: Ако успеат да не коалицираат со ДУИ и да направат нешто..., ВМРО-ДПМНЕ ќе газат со години

(ВИДЕО) Ечат македонската химна и народни песни на скопскиот плоштад

(ВИДЕО) Ечат македонската химна и народни песни на скопскиот плоштад